Изјава од страна на Членовите на Глобалната коалиција за борба против Исламската Држава
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Една година по формирањето на Глобалната коалиција за борба против ИД остваривме напредок во нашата кампања за соборување и погазување на ова терористичко зло кое е без преседан. Како што нагласивме и на почетокот, ова ќе биде долготрајна кампања. Но, ситуацијата пред една година беше катастрофална: ИД, позната и под својата арапска кратенка Da’esh, напредуваше низ Ирак и се закануваше и на Ербил, Киркук и Багдад. Се очекуваа и дополнителни напади против Језиди населението.
Оттогаш, и покрај огромните пречки, Коалицијата продолжи со својот сеопфатен, стратешки пристап и ја докажа својата способност да ја ограничи слободата на движење на припадниците на ИД во Ирак и Сирија. Коалицијата исто така постигна напредок и во организираните напори да го успори засилувањето со борци на ИД, да ја попречи комуникацијата на групата и да ги намали нивните финансиски средства.
Посветеноста и жртвите на ирачките безбедносни сили, вклучувајќи ги и курдските Пешмерга и Народните мобилизациски единици, како и сириските опозициски сили, играа централна улога во овие напори. Во Ирак, со поддршка од Коалициските воздушни сили, ИД во моментов не може слободно да оперира на повеќе од 30% од населената територија која порано ја контролирала. Тикрит е ослободен, а повеќе од 100 000 цивили се вратија назад во него, како и во околните области.
Во северниот дел на Сирија, ИД загуби голем дел од територијата која ја имаше окупирано, и сега е отсечена освен на еден потег за околу 100 километри од вкупните 844 км гранична линија помеѓу Сирија и Турција. Повеќе од 5 000 Коалициски обучувачи и советници од 18 земји се во Ирак каде пружаат поддршка на напорите на ирачката влада за зајакнување и развој на локалните безбедносни сили во напорите за ослободување на Рамади и подготовката за ослободување на Мосул. Освен тоа, повеќе од 900 лица персонал на Коалиција обезбедуваат помош и поддршка на мисијата за обука и опремување за сириската опозиција.
Преку колективно дејствување ние создадовме витална Коалиција која пред една година претставуваше само идеја. Таа опфаќа не само воена координација, туку исто така и иновативни работни групи фокусирани на:
- запирање на врбувањето, движењето и одржливоста на странските терористички војници, во координација со Глобалниот форум за борба против тероризмот;
- борба против изнудата и експлоатација на економските и енергетските средства од страна на ИД и нивното искористување во финансискиот и банкарскиот систем, во координација со Единицата за финансиско дејствување;
- излагајќи ја пораката на ИД која содржи омраза и насилство, истовремено прикажувајќи алтернатива и инклузивна визија за надеж кон подобра иднина; и
- стабилизирање на областите во Ирак ослободени од контролата на ИД преку пружање помош на ирачката влада за враќање на локалните услуги и полициско работење притоа овозможувајќи безбедно, доброволно и одржливо враќање на бегалците и внатрешно раселените лица.
Оваа недела, во текот на состанувањето на членовите на Коалицијата со другите нации и организации на маргините на Генералното собрание на ОН, лидерите на работните групи ќе го презентираат напредокот на своите иницијативи и ќе посочат како тие се синхронизираат со останатите мултилатерални институции наведени погоре.
Во Ирак, Коалицијата ја поддржува Владата преводена од страна на Премиерот Хаидер ал – Абади во нејзините напори за реформи, помирување и децентрализација, вклучувајќи ја и нејзината соработка со курдската Регионална влада, претставници од областите каде мнозинско население се Суните и етничките и верските заедници. Овие реформи се значајна компонента во надминувањето на етничките и секташки поделби, воспоставувајќи долгорочен мир, стабилност, просперитет за Ирак, и победа над ИД.
Во Сирија, Коалицијата го поддржува сириското население во нивните напори да се спротивстават на ИД и да воспостават преодна влада заснована на начелата на Соопштението од Женева, кое се стреми кон демократска, инклузивна и плуралистичка влада која ќе ја застапува волјата на сите жители на Сирија.
Коалицијата исто така сериозно ја оценува заканата која ја претставува ИД во останатите земји и наоѓа начини како да ги деградира и порази, потпирајќи се како на постоечките напори за борба против тероризамот, така и на употребата на алатки и најдобри практики кои Коалицијата е во можност да ги понуди. Поразот на ИД во Ирак и Сирија исто така ќе придонесе за обесхрабрување и уривање овие групи.
Коалицијата силно ги поддржува напорите на Обединетите нации и меѓународната хуманитарна заедница во Сирија и Ирак и низ целиот регион во обезбедување помош и поддршка за исполнување на најнеопходните потреби на лицата раселени или повредени од конфликтот или насилството. Во тој поглед, ние им оддаваме благодарност на земјите и заедниците во регионот кои прифаќаат бегалци и внатрешно раселени лица – пред се Египет, Ирак (вклучувајќи го и Ирачко курдистанскиот регион), Јордан, Либан и Турција – и на оние во Европа и насекаде кои ги примаат и се грижат за бегалците.
Пред нас има уште многу работа која треба да ја направиме заедно. ИД и натаму врбува и радикализира подложно население, особено преку социјалните мрежи. ИД врши злосторства против сите етнички и верски групи, со малцинства кои се особено ранливи; уништува културолошко наследство на човештвото; и продолжува да инспирира и врши терористички дела насекаде низ светот. Како таква, за поразот над ИД потребна е долгорочна посветеност и повеќелиниски пристап. Светот е обединет во своето одбивање на ИД и идеологијата заснована на неа. Нашата Коалиција ја потврдува својата натамошна одлучност за заедничка работа со цел постигнување дефинитивен пораз на ИД.