Правдико

   

Итна средба на Советот за безбедност на ОН за Северна Кореја

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Советот за безбедност на ОН ќе се собере денеска попладне на итен состанок за Северна Кореја по барање на Токио и Вашингтон, откако Северна Кореја утринава истрела ракета која прелета над Јапонија.

Претходно лидерите на САД и на Јапонија се договорија „да го зголемат притисокот врз Северна Кореја“, посочи јапонскиот премиер Шинѕо Абе.

По лансирањето на ракетата, државниот секретар на САД Рекс Тилерсон и јужнокорејската надворешна министерка Кан Кион-хва се согласија да разгледаат построги санкции против Северна Кореја, се наведува во соопштение од Сеул.

Јапонското Министерство за одбрана смета дека ракети, како оние кои беа денеска истрелани од Северна Кореја можат да стигнат до територијата на тихоокеансикиот остров Гуам, каде има воени објекти на САД, изјави министерот за одбрана Ицунори Онодера, пренесува ТАСС.

– Максималниот дострел на ракетата може да е околу 5000 километри. Природно е можно таа да стигне до Гуам, рече тој.

Според јапонските власти, истреланата ракета прелетала близу 2700 километри, на висина до 550 километри и паднала во Тихиот Океан. Јапонското Министерство за одбрана смета дека станува збор за ракета со среден дострел, веројатно „Хвасон-12“.

Портпаролот на јужнокорејската претседателска администрација, соопшти дека по лансирањето на ракетата од Северна Кореја борбени авиони на Сеул извршиле вежба со фрлање на бомби на воен полигон.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап цитира неименуван извор од администрацијата на јужнокорејскиот претседател, според кој, Пентагон ја разгледува можноста да распореди стратешки сили на Корејскиот Полуостров.

Според дипломатски извори, Советот за безбедност на ОН има можности да наметне нови санкции на Пјонгјанг. Нафтениот сектор, на пример, беше исклучен од последните санкции наметнати во почетокот на август.

Сепак, експертите наведуваат дека е дискутабилна примената и ефикансноста на санкции, кои имаат за цел да ја седнат Северна Кореја на преговарачка маса, со оглед на тоа дека официјален Пјонгјанг постојано изнаоѓа начини за да ги заобиколи санкциите.

Извор:Нова Македонија

Партнери на Правдико