Изборни модели во Европа кои дозволуваат гласање на дијаспората | Правдико

Правдико

   

Изборни модели во Европа кои дозволуваат гласање на дијаспората

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во повеќето европски земји вклучувајќи ја и нашата, на граѓаните кои имаат престојувалиште или живеалиште надвор од границите на нивната земја, им даваат право на глас на изборите, но најчесто треба да исполнат некои услови.

eu_2459947b

Најпрво да ја погледнеме листата на европски земји каде дијаспората има право на глас:

Diaspora-Glasanje-Pravdiko

Како што може да се види, над 90% од европските земји им овозможиле на нивната дијаспора да гласа.

Република Македонија е една од тие земји, каде што правото на глас го остваруваат и државјани на Р.М. што не се со постојано живеалиште во земјата. Условите и начинот за да го остварат ова право, како и моделот за гласање се следните:

Избирачко правo има секој државјанин на Република Македонија со наполнети 18 години живот и деловно способен. На изборите за избор на претседател и пратеници можат да гласаат државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство кои доставиле пријава за гласање и се запишани во посебните изводи од Избирачкиот список.

Државјани на Република Македонија на привремена работа или престој во странствo, во смисла на Изборниот законик, се државјани на Република Македонија кои имаат пријавено последно живеалиште во Република Македонија, а на денот на изборите привремено престојуваат во странство повеќе од 3 (три) месеци или се на привремена работа или престој во странство повеќе од 1 (една) година согласно со евиденцијата од надлежен орган.

Избирачите кои на денот на гласањето се на привремена работа или престој во странство гласаат во Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија односно конзуларните канцеларии 1 (еден) ден пред денот на одржувањето на изборите во Република Македонија.

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ

Избор на претседател на Републиката се врши на територијата на Република Мaкедонија и во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија, како една изборна единица според мнозинскиот модел.

ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

Во Собранието на Република Македонија се избираат од 120 до 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици утврдени со овој законик и во секоја се избираат по 20 пратеници и 3 пратеници се избираат според пропорционалниот модел во една изборна единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија.

Првиот пратеник во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија е избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила најмалку онолкав број на гласови со кои што е избран пратеник со најмал број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори во Република Македонија.

Вториот пратеник во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија е избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила двојно поголем број на гласови од бројот на гласови со кои што е избран пратеник со најмал број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори во Република Македонија.

Третиот пратеник во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија е избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила тројно поголем број на гласови од бројот на гласови со кои што е избран пратеник со најмал број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори во Република Македонија. Доколку во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија, ниту една од листите на пратеници не го добила потребниот број на гласови, не се избира ниту еден пратеник.

Во европските држави, условите за гласање на дијаспората се нешто поразлични од тие во РМ, а во продолжение, избравме едни од најинтересните модели во високо развиените европски земји:

Белгија

Белгија е една од европските земји каде гласањето од надвор е дозволено. Постојат две категории на гласачи од странство:

  1. Белгиски граѓани коишто се привремено надвор од земјата

Граѓаните со постојано живеалиште во белгиска општина, имаат право да гласаат на локалните, провинционалните, регионалните и националните избори. Доколку на денот на изборите, тие се наоѓаат надвор од државата, тогаш можат, без дополнителни административни мерки, да назначат нивни полномошник. Полномошникот, на денот на изборите треба да покаже формулар за гласање потпишан од граѓанинот што е отсутен, заедно со доказ дека навистина гласачот е надвор од државата. Секој граѓанин може да ја врши улогата на полномошник за само еден отсутен гласач во еден изборен циклус.

  1. Белгиски државјани што живеат надвор од државата

Граѓаните што поседуваат белгиско државјанство, но се со постојано живеалиште надвор од Белгија, имаат право да гласаат само на националните избори за парламент, но не и на локалните, провинционалните и регионалните избори.

Своето право за гласање на националните избори го остваруваат со тоа што доброволно се запишуваат во списокот на гласачи, и со тоа не само што добиваат право на глас, туку и задолжително мора да излезат на гласање, што важи и за сите граѓани на Белгија – во Белгија гласањето на избори е задолжително.

Велика Британија

Британските граѓани кои живеат во странство можат да гласаат на Британските парламентарни избори и изборите за Европскиот парламент, но не можат да гласаат на локалните избори и избори за пренесни телат како што се шкотскиот парламент, Национално собрание на Велс или лондонското собранието. Тие исто така можат да гласаат на престојниот референдум за членство во Европската унија на Велика Британија.

Британските граѓани кои живеат во странство повеќе од 15 години немаат право да се регистрираат и да гласаат на изборите во Велика Британија.

Германија

Германците, во 2013-та година, изгласаа закон со кој на германските државјани со место на живеење надвор од границите на Германија им се дава правото на глас, но под следните услови:

  • Доколку живееле со постојана адреса во Германија непрекинато во рок од минимум три месеци откако наполниле 14 години
  • Доколку од тој престој од минимум три месеци, до дента на изборите, не поминале повеќе од 25 години

Исто така, право на глас може да добијат и државјани на Германија кои имаат стекнато разбирање за политиката во Германија, персонално и директно, и кои се засегнати од истата.

Германската дијаспора, доколку ги исполнува горе наведените услови, може да гласа само на парламентарните избори.

Швајцарија

Швајцарските државјани што живеат надвор од државата, ги уживаат истите права за гласање како и тие со постојано живеалиште во Швајцарија. Дијаспората на Швајцарија претставува значаен фактор за политичката ситуација во земјата.

Доколку сте швајцарец што живее во странство, се што треба да направите е да се пријавите во најблиското дипломатско претставништво на Швајцарија. Исто така треба да бидат на списокот на комуната каде што последно престојувале, или во ретки случаеви, на избирачкиот список на местото каде што се родени. Според тоа, може да гласаат и на локалните избори.

Тоа што е интересно да се напомене е софистицираниот начин на гласање он-лајн или е-вотинг.

Партнери на Правдико