Правдико

   

Интерпол во борба против сајбер-криминалот

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Откривање на криминалци на интернет, покривање на безбедносните дупки,обука на полицајците во врска со сајбер-криминалот-тоа се задачите на нов Центар за иновации на Интерпол во Сингапур, во соработка и со индустријата.

0,,18373090_303,00

Какви опасности демнат од сајбер-просторот, се покажа при хакерскиот напад врз француската телевизија ТВ5 Монд на 9 април. Растечкото преплетување на реалниот свет со дигиталниот не отвора само нови шанси за ширење на благосостојбата и знаењето, за слободен развој на поединците. Растечката зависност од интернет раѓа и нова ранливост. Државните служби, како армиите и тајните служби, но и криминалците и, како што покажува случајот со ТВ5 Монд- терористите, ги користат новите технологии и нивните слабости. За да не стане зависна од технолошкиот натпревар меѓу криминалците и полицијата, Меѓународната полициска организација Интерпол уште пред пет години реши да формира во Сингапур Интерпол Глобал Комплекс за иновации, кратко ИГЦИ. Со извесно задоцнување, Центарот беше предаден вчера во употреба (13.04.2015).

Паралелно, денеска првпат е отворен „Интерпол ворлд“, безбедносен конгрес со околу 8 илјади учесници и посетители. Експертите ќе дискутираат на четири тематски области-покрај сајбер-безбедноста, ќе се расправа и околу граничниот менаџмент, безбедноста на синџирите за лиферување и на градовите.

Техниката треба да го скроти напливот информации

„Интерпол ворлд“ истовремено важи и за еден вид саем на растечката индустрија за безбедност. На веб-страницата на „Интерпол ворлд“ со гордост се наведува фактот што на речиси 30.000 квадратни метри изложбен простор се присутни 250 фирми-излагачи, меѓу кои и оние со седиште во Сингапур.

Директорот Волфганг Милер-Витинг во интервју за Дојче веле ги објаснува допирните точки меѓу неговите истражувања и полициската работа: „Во светот на поплавата на информации, ние нудиме алатки кои на корисникот му помагаат да препознае непознати мустри. Суштината е овие визуелни анализи да се употребат во безбедносен контекст.“ На таков начин може полесно да се препознаваат воочливи мустри и да се разоткријат евентуални деликти во мрежата. Институтот Фрауенхофер и ИГЦИ освен тоа дискутират и околу потесна соработка надвор од „Интерпол ворлд“.

ИГЦИ во основа е конципиран врз база на тесна соработка меѓу партнерите, покрај Институтот Фрауенхоф, и со приватни фирми. Директорот на ИГЦИ Нобору Накатани за Дојче веле образложува дека улогата на ИГЦИ, меѓу другото, се состои во тоа да стави на располагање платформа за поддршка на 190-те земји-членки на Интерпол преку приватниот сектор.

„Во ИГЦИ секојдневно работат осум претпријатија рамо до рамо со нашите вработени во Интерпол. Меѓу другото, тие вршат надзор над илегалните пазари за оружје и дрога. Други се занимаваат со анализа на штетните софтвери и компјутерските вируси.“

Преплетување на Интерпол и индустријата

Блискоста на индустријата и полицијата наидува и на критики. Политикологот Хајнер Буш веќе десет години следи „засилена поврзаност на полицијата со новоформираната безбедносна индустрија.“ Проблемот е што Интерпол, како најголема светска полициска организација со 190 земји-членки, со тоа се грижи за распространување на техниката за надгледување и во недемократските, угнетувачки држави. Еден пример: во „Интерпол ворлд“ е претставена и фирмата од информативно-техничката бранша ФинФишер, со седиште во Минхен. Нејзините „државни тројанци“ не ги купува само германската влада. Според извештаи во медиумите, софтверот на ФинФишер го користи на пример и Бахреин за да ја шпионира опозицијата. Освен тоа, Интерпол во 2013 година се најде во фокусот на јавноста поради договорите за соработка со индустријата во милионски суми. ФИФА, тутунскиот концерн Филип Морис, конгломерат од фармацевтски фирми- сите тие уплатиле милионски суми кај меѓународната полициска организација, хронично „гладна“ за пари. Истражувањата на „Зидојче цајтунг“ велат-26 проценти од вкупниот буџет на Интерпол од 78 милиони евра се добиени од фирми и фондации.

За отворањето-удар против Ботнет

На отворањето на ИГЦИ Нобору Накатани меѓутоа беше горд на најновите успеси на неговата организација. Во акција организирана од ИГЦИ на 9 април беше откриен Ботнет Симда, кој предизвика инфицирање на околу 800.000 компјутери низ цел свет. Во Холандија беа запленети десет командни и контролни сервери , како и дополнителни во САД, Русија, Полска и Луксембург.

Главната централа на Интерпол во Лион, истакна самоуверено Накатани, ја врши својата работа врз база на претходни искуства. Но, на Интерпол му треба платформа со која ќе ги поддржува земјите-членки во целосно новите форми на криминал во ерата на интернет. Криминалците не се двоумат околу употребата на најновите технологии, истакнува директорот. Полициските служби, меѓутоа, најрадо би работеле според старите практики, и често се колебливи во примената на нови технологии. Оваа тенденција се засилува преку бирократските пречки при внесувањето на најновите техники. ИГЦИ дејствува против овој проблем.

ИГЦИ игра и друга улога: таа е прва голема Интерпол организација во Азија, ако не се земе во предвид бирото со само петмина вработени во Банкок. Африка има пет регионални претставништва, едно има во Латинска Америка и Средна Америка, едно во Њујорк за ОН и едно во Брисел за ЕУ, објаснува Накатани. Преку ИГЦИ сега Интерпол е присутен и во Азија.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико