Израел подготвува закон за забрана на соработката со Меѓународниот кривичен суд | Правдико

Правдико

   

Израел подготвува закон за забрана на соработката со Меѓународниот кривичен суд

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Израелските власти подготвуваат закон со кој се забранува каква било соработка со Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг и се предлага затворска казна од пет години за какво било кршење на овој закон, пренесува „Мидл Ист монитор“. Цитирајќи го израелскиот ТВ Канал 7, статијата вели дека законот исто така вклучува и забрана за предавање на израелски државјани на МКС, финансирање на трошоците за правна одбрана пред судот и наметнување казни за судот и за оние што работат за него.

Ова, се вели во статијата, доаѓа како дел од низата мерки преземени од Израел против МКС по најавата дека судот ќе истражува можни израелски воени злосторства против Палестинците.

Канал 7 објави дека законот е инспириран од американскиот Закон за заштита на државната служба, кој беше донесен во Конгресот во 2002 година. Американскиот закон, познат како „Инвазија на Хаг“, му дава на американскиот претседател широки овластувања да стори сé што е потребно за ослободување на кој било американски државјанин уапсен од МКС, вклучително и употреба на сила.

Според израелската невладина организација „Шурат ХаДин“, израелскиот закон има за цел да создаде правна безбедносна мрежа за израелски војници и високи функционери кои би можеле да бидат гонети од МКС. Исто така, ќе се санкционираат членовите на трибуналот, ќе им се забрани влез во Израел и ќе се воведат ограничувања против странски субјекти кои им помагаат.

Декларираната намера на МКС да ги испита можните воени злосторства на окупираните палестински територии го разбесни Израел. Израелската влада подготви список на свои службеници и поранешни службеници кои треба да избегнуваат патувања во странство, бидејќи може да бидат уапсени и обвинети за такви злосторства.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико