Информации кои ќе ви помогнат да одлучите дали спорот да го решите во судска постапка или со медијација | Правдико

Правдико

   

Информации кои ќе ви помогнат да одлучите дали спорот да го решите во судска постапка или со медијација

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Човековата природа е таква да во текот на работниот и воопшто животниот век секому може да се случи да западне во спорен однос од безброј причини, без оглед дали сме го предизвикале настанувањето на спорот или пак сме се нашле во спорен однос без лично влијание или вина.

За да се создадат поволни услови за  поправање, негување и зачувување пред се на  коректни меѓучовечки односи во иднина и после решавањето на одреден спор, односно за да продолжи корисната бизнис релација со деловниот партнер и по настанат според однос, никогаш нема да се направи грешка доколку  решение на спорот се побара во постапка на медијација, а не во судска постапка.

Медијацијата е постапка во која две или повеќе спротивставени страни во спор покажале добра волја доброволно да го решат спорот по пат на преговарање и со посредство на трето неутрално лице медијатор.

Уште во самата дефиниција за Медијација, оваа алтернативна постапка на решавање на споровите суштински се разликува од судската постапка, па овие две постапки вопшто не треба да се поистоветуваат.

За разлика од судската постапка која во однос на медијацијата е поконзервативна, медијацијата претставува постапка која на покреативен начин овозможува изнаоѓање на уникатно решение на еден спорен однос водејќи се пред се од интересите на страните во спорот.

Дали еден спорен однос  е подобро да се реши во судска постапка или во постапка на медијација зависи од тоа каков ни е личниот став по однос пристапот кон решавање на еден спор, односно дали сме со изграден тврд став дека сме во  право, без да и дадеме можност на  другата страна да го каже своето, дали се водиме од желбата за реваншизам, оветољубивост, или пак сме свртени кон иднината, или сме можеби попустливи или пак  сме креативни и се трудиме да изнајдеме начин како да се заджи натамошна комуникација или соработка со страната со која  настанал спорот.

Значи, мора да се согледа личното и гледиштето на спротивната страна кон есенцијалниот елемент на секој спорен однос – конфликтот, па потоа да се донесе вистинската одлука за начинот на решавање на спорот.

Ова секако води кон заклучокот дека неможе да се констатира генерално ниту дека судската постапка е подобра за решавање на еден спор во однос на постапката на медијацијата, ниту пак дека постапката на медијација е подобра за решавање на еден спор пред судската постапка.  Одлучувачки е пристапот кон начинот на решавање на спорот и што сакаме да постигнеме, која е нашата цел.

Бидејќи Медијацијата како начин на алтернативно решавање на споровите е релативно нова постапка во однос на судската постапка, без оглед што нејзината примена се актуелизира во втората половина на дваесетиот век, а и сеуште недоволно се промовира можноста за користење медијација, најважно е сознанието дека секој има избор, демократско право да  одлучи како ќе пристапи кон решавање на спорот.

За да се направи најдобриот избор како да се реши конкретен спор, потребно е да се познаваат разликите помеѓу овие две постапки.

1.

Судската постапка се иницира со поднесување тужба до надлежен суд, при што задолжително тужителот мора да ја плати и судската такса за тужба, а исто така потребно е да достави со тужбата и докази во поткрепа на наводите од тужбеното барање.

Медијацијата се иницира со поднесување на Барање за спроведување постапка на медијација до лиценциран медијатор, при што истото не се таксира и не повлекува никакви други парични давачки, а нема потреба во прилог на барањето веднаш да се доставуваат и било какви докази освен документи кои содржат основни податоци за страните (лична карта, тековна состојба и полномошно).

2.

Судската постапка се води пред судија кај кој е доделен предметот според АКМИС системот за распределба на предметите и тужителот нема право на избор на судечкиот судија кој ќе постапува во решавањето на спорниот однос.

Во медијација страните кои се во спорен однос имаат право на избор, тие самите ќе одлучат кој лиценциран медијатор ќе ја спроведува постапката на медијација.Имаат право  да изберат и повеќе медијатори кои заедно ќе посредуваат во решавањето на нивниот спор. Изборот на медијатори се врши од Листата на лиценцирани медијатори објавена на интернет страната на Министерството за Правда на РМ

3.

Судската постапка е строго формална постапка пропишана со закон, додека медијацијата е неформална постапка за чиј тек и начин на спроведување одлучуваат заемно страните со посредство на медијаторот. Судската постапка се спроведува исклучиво во судовите (освен кога се работи за рочиште за увид на лице место и сл.) додека во Медијацијата нема ограничување од ваков тип, па страните можат да изнајдат и предложат заемно и покреативни решенија каде ќе се спроведе постапката на медијација.

4.

Судската постапка се поведува со поднесување на тужба од една од страните  во спорот која е во својство на тужител, па така за тужениот оваа постапка не само што не е доброволна всушност е принудна бидејќи истиот е ставен во ситуација да се брани од тужителот. Отсуството за тужениот од судската постапка води кон пораз и задолжување со предизвиканите трошоци.

Во медијацијата, постапката е во целост доброволна и за двете страни, што значи, дали ќе се решава еден спор по пат на медијација зависи подеднакво од двете страни во спорот, а не само од оној кој ја иницирал прв постапката.Доколку спротивната страна која е поканета во медијација да се реши еден спор не сака да учествува, медијацијата нема ниту да се спроведе, односно ќе се смета дека обидот за мирно решавање на спорот, не успеал.

5.

Судските постапки се јавни постапки, што значи отворени се за јавноста и секој може да присуствува на судските рочишта (се разбира освен во постапките каде изричито со закон јавноста е исклучена) додека медијацијата е нејавна постапка и при нејзиното спроведување учествуваат само спротивставените страни и медијаторот, односно и трети лица но само доколку страните дадат согласност за нивно присуство. Медијацијата пак е одлична можност за решавање на спорните односи далеку од очите на јавноста и со активно учество единствено на страните кои во спор. Заради карактерот на доверливоста на овој вид постапка, при спроведувањето на медијацијата не се водат посебни писмени записници како во судската постапка и секоја од страните е должна да го чува во доверба се она за кое се преговара во постапката на медијација.

6.

Во судската постапка, заради утврдување на вистинската фактичка состојба и  материјална вистина, се изведуваат докази (писмени и усни докази кои странките задолжително треба да ги предложат на подготвително рочиште).Во отсуство на докази во поткрепа на одредени наводи и ставови, странките ризикуваат да го изгубат спорот. Така, јачината на доказното средство игра клучна улога при донесувањето на судската одлука.

Во постапката на медијација страните воопшто немаат потреба да изведуваат било какви докази за да поткрепат некое свое тврдење или став бидејќи медијацијата се базира на интересите на страните во преговорите кои тие ги водат. Ова не ја исклучува можноста сепак доколку било која од страните смета дека има интерес да приложи доказ кој би помогнал кон донесување на спогодба за решавање на спорот истиот и да го приложи во приговорите.

7.

Судската постапка се фокусира на точки околу кои странките не се согласуваат што е од значење при донесувањето правилна одлука, додека во медијацијата пак напротив фокусот е ставен на точките околу кои странките се согласуваат како би дошле до заемна спогодба како решение на спорот.

8.

Во судската постапка се применуваат законските правила и прописи при утврдување на правата, за разлика од медијацијата која акцентот го става на утврдување на интересите на страните за побарувањата со кои слободно располагаат истите.

9.

Во судската постапка, одлука за решавање на спорот донесува судијата, при што странките немаат никакво влијание во донесувањето на одлуката. Се случува странките и воопшто да не дадат изјава пред судот при решавањето на спорот ако не е предвдено да се употреби како доказ изјава на тужителот односно тужениот, што води кон заклучокот дека улогата на странките во судската постапка е многу пасивна. Впрочем и кога странката има можност да даде своја изјава за спорот, тоа може да го стори тогаш кога ќе дозволи судијата а не кога тоа ќе го посака странката.

Во постапката на медијација, медијаторот учествува само како посредник помеѓу страните во решавањето на спорот, така што истиот нема никакво влијание за постигнување спогодба. Всушност неговата улога во овој сегмент е доста пасивна бидејќи освен да ги насочува странките, медијаторот и не дава предлози за решавање на спорот, за разлика од страните кои се креатори на спогодбата за решавање на спорот и тие ја имаат активната улога во носењето на заемната спогодба. Медијаторот ја изготвува спогодбата на страните но според тоа како ќе му наложат страните се разбира доколку се работи за побарувања со кои страните можат слободно да располагаат.

10.

Во судската постапка странките немаат влијание на текот на постапката и истите мора да учествуваат до завршувањето на судската постапка.Притоа нема никаква можност да отстапат од понатамошното учество без негативни последици. Во постапката на медијација секоја од странките може да одлучи повеќе да не учествува во преговарањето за што го известува медијаторот. Медијаторот не користи никакви мерки на присила за да обезбеди учество на страните во преговори. Преговорите се одвиваат исклучиво врз основа на принципот на доброволност па така се додека постои волја кај страните медијацијата ќе се одвива, а кога  ќе настапи причини заради која една од страните смета дека не е нејзин интерес да учествува во постапката, само со известување без посебно образложение ќе отстапи од постапката и медијацијата ќе се смета за завршена без последици за било која од страните.

11.

Во судската постапка спорот се решава со донесување на судска одлука – пресуда/решение/судско порамнување, додека во медијацијата спорот се решава со донесување на спогодба ако е позитивен исходот од преговорите, или писмена изјава доколку изходот на постапката е негативен и страните не постигнале решение на спорот.

12.

Судската постапка трае многу подолго од постапката на медијација. Всушност поради врзаноста на постапката со одредени рокови, како и поради двостепеноста на судската постапка со оглед на фактот дека секоја незадоволна странка има право да користи редовен правен лек против пресудата на понискиот суд, до повисокиот суд, оваа постапка може да трае и со години, за разлика од постапката на медијација која зависно од тоа како и кога е иницирана може да трае најмногу до 60 дена. Имено, доколку медијацијата започнала откако е веќе иницирана судска постапка, а по барање на странките до судот да се обидат спорот да го решат по пат на медијација, согласно одредбите од ЗПП, постапката на медијација може да трае до 45 дена, додека ако медијацијата е иницирана пред судската постапка по иницијатива до медијатор од било која од страните, медијацијата според одредбите од Законот за медијација може да трае најмногу до 60 дена. Меѓутоа, во праксата медијацијата најчесто се одвива во многу пократок временски рок и истата може да трае и само неколку часа, зависно од волјата на страните дали и како ќе го решат спорот.

13.

Ова од друга страна ја прави постапката на медијација многу поефикасна во однос на судската постапка бидејќи кога има добра волја и решителност да се изнајде заемно решение на спорот, спорот ќе биде решен за експресно брзо време и нема потреба да се чекаат роковите кои пак во судската постапка се строго пропишани и траат прилично подолго од роковите во медијацијата.

Во судската постапка при донесувањето на пресуда (без оглед дали се усвојува тужбеното барање или пак се одбива) една од странките останува незадоволна, тоа е страната што го губи спорот, па така послаби се изгледите дека помеѓу страните во спор повторно ќе постои добар или макар коректен однос.

Во постапката на медијација, кога истата успешно  завршува, со постигнување на спогодба, се воспоставува помеѓу страните во спорот win – win  ситуација па многу подобри се изгледите нивниот добар и коректен однос да се задржи и да продолжи и во иднина. Двете страни преговарајќи од позиција пред се на личен интерес доаѓаат до точките кои ги зближуваат ги утврдуваат заемните интереси а тоа води кон спогодување од кое и двете страни се задоволни што е исклучително важно посебно и во бизнис секторот заради задржување на добри бизнис релации во иднина.

Сите погоренаведени разлики помеѓу судската и постапката на медијација се однесуваат за граѓанските и стопански спорови кои се медијабилни според чл.1 ст.2 од ЗМ:  имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови  од областа на образованието, заштитата на животната средина спорови во врска со дискриминацијата како и други спорови  каде што медијацијата  одговара на природата  на спорните односи  и може да помогне за нивно разрешување.

Автор: Лиценциран Медијатор Роза Алексова

моб.071 390 960
rozaaleksova@yahoo.com

Препорачуваме

Партнери на Правдико