Иванов не го потпиша законот за ратификација на спогодбата со Грција | Правдико

Правдико

   

Иванов не го потпиша законот за ратификација на спогодбата со Грција

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука да не го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година, и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.

Иванов ја соопшти одлуката, образложувајќи дека извршувајќи ја функцијата секогаш постапувал одговорно и своите права и должности ги вршел врз основа и во рамките на Уставот, законите и интересите на земјата.

Иванов вели дека нема мандат да го потпише Указот за прогласување на законот за ратификација бидејќи еден од столбовите на неговата политика во изборната програма од 2014 година е дека не прифаќа промена на Уставот со цел промена на уставното име.

„Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. На претседателските избори 534 910 граѓани гласаа за оваа моја изборна програма и ме избраа на функцијата претседател на Република Македонија. Спогодбата излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации затоа што во нив се зборува за ‘разлика околу името на државата’, а не за ‘разлики’ како што зборува оваа спогодба“, вели Иванов.

Тој тврди дека спогодбата нема уставна основа и не е ратификувана во согласност со Уставот. Законот за ратификација на спогодбата, се истакнува во соопштението на Иванов, не е во согласност со член 51, член 118 и член 119 од Уставот на Република Македонија.

„Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција. Според член 308 од Кривичниот законик, „Граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“, образложува Иванов.

Во соопштението, претседателот додава дека озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико