Иванов помилува 24 затвореници, Вранишковски не е на списокот
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Списокот за помилување на претседателот е затворен, расчинетиот владика, кој веќе три години е во затвор, повторно не сакал да биде дел од него.
Расчинетиот владика Јован Вранишковски повторно не побарал помилување од шефот на државата Ѓорге Иванов бидејќи со барањето милост би признал дека е виновен и оти не е жртва на политички прогон. Ова денеска ни го потврди и неговиот бранител, скопскиот адвокат Александар Тортевски, кој вели дека нема информации дали шефот на државата ќе го искористи своето право за аболиција, за што не е потребно барање од затвореникот, туку е правно средство што е исклучиво во рацете на претседателот.
Списокот за помилувања што му бил доставен на Иванов на потпис пред новогодишните празници, како што информираат од Министерството за правда, веќе е затворен и меѓу нив го нема името на Вранишковски.
Како што и официјално соопштија од кабинетот на претседателот, Иванов по повод Новата 2015 година дал помилување на дваесетина осудени лица. За разлика од други години, кога листата била многу подолга, сега милоста на шефот на државата треба да ја почувствуваат 24 затвореници, од кои тројца целосно бидејќи издржувањето на затворската казна им се ближи до крај, а другите 21 добиле делумно помилување на казната.
Од Кабинетот на шефот на државата велат дека во однос на помилувањата претседателот Иванов, како и досега, ќе постапува во согласност со законските надлежности.
„Во строгоутврдените процедури во Законот за помилување е регулирана постапката, начините и критериумите како се постапува по предмет: помилување на осуденото лице“, велат од Кабинетот.
Засега, нема одговор дали Иванов размислува да го аболира Вранишковски.
Очекувањата дека првиот човек на непризнатата ПОА може да биде ослободен пред божикните празници ги навестија владиците од Светиот синод, кои во понеделникот побараа од надлежните милост за Вранишковски. Барањето за помилување дојде по посетата на еден од највлијателните руски владици Иларион, кој викендов во разговорите со државниот и со црковниот врв како услов за продолжување на прекинатиот дијалог помеѓу МПЦ и СПЦ го наведе ослободувањето на Вранишковски. Македонските владици првпат едногласно побараа помилување на расчинетиот владика (пред седум месеци тоа го побараа помладите владици Пимен и Климент), објаснувајќи го со „повисоки цели“. Остана нејасно под кои услови МПЦ прифати руско посредништво и дали доби некакви гаранции за да бара од државата помилување на Вранишковски.
Со коментар околу неодамнешната средба се произнесе и премиерот Никола Груевски за време на неговото вчерашно гостување на Канал 5 телевизија. „Забележав дека владиката Иларион планира да арбитрира помеѓу МПЦ и СПЦ, што не е лошо, но не ме увери дека крајниот исход би бил она за што дваесетина години МПЦ се бори, а тоа е автокефалност“, рече Груевски.
„Уште повеќе ме загрижи што не добив таков впечаток, тој размислува за пониски позиции, понизок статус на МПЦ. Се’ што е пониско од автокефалност е на некој начин потчинетост на МПЦ кон некоја друга црква, во случајов СПЦ“, рече премиерот. Тој посочи дека останува ова прашање да го решат тие што се одговорни бидејќи црквата е одвоена од државата, сепак, рече дека останал загрижен по таквиот разговор со Иларион.
Извор: Утрински Весник