Имотен лист ќе може да се добие преку Интернет | Правдико

Правдико

   

Имотен лист ќе може да се добие преку Интернет

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Дистрибутивниот систем ќе биде достапен онлајн 24 часа за сите правни и физички лица во земјата и во странство. Во зависност од желбата и потребата на корисникот, бараните податоци може да се добијат во дигитална или во хартиена форма.

katastar-guzva-banskoliev-(117)

АГЕНЦИЈАТА ЗА КАТАСТАР НА НЕДВИЖНОСТИ ПРОМОВИРА НОВА УСЛУГА

Граѓаните и правните лица од денеска можат да нарачаат податоци од Агенцијата за катастар на недвижности преку Интернет на веб-страницата http://ossp.katastar.gov.mk/OSSP. Покрај податоци од Катастарот на недвижности, на новиот портал на Катастарот се достапни и геодетски, картографски и податоци од регистарот на просторни единици за целата територија на Македонија.

Директорот на Катастарот, Славче Трпески, вчера ги претстави потребните три чекори за добивање имотен лист и за сите други податоци од дистрибутивниот систем. Првиот чекор, како што рече, е пребарување на саканиот имотен лист преку број на катастарска парцела, број на имотен лист или со директна селекција од мапа, вториот чекор е додавање во кошничка за купување и негово плаќање преку Интернет, а третиот чекор е преземање на имотниот лист, кој е електронски потпишан и е јавна исправа.

Дистрибутивниот систем ќе биде достапен онлајн 24 часа за сите правни и физички лица во земјата и во странство. Во зависност од желбата и потребата на корисникот, бараните податоци може да се добијат во дигитална или во хартиена форма. Дигиталните податоци се за 20 отсто поевтини од хартиените податоци.
– Имотен лист во електронска форма ќе чини 150 денари, а доколку се порача преку дистрибутивниот систем во хартиена форма ќе изнесува 183 денари и уште 70 денари за поштенски трошоци – информира Трпески.

Податоците што се издаваат во електронска форма, појасни, се официјално достапни податоци потпишани со дигитален сертификат на Агенцијата за катастар на недвижности и се јавни исправи што можат да се користат пред други државни органи, банки и други институции што имаат информациски системи. Издадените податоци во хартиена форма, пак, ќе бидат испорачани на адресата наведена во барањето преку брза пошта.

– Со дистрибутивниот систем што го воведе Катастарот корисниците на многу едноставен начин, само со три чекори, ќе можат да добијат имотен лист од каде било, од својот дом, од работното место, дури и кога се во движење. Овој систем ќе може да го користат сите граѓани во државава и во странство, како и градежни и геодетски компании, јавни институции, општини, министерства – информира министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска.

Таа додаде дека предностите од воведувањето на електронските услуги се многубројни, но сите се однесуваат на ефикасноста во испораката и квалитетот на добиените услуги.

– Клучен аспект се и задоволството на крајните корисници, намалувањето на можностите за грешка, реализацијата на голем број услуги во краток временски рок, намалувањето на редовите пред шалтерите, а со тоа и скратување на потребното време за добивање на услугата – рече Арсовска-Томовска.
Министерството за информатичко општество и администрација, како што информира, е во фаза на проектирање национален портал што ќе ги обедини сите е-услуги на едно место, обезбедувајќи притоа една точка за услуги за сите корисници.

Геопорталот ќе биде достапен на македонски, албански и на англиски јазик, што овозможува негова широка употреба. Катастарот работеше на негова имплементација една година.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико