Правдико

   

Изготвени предлог измените во Законот за работните односи

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со Законот за работните односи, се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување.

Во текот на имплементацијата на Законот, се наметна потребата од доуредување на некои од одредбите со цел да истите да  бидат недвосмислени, односно    да бидат јасни во примената. Исто така, според коментарите на Комитетот на Советот на Европа, за примената на ратификуваните членови од Европската социјална повелба, одредени одредби од Законот, не се во согласност со Повелбата.

Покрај тоа, при разгледување на  ,,Информацијата со мерки за подобрување на деловното опкружување, согласно препораките на извештајот „Doing Business 2018“ на Светска банка‘‘, доставена до Владата на Република Македонија од страна на Министерството за финансии, во декември 2017 година,  како една од причините за намалувањето на рангот на Република Македонија во Doing Business 2018 е и индикаторот “Отварање на фирма “ во однос на законската обврска за објавување на оглас за вработување со времетраење од најмалку 5 дена. Времетраењето на јавниот оглас е  регулирано со членот 23 од Законот за работните односи. Со намалување на времетраењето на јавниот оглас, би се подобрил рангот на Република Македонија  во деловното опкружување (Doing Business).

Исто така, се наметна потребата и од одделни измени кои се согласно Програмата за работа на Владата на Република Македонија за  заштита на работниците во случај на престанок на работниот однос поради деловни причини.

Објаснување на содржината на одредбите на предлог на законот

Со членот 1 се доуредува прашањето со  кое се проширува забраната за дискриминација на  работниците вработени на определено време и тоа  забраната да не се однесува само на условите на вработување, туки и во останатите права и обврски од работен однос.

Со членот 2 се пропишува дополнителна заштита за дете под 15 години возраст, или дете кое не завршило задолжително образование, во смисла истото да може да учествува во активности кои со закон е утврдено дека може да ги извршува не подолго од 2 часа дневно, односно не подолго од 12 часа неделно, а за време на училишен распуст не подолго од 6 часа дневно, односно не подолго од 30 часа неделно, при што задолжително треба да му се обезбедат две непрекинати недели на одмор.

Со членот 3 се намалува времетраењето на рокот за пријавување на  јавниот оглас од 5 работни дена на 3 работни дена.

Членот  4 предвидува обврзувачка содржина на договорот за вработување, со што работниците со потпишување на договорот точно ќе ги знаат правата и обврските согласно договорот за вработување.

Со членот 5 се намалува периодот на пробна работа од 6 на 4 месеци.

Со членот 6 се допрецизира причината кога работодавачот мора да го предупреди работникот во постапка пред откажување на договорот за вработување, односно при постоење на лична причина на страна на работникот.

Со членот 7 со кој се  дополнува  членот 76 се дава правен основ  престанокот на работниот однос од деловни причини да се врши врз основа на критериуми утврдени со колективен договор и критериуми за заштита на инвалидни лица , самохрани родители и родители на деца со посебни потреби.

Со членот 8  во кој се врши утврдување на рокот во кој работникот треба да го подобри своето работење ( 15 дена) по дадено  писмено предупредување од страна на работодавачот, се  воведува разумен рок со цел да се избегнат злоупотребите од страна на работодавачите отказот да го даваат набрзо/непосредно по дадено предупредување.

Со членот 9 се врши прецизирање во членот 88, кој ги уредува минималните отказни рокови, при што во случај на откажување на договорот за вработување од страна на работникот, отказниот рок е еден месец, но само во случаи по писмено предупредување и  ако не настанала некоја од причините предвидена со членот 100 ( необезбедување на работа повеќе од 3 месеци, ислаќање на намалена плата најмалку 3 месеци, необезбедување на заштита при работа на работникот откако истиот ја побарал и сл.).

Во членот 10 се изедначуваат роковите за застареност на отказот на договорот за вработување поради причини на вина на страна на работникот со рокот на застареност од лични причини.

Со членот 11 се дополнува членот 96 со одредби со кои што се обезбедува заштита од злоупотреба од страна на работодавачот при отказ на договорот од деловни причини, како и дополнителна заштита на работникот на кој му престанал договорот за вработување од деловни причини со давање на приоритет за вработување при потреба за вршење на истите работи.

Сочленот 12 се менува членот 97 со кој се регулира исплатата на испратнината во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, при што висината на испратнината се зголемува од 12,5% до 25% во зависност од годините поминати во работен однос.

Со членот 13 се менува ставот 3 од член 104, со кој се прецизира рокот за поднесување на писмена изјава за продолжување на договорот за вработување.

Со членот 14 се врши измена на членот 114 , односно се зголемува минималниот износ на плата за приправник од 40% на 70%.

Со дополнувањето на членот 128 , се допрецизира значењето на соодветна храна за работник кој работи ноќно време, преку утврдување на надоместок на трошоци за исхрана во висина од 20% од просечната нето плата по работник  исплатена во Република Македонија во претходната година и тоа само за деновите кога работникот работи ноќе ( член 17). Со истиот член  се прецизира дека работникот не може да се распореди на ноќна работа доколку нема јавен превоз, а работодавачот не обезбедува превоз до и од  работа.

Со членот 15 и бришењето на ставот 3 од членот 138 се овозможува еднаквост на правото на користење на годишен одмор  на работниците кои што работат шест дена во неделата со работниците кои работат пет дена во неделата.

Со членот 16  се надминува неусогласеноста на ставот 3 од членот 141 со ставот 2 од истиот член во поглед на времетраењето на делот на годишниот одмор кој треба да биде искористен во текот на календарската година за која се дава одморот .

Со овој Предлог – Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи се предвидува доуредување и прецизирање на оделни одредби заради нивна полесна примена како и заштита на работниците во случај на престанок на работниот однос од деловни причини. Покрај тоа, ќе се изврши усогласување со Европската социјална повелба, и ќе се подобри деловното опкружување согласно препораките на Извештајот “Doing Business 2018”.

Целиот текст на нацрт предлог измените во Законот за работните односи можете да го погледнете ТУКА

Партнери на Правдико