Ивана Петровска: Промовирањето добро раководење и граѓанско учество на локално ниво е клучно
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Пред се, кажете ни нешто за работата на АЛДА Скопје. Кои се главните цели и на што се работи во моментов?
Ивана Петровска: АЛДА Скопје, односно Европската асоцијација за локална демократија, работи во областа на локалното владеење и граѓанското учество. АЛДА е меѓународна мрежа која постои повеќе 16 години а во Македонија сме активни веќе 10 години. Нашите активности се фокусираат на соработката помеѓу локалните власти и граѓанскиот сектор, но и процесот на европска интеграција и децентрализација. Во моментов сме окупирани со форумот „Европски перспективи за локалната самоуправа, кој го организираме во рамки на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Нормандија и Македонија. Истовремено работиме и на неколку други проекти кои вклучуваат локални и регионални активности и се фокусираат на повеќе групи: локалните власти, граѓанскиот сектор, младите итн.
Неделава организирате форум за фондовите од ЕУ за локалната самоуправа. Што може да се очекува од форумот и кој ќе учествува на него?
Ивана Петровска: Форумот ќе собере над 80 учесници, претставници од општини, министерства, Центри за регионален развој и граѓански организации. Накратко, целта на форумот е да се дискутира за процесор на европска интеграција на Република Македонија и користење на европските фондови, со посебен фокус на улогата на локалната самоуправа. Сето ова ќе биде овозможено преку неколку обуки, информативни сесии, работилници и дебати. Меѓу другото, ќе бидат претставени и резултати од истражување спроведено на темата.
Можете ли да ни откриете нешто од резултатите и препораките на истражувањето?
Ивана Петровска: Истражувањето „Користење на ЕУ фондовите од страна на општините во Република Македонија“ го спроведивме минатата година со поддршка на Секретаријатот за европски прашања и Министерството за локална самоуправа. Дава целосна слика за тоа колку општините ги користат европските средства како ИПА, програмите за прекугранична соработка или пак други европски програми. Општините во Македонија се добро информирани за проектите и добро се снаоѓаат при аплицирање и имплементација на ЕУ проекти. Сепак постои потреба од организиран пристап за континуирано јакнење на капацитетите на општините во оваа област. Исто така, најважна препорака е дека треба да се овозможи поголемо вклучување на општините во процесот на планирање на средствата а не само нивно реализирање. Штом се вклучени од самиот почеток, можат да ги создаваат програмите според нивните вистински потреби.
Дали може да очекуваме уште вакви активности во иднина?
Ивана Петровска: Форумот е само почеток на нешто што ќе се спроведува континуирано во границите на нашата држава. Планираме повеќе слични активности во рамки на овој и останати проекти кои ќе бидат имплементирани веќе во следните месеци. Промовирањето добро раководење и граѓанско учество на локално ниво е клучно за процесот на европска интеграција, а ние ќе продолжиме да работиме на тоа се’ додека има потреба. Со овој Форум започнуваме иницијатива која се вика „Академија за локална демократија“ и се состои од активности насочени за развој на капацитетите на локалните власти.