Иванов: Во Македонија има 86 повратници од ИСИС | Правдико

Правдико

   

Иванов: Во Македонија има 86 повратници од ИСИС

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

„Постојат ризик фактори за терористички напади на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија“, предупреди претседателот на државата

ivanov

„Постојат ризик фактори за терористички напади на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија“, предупреди претседателот Ѓорге Иванов, кој денеска беше во посета на јужната граница. Тој посочи дека во земјава има 86 повратници од боиштата во Сирија и од Ирак. Дел од нив се приведени во акцијата ‘Ќелија‘, а дел се следат, но многу е тешко да дојде до апсење доколку не се поседуваат цврсти докази.

„Безбедносните служби во земјава работат ефикасно, но, кога зборуваме за терористички напади мора да се каже дека станува збор за поединечни акти и никој не може да предвиди кога и каде ќе се случат. Гледаме дека и земји како Франција, Белгија и Германија не можат да се справат со нив“, оцени шефот на државата, дополнувајќи оти никој не може со сигурност да гарантира дека меѓу мигрантите не се кријат и терористи.

Затварањето на „Балканската рута“ го намали притисок врз границата со Грција, но и натаму е потребна максимална будност и ангажман. Само во изминатите пет месеци, спречени се околу 18.000 лица, кои на илегален начин се обиделе да влезат во Македонија. Педесетина километри долгата жичана ограда е на постојан удар на шверцерите, кои ја искинале на 700 места со цел да пронајдат отвор за своите жртви.

„Начинот на кој што армијата се справува со предизвиците од мигрантската криза претставува пример и за останатите безбедносни структури во регионот. На нас ни треба во овој период Армијата да е одморена. Ако дојде евентуално вториот бран да биде подготвена, како и минатиот пат да се справи со сите тие предизвици“, рече претседателот Иванов.

При посетата на припадниците на војската ангажирани на јужната граница, Врховниот командант на вооружените сили беше запознат и со тактичките мерки и процедури кои ги применува армијата. Во своето обраќање, Иванов им се заблагодари на војниците, нагласувајќи дека нивниот ангажман е значаен не само за безбедноста на земјава, туку и за Европа.

„Армијата останува максимално подготвена за штитење од секаков облик на безбедносно нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, вклучувајќи ги сите обиди на нелегално влегување на територијата на нашата држава од почетокот на мигрантската криза.

Мерките кои АРМ ги спроведува согласно доделените задачи од одлуката на претседателот и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов за зајакнато и непрекинато обезбедување на јужната и северната граница во испомош на МВР и граничната полиција, се видливи во зачувување на безбедноста на граѓаните на нашата држава.

Од Министерството за одбрана велат дека припадниците на АРМ извршувајќи ги задачите крајно професионално, секојдневно спречуваат десетици, а во одредени денови и стотици обиди за нелегални преминувања на државната граница“.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико