Иванов на средба со претседателот на Уставниот суд, почна консултации со надлежни институции
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во вторник го прими претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Никола Ивановски, средба со која ги почна консултациите со надлежните институции и со политички партии по новонастанатата ситуација, откако мандатарот Никола Груевски во законскиот рок не успеа да состави влада.
На средбата Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, истакнал дека досега постапувал исклучиво во рамки на своите права, должности и надлежности, почитувајќи го Уставот на Република Македонија.
Претседателот Иванов посочил дека и во однос на актуелната ситуација ќе постапува во согласност со уставните одредби и ќе постапува исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.
Средбата со претседателот на Уставниот суд следува по вчерашната најава од Иванов дека ќе почне консултации со надлежни институции и политички партии во врска со формирањето новата влада.
Македонскиот претседател синоќа имаше средба со Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, на која се разговарало за актуелната политичка ситуација во земјата и за ставот на ЕУ.
Извор: Макфакс