Иванов и Шкариќ се судрија за ветото
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Политичката бура за образовните реформи предизвика нови недоразбирања меѓу некогашните соработници на Правниот факултет и во претседателскиот кабинет
Среде политичката бура околу донесувањето на измените во Законот за високо образование избувна нов судир меѓу претседателот Ѓорге Иванов и неговиот некогашен советник и најголем поддржувач, а претходно и професор од Правниот факултет во Скопје, Светомир Шкариќ.
Шкариќ доби демант од претседателскиот кабинет, откако претходно изјави дека претседателот нема да ги „суспендира“ законските измени во високото образование, бидејќи уште во програмата за првиот мандат соопштил дека нема да употребува вето. На тврдењата на Шкариќ дека неколкупати го советувал Иванов да стави вето на неуставни закони, од претседателскиот кабинет возвратија дека професорот во пензија лаже и ја манипулира јавноста.
Шкариќ, за Дојче Веле рече дека „Иванов многу добро знае што значи универзитетска автономија“. Знае дека државата е неподобна да се плетка во креирање наставни програми, во испитна литература, а најмалку да спроведе испитен процес поврзан со знаење. Тоа е исклучиво сфера на професорите, изјави Шкариќ.
Професорот во пензија, кој ја поддржа првата кандидатура на Иванов – за подоцна да соопшти дека е разочаран од него, вчера изјави дека, во неколку наврати, го советувал претседателот да го искористи правото на вето.
„Се донесоа повеќе неуставни закони, а тој се држеше настрана. Веројатно, неупотребата на вето бил условот за неговата кандидатура, па сега со задоволство го враќа долгот “, рече Шкариќ.
Од кабинетот на Иванов возвратија дека Шкариќ ниту еднаш не укажал за неуставноста на кој било закон донесен во времето додека беше советник за уставни прашања на претседателот Иванов како надворешен стручен соработник.
„Такво нешто ниту е соопштено, ниту сугерирано, ниту документирано во архивата на кабинетот на претседателот на Македонија, што лесно може да се провери“, се вели во реакцијата од кабинетот на Иванов.
Оттаму, посочуваат од кабинетот, остануваат нејасни мотивите за изјавата на професорот Шкариќ која е апсолутно неточна и лажно ја информира јавноста.
„Кабинетот на претседателот на Македонија смета дека не доликува на универзитетски професор да лаже и да ја манипулира јавноста“, се вели во реакцијата.
Судирот меѓу двајцата поранешни соработници следи по средбата на Иванов со претставници на Професорскиот пленум, кои очекуваат нивниот некогашен колега да ги врати на преоценување измените на Законот за високо образование, кои се на дневен ред на денешната собраниска седница. Иванов, на средбата со професорите кои се против реформите што ги предлага Владата, изјавил дека за овој закон ќе постапи како државник, а не како професор.
Според Уставот, претседателот на државата може да одлучи да не го потпише указот за прогласување закон. Собранието повторно го разгледува законот и ако го усвои со мнозинство гласови (62) од вкупниот број пратеници, претседателот е должен да го потпише. Иванов, во изминатите повеќе од пет години – колку што е на функцијата, не ја искористил ниту еднаш досега можноста да стави вето на закон.
Извор:Утрински весник