И за спор од 9 милиони евра компаниите не мора да одат на суд | Правдико

Правдико

   

И за спор од 9 милиони евра компаниите не мора да одат на суд

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Повеќе од 150 правници, адвокати, економисти, претставници на бизнис-секторот, судии, како и домашни и странски експерти од областа на арбитражното право во вторник ќе присуствуваат на меѓународната конференција посветена на арбитражата во регионот на ЦЕФТА, која ќе се одржи во Скопје.

arsenТие ќе споделат искуства за развојот и унапредувањето на арбитражното решавање на трговските спорови, но и ќе го промовираат овој начин на надминување на несогласувањата меѓу фирмите надвор од судовите. Kонференцијата ја организира македонскиот Постојан избран суд-Арбитража при Стопанската комора на Македонија, со финансиска поддршка на Федералното министерство за економска соработка и развој на Германија. Учеството на оваа конференција е без котизација, а секој учесник бесплатно ќе ги добие материјалите од конференцијата. 

Претседателот на македонскиот арбитражен суд, професор д-р Арсен Јаневски, вели дека една од целите на конференцијата е да се популаризира арбитражата како начин за решавање на трговските спорови, односно да се намали бројот на ваквите предмети кои, ако не е договорена арбитража, ги решаваат судовите. Покрај тоа, конференцијата ќе биде шанса да се разменат искуства со претставниците на повеќе странски арбитражни институции пишува Дневник.

– Арбитражата во Македонија постои десетици години, но спорови со меѓународен елемент почнаа да се решаваат по распадот на поранешна Југославија, односно од 1993 година. И покрај нејзиното долго постоење во земјава, бројот на предметите што ги добиваме е с` уште мал. Во последните неколку години имавме триесетина предмети, односно по 4-5 предмети во текот на годината. На арбитража најчесто инсистираат странски фирми кога имаат спор со домашна компанија.

Зошто кај нас интересот за арбитража с` уште е мал?

– Според мене има две причини. Едната е затоа што компаниите не се доволно информирани за овој начин на решавање на споровите, а втората е затоа што многу мал број од странките ги знаат предностите што ги нуди арбитражата во однос на решавањето на споровите пред судовите. За да може еден предмет да се најде на решавање пред арбитражен суд, треба да се исполнат неколку услови. Односно, странките слободно да можат да располагаат со предметот на спорот и тој предмет да не е во исклучива судска надлежност. Освен овие услови, потребно е странките да договориле во случај на спор предметот да го решава Арбитража.

Kои се предностите што ги спомнувате?

– Пред Арбитража постапката е едностепена и странката против одлуката на Арбитража нема право на жалба, што не е случај со одлуките на судовите, што е една од причините зошто во судовите постапките траат долго, со години. Арбитражата е многу побрза, поефикасна, а вкупните трошоци на постапката се пониски отколку во класичната судска постапка. Просекот на решавање на предметите пред нашата Арбитража е од шест месеци до најмногу една година, во зависност од сложеноста на предметот на спорот. Друго, кај арбитражата странките можат да избираат јазик, што е добра предност во постапките каде што една од странките е странска компанија. Странците честопати немаат доверба во судовите во земјата каде што работат затоа што се плашат од пристрасност. Kај арбитражата тоа го нема, зашто секоја странка може да предложи свој арбитер. Тој не е правен застапник на странката, но таа има доверба во него. Арбитерот може да биде и од странство, да е експерт од областа од која е предметот на спорот, што дава гаранција за квалитетно одлучување.

Kои арбитри се побарани, домашните или странските?

– Интересно е што странците генерално именуваат домашни арбитри. Јас сум бил арбитер во десетина арбитражи и од моето искуство произлегува дека исходот на спорот воопшто не зависи од националноста на арбитерот. Тоа значи дека арбитрите многу водат сметка за квалитетот на одлуките, за почитувањето на правото. Искуството покажува дека странците имаат доверба во нашите арбитри. Нема никаков проблем и ако странката инсистира на странски арбитер, но и тие се свесни дека тоа ги зголемува трошоците на постапката. Досега сме немале проблем ни со спроведувањето на одлуките, без разлика дали станувало збор за домашна или странска компанија. Нема наша одлука што не била извршена во целост.

Имаат ли навика нашите компании кога се работи за спор меѓу две домашни фирми, да бараат арбитража?

– Мал е бројот на домашните компании што немаат странски елемент, а сакаат спорот да го решат со арбитража. Затоа ни е важно да ја афирмираме оваа можност, да знаат дека постои. Истовремено и да ги едуцираме во меѓусебните договори да вметнуваат арбитражна клаузула, која ќе биде основа за евентуалните спорови да ги решаваат со арбитража.

За какви спорови најчесто ве бараат компаниите?

– Има различни спорови. Голем дел се за неисплатени обврски, проблеми со неквалалитетна изведба, надомест на штета и слично. Најголемиот спор што го имавме беше за неисплатени 9 милиони евра меѓу две фирми, од кои едната беше странска компанија. Арбитражниот совет овој спор го реши за нецела година и на наше задоволство, одлуката беше извршена.

И ЗА ДРЖАВАТА ИСТИ УСЛОВИ

Дали може да има арбитража во случаи кога една од странките е државата?

– Државата може да се појави пред арбитража кога е во позиција на рамноправна странка, односно е партнер при склучувањето на договорите. На пример, во случаи кога државните институции склучуваат договори за набавка на различни стоки и услуги. Во овие случаи нема пристрасност, односно нема опасност дека државата ќе биде привилегирана.

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико