Правдико

   

Изготвен е новиот предлог Закон за општа управна постапка

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

sobranie-na-rm-640x360Во Македонија, системот на управни постапки во моментов е уреден со Законот за општа управна постапка, и повеќе посебни закони кои регулираат одделни управни области (во понатамошниот текст: „сегашниот ЗОУП“). Овој закон кој е донесен во 2005 год., а изменет во 2008 год. и 2011 год., води потекло од една долга традиција што датира уште од австрискиот Закон за управна постапка од 1925 год., усвоен од Кралството Југославија во 1930 годИстиот  два пати е изменет во 1956 год. и 1986 година.

Овој законодавен акт е почитуван од многу генерации кои го сметале како пример за добар закон, па оттука јасно е дека „стариот ЗОУП“ има свои добри страни докажани во минатото. Тој бил добра правна основа за „јавно управување преку закон“. Овој закон долго време обезбедувал правна сигурност кај процесите на донесување управни акти и поседувал доволен степен на правна заштита за граѓаните против управните акти.

Меѓутоа, по повеќе од 50 години од донесувањето на првиот ЗОУП во социјалистичка Југославија, значително се променети сфаќањата за јавната администрација во една демократска држава, барањата за добра управна пракса што е ориентирана кон граѓаните, културата и техничките средства за комуникација помеѓу граѓаните и управните органи, како и законодавната методологија за изработување на добар закон.

Како резултат на тоа, сегашниот ЗОУП станал несоодветен да одговори на новата сложена состојба на една современа држава. Тој ја одразува идејата на традиционалната бирократска управа, а не на управа на земја којашто треба да испорача големи и сложени јавни услуги. Европските начела за управно право, како и стандардите на управната пракса во земјите-членки на ЕУ, или не се одразени во сегашниот ЗОУП или се само делумно одразени. Овој закон не ги опфаќа сите современи видови на управни активности и оттука не обезбедува целосна правна заштита против сите видови на управни активности. Тој пропишува непотребно сложени, долги и скапи постапки. Сегашниот ЗОУП не ја обезбедува потребната општа правна рамка за е-администрација и пристап на единствена точка за контакт. Неговиот општ законодавен пристап го насочува вниманието на администрацијата повеќе кон формалности и постапки наместо кон резултатите од процесот на одлучување. На крај, како што е карактеристично за законодавство што потекнува од социјалистичкиот период, сегашниот ЗОУП навлегува во регулаторни детали кои подобро би можеле да се обработат преку подзаконски акти или внатрешни управни правила.

Сепак, бидејќи „стариот ЗОУП“ имал голем углед, правните експерти во Македонија биле неволни да го укинат овој класичен законодавен акт и да го заменат со потполно нов закон. Се чинело дека полесно и подобро е да се изврши доуредување на испробаниот и докажан закон преку измени и дополнувања. За законодавецот, пак, овој пристап бил особено потребен за некои краткорочни и среднорочни решенија.

Меѓутоа, сите обиди за приспособување на стариот ЗОУП кон новонастанатите потреби не можеле да дадат одржливи резултати. Пред сè, иновативните административни алатки како што е информатичката комуникација, пристапот на единствена точка за контакт, управниот договор и ефективниот систем на управни правни лекови тешко можат да се интегрираат во постојната правна рамка, делумно поради тоа што дадената структура на законот не обезбедува соодветно систематско место за истите, а делумно и поради неусогласеноста на современите барања со целата концептуална содржина, односно „духот“ на сегашниот ЗОУП.

Од сегашна гледна точка, новите измени во периодот помеѓу 2005 год. и 2011 год. треба да се разберат како среднорочни мерки за да се премости периодот потребен за општ преглед на севкупниот систем. Понатамошното изменување и дополнување на сегашниот ЗОУП би подразбирало несовршена и неразбирлива крпеница наместо добар, доследен и разбирлив закон.

Според тоа, Владата на Република Македонија одлучи да го модернизира системот на управни постапки врз основа на потполно нова правна рамка, т.е. потребен е нов ЗОУП со кој ќе се зачувуваат традиционалните вредности и добрите страни на сегашниот ЗОУП и воедно да се отворат можности за новиот и идниот општествен и технолошки развој.

Целта на предлог законот е да се воспостави целосен и сихнронизиран систем на управна постапка со кој треба:

  • Да се подобри транспарентноста на управните постапки;
  • Да се зголеми довербата на граѓаните во јавната администрација;
  • Да се поттикне управна пракса ориентирана кон услугите и професионална јавна администрација како суштински услов за економскиот развој;
  • Да се поддржи ефективното и етичкото однесување на државните и јавните службеници во заштитата на јавниот интерес;
  • Да се подобри ефикасноста (економичноста) на донесувањето на управните акти во корист и на јавниот интереса и интересот на граѓаните;
  • Да се трасира патот и да се започне со примената на современи информатичко-комуникациски технологии за испораката на административните услуги (е-администрација);
  • Да усогласи македонската јавна администрација со стандардите на ЕУ.

Целиот текст на Предлог законот можете да го превземете ТУКА

Партнери на Правдико