Хрватска сака Србија да ги процесира воените злосторства
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Хрватските официјални претставници велат дека Загреб ќе ја блокира европската интеграција на Србија ако Белград не ги процесира воените злосторства извршени на хрватска територија во текот на 90-тите години.
Загреб сака Србија да ги гони лицата обвинети за воени злосторства во Хрватска во 90-тите години, прашање што може да се претвори во клучна точка за понатамошната европска интеграција на Белград. Официјалните претставници и експертите велат дека смирувањето на тензиите околу ова прашање е од витален интерес за двете нации.
Хрватскиот министер за правда, Орсад Миљениќ, за SETimes изјави дека ако сака да „се соочи со проблемот на воените злосторства“, Србија мора да ги суди високите армиски офицери.
Голем број поранешни команданти и водачи од српско потекло се или затворени или им се суди за воени злосторства во Хаг, но многу од обвинетите се сè уште во затвор.
„Хрватска ќе ги примени, единствено и исклучиво, апсолутно истите критериуми за Србија кои беа применети за [нас] кога пристапувавме во Европската унија“, рече хрватската министерка за надворешни работи, Весна Пусиќ. „Ништо повеќе, но и ништо помалку.“
Односите меѓу Хрватска и Србија се влошија по ослободувањето на српскиот политичар Воислав Шешељ, кој беше обвинет од страна на трибуналот на ОН за воени злосторства за сериозни воени злосторства. Хаг го ослободи Шешељ во средината на ноември, по што Шешељ продолжи со говор на омраза во Белград, а највисоките српски официјални претставници не се дистанцираа од неговата воена реторика.
Пусиќ рече дека случајот на Шешељ не смее да биде причина за назадување на односите меѓу двете земји.
„Секогаш кога ќе се подигнат тензиите од каква било причина, ние не треба да им даваме ветер в грб, туку треба да го издишиме балонот и да го спуштиме на земја. Наша должност е да им го олесниме, а не да им го отежниме животот на луѓето – во комуникациите, работата, соработката на економски план, каде што Србија и Хрватска имаат многу заеднички интереси и можности“, додаде таа.
Српските власти велат дека се подготвени да ги судат воените злосторници, но посочуваат дека Хрватска нема право да му држи лекции на Белград.
Српската министерка задолжена за европските интеграции, Јадранка Јоксимовиќ, рече дека Хрватска е „заробена во минатото“.
„Очигледно во Хрватска не постои волја и способност сите да се свртиме кон иднината и подобрата соработка во регионот. Но, ако не сакаат, тоа покажува дека се заробени во минатото, за кое и ние би имале нешто да кажеме“, рече Јоксимовиќ.
По серија разменети изјави, српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, истакна дека регионалната соработка ќе биде во фокусот на српското претседателство со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) оваа година.
„Сметам дека нашиот регион се движи во вистинската насока и очекувам нашето претседателство да ѐ даде дополнителен поттик на регионалната соработка“, изјави Дачиќ за новинарите во Белград.
Предраг Симиќ, професор на белградскиот Факултет за политички науки, рече дека влошувањето на односите помеѓу Белград и Загреб е лошо за регионот, но дека европската интеграција на Србија ќе биде попречена само ако хрватската позиција ја поддржат најважните членки на ЕУ и САД.
„Спорот меѓу Белград и Загреб не е добар бидејќи тие се важни земји во регионот“, рече Симиќ во изјавата за SETimes.
Од 2004 година српското обвинителство за воени злосторства подигна обвиненија во 44 случаи, од кои 35 се завршени.
Заменик-обвинителот Бруно Векариќ рече дека иако моментно се судат недоволен број високи армиски офицери, сè уште се работи на прашањето.
„Можам да прифатам дека нивото или рангот на лицата кои се наоѓаат на одредени функции не се доволно обработени во предметите на воени злосторства, но цело ова време ние сме сервис на Хашкиот трибунал. И како сервис им помагаме да дојдат до одредени пресуди“, рече Векариќ.
Извор: SETimes