Измени во моделот за бенефициран стаж
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Утврдување и формирање регистар на ризични професии, ревизија на досега утврдени работни места што влегувале во категоријата со бенефициран работен стаж, утврдување критериуми за заштитни мерки и воведување концепт на предвремено пензионирање за овие професии најавија од Министерството за труд и социјална политика. Ќе се формира и комисија за утврдување бенефициран стаж, која во согласност со законот требало да се формира уште во 2012 година. Целтa е да се заштитат правата на работниците што во согласност со постојните законски решенија влегуваат во ризични професии, но не можеле да си ги остварат.
– Ќе се направи регистар на ризични професии со различна оптовареност. Во него треба да се стави кои се професиите што треба да одат предвремено во пензија, а за кои професии се утврдуваат посебни мерки за заштита. Сега почнуваме со вистинска подготовка Македонија да може да утврди ризични професии и систем на предвремено пензионирање, со што ќе им вратиме дел од правата на работниците што и досега биле во овие ризични професии, но не можеле да си ги остварат – рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната средба со новинари.
Таа појасни дека новиот модел за предвремено пензионирање на професии со бенефициран стаж треба да овозможи да се надминат одредени нелогичности во постојниот систем. Како пример го посочи пензионирањето на рударите по законската измена во 2007 година, со која се одзело правото на одење во пензија со стаж 40 години за мажи и 35 за жени, по што сега на рударите им се дава можност да одат во пензија со 54 години, но, како што рече, само доколку 30 години остваруваат стаж на исто работно место со ист бенефициран стаж.
Според Царовска, тоа што од 2012 година не била формирана комисијата говори за волјата да се работи на остварувањето на правата на работниците. До Министерството, рече, стигнувале барања со елаборати за утврдување професии со бенефициран стаж, но немало кој да ги разгледа и да донесе одлука.
– Со ова се покажува дека претходно немало волја да се разгледуваат правата на работниците во делот на бенефицираниот стаж – рече Царовска.
Во моментов во Македонија има 28.451 активен осигуреник со непрекинат бенефициран стаж, а 41.161 осигуреник што работел на ризични места со бенефициран стаж, но со прекини.
Бенефициран стаж добиваат лица кога работодавецот ги презел сите мерки за заштита, но и покрај тоа работата предизвикува опасност по нивното здравје, како рудари, работници во топилница, лица што поради намалување на физиолошките функции на организмот не можат да ги извршуваат професиите, како балерини, пилоти, играчи и инвалидни осигуреници.
Бенефициран стаж имаат одредени јавни служби, како итна медицинска помош, возачи на јавен градски превоз, нуркачи, а со посебни закони е утврден бенефициран стаж за полицајци, припадници на АРМ и пожарникари. За градежните работници во Македонија има бенефициран стаж, но доколку работат во пробивање тунели.
Министерката Царовска посочи дека во Македонија не се почитуваат доволно мерките за заштита на работниците, за што говорат и бројот на повреди и смртни случаи. Само во 2016 година се случиле 1.486 потешки повреди, од кои 535 во преработувачката дејност, а 186 во градежништвото. Со смртни последици биле 15 случаи, од кои 9 во градежништвото.
Извор: Нова Македонија