„ИАБ Македонија“ усвои Саморегулаторен етички кодекс на онлајн-издавачите во Македонија | Правдико

Правдико

   

„ИАБ Македонија“ усвои Саморегулаторен етички кодекс на онлајн-издавачите во Македонија

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Собранието на здружението за интерактивно огласување „ИАБ Македонија“ едногласно го усвои предлогот за усвојување Саморегулаторен етички кодекс на добри професионални практики во дигиталното издаваштво на територијата на Р. Македонија, со кој се пропишуваат правилата за фер, етички и добри професионални практики на медиумските издавачи во врска со креирањето и објавувањето содржини, производи и услуги што ги нудат преку своите дигитални медиуми.

Кодексот (кој може да се симне од следниов ЛИНК) претставува прв чекор во процесот на средување и зајакнување на дигиталниот пазар. Покрај другите одредби, Кодексот предвидува и посебни правила за преземање содржини од други извори, заштита на податоците на корисниците, транспарентност на издавачите на дигиталните медиуми, продажба на реклами и комерцијални објави и слично.

Претседателот на „ИАБ Македонија“, Борис Ефтимовски, по повод донесувањето на Етичкиот кодекс, изјави: „Ова е значаен чекор кон исполнувањето на нашата цел за зголемување на кредибилитетот на онлајн-медиумите, а со тоа и обемот на целокупниот огласувачки колач предвиден за домашните дигитални издавачи. Со Кодексот сакаме да направиме дистинкција на транспарентните и професионални дигитални издавачи и да им дадеме поголема вредност во целиот медиумски и огласувачки екосистем, па оттаму ги повикуваме сите сериозни интернет-издавачи и тие што претендираат да бидат такви да го прифатат Етичкиот кодекс на ИАБ, без разлика дали се или не се членови на здружението“.

Сите медиумски издавачи што ќе го прифатат Кодексот ќе добијат специјален ИАБ-беџ и ќе бидат внесени во посебна база на интернет-страницата на „ИАБ Македонија“, со што на огласувачите и маркетинг-агенциите ќе им биде испратен сигнал кои медиумски издавачи ги почитуваат саморегулаторните етички начела и се придржуваат кон фер практиките на дејствување. За добивање ИАБ-беџ ќе може да аплицираат сите дигитални издавачи во Македонија што ќе ги исполнат предвидените насоки од документот и ќе се придржуваат кон начелата предвидени во Етичкиот кодекс.

Здружението за интерактивно огласување „ИАБ Македонија“ претставува водечка асоцијација за унапредување на дигиталниот пазар во Република Македонија, формирана од страна на најголемите македонски дигитални медиуми, маркетинг-агенции и огласувачи. „ИАБ Македонија“ функционира под лиценца на американскиот ИАБ со седиште во Њујорк.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико