Изречени првите казни за сопственици на кучиња | Правдико

Правдико

   

Изречени првите казни за сопственици на кучиња

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

dog-walkingПочна казнувањето на сопствениците на кучиња во Општина Аеродром што не ги водат своите миленици со заштитна маска преку устата. Жителите на Аеродром раскажаа дека вчераутро виделе граѓанин со куче од расата самојед, кое го шетал врзано со подводник, но без маска, па тројца полицајци го запреле и му пишале казна.

Од Општината велат дека за една недела, откако упатија јавен повик до сопствениците за совесно и одговорно да ги шетаат своите кучиња на јавните места, општинските комунални инспектори изрекле неколку казни. Kомуналните инспектори ги казнуваат граѓаните ако не го собираат изметот од јавните површини што го оставаат милениците зад себе, а полицијата и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство казнуваат ако сопствениците ги шетаат кучињата без ремен или и без ремен и без маска, во зависност која институција кој закон го спроведува. 

Полицијата и инспекторите казнуваат, АХВ советува

Целта на јавниот повик до сопствениците на кучиња, како што објаснија од Општина Аеродром е „ да се зачува животната средина, а граѓаните, особено децата, да се чувствуваат безбедно кога ги користат парковите и другите јавни површини“.

– Нашите комунални инспектори за пет дена изрекле неколку казни. Засега не можеме прецизно да кажеме точно колку казни се изречени, бидејќи с` уште е рано и не е сумирана вкупната бројка. Битно е дека се изрекуваат казни, а екипите од комунални инспектори секој ден се на терен – вели Маја Манчевска, портпарол во Општина Аеродром.

Таа објасни дека комуналните инспектори имаат надлежност да казнуваат само според член 33 од Законот за јавната чистота, според кој „глоба од 50 евра ќе му се изрече на физичко лице што остава фекални остатоци на домашно милениче надвор од садовите за отпад“.

Советникот во Секторот за односи со јавноста при МВР, Дејана Недељковиќ информира дека во првите шест месеци од годинава во Скопје поднесени се 20 прекршочни постапки против 20 лица, според членот 29 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, кој налага кучињата на јавно место да бидат врзани со поводник и маска.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство, која, пак, е надлежна за спроведување на Законот за благосостојба на животните, велат дека нивните инспектори досега не казниле ниту еден сопственик кој не го шетал своето куче со поводник.

– Нашите инспектори одат кон тоа повеќе едукативно да дејствуваат на сопствениците. Тие усно се опоменуваат, а од она што нашите инспектори го согледале на терен, поголем дел од сопствениците на кучиња си ги шетаат милениците со поводник. Сега, со новите измени и дополнувања на Законот за заштитата и благостојба на животните ние како АХВ ќе имаме поголеми обврски – велат од Агенцијата.

Построги правила на игра

Со новиот закон од оваа област, кој е во владина процедура, ќе се утврдат голем број нови правила на игра за сопствениците на кучиња. Новите одредби ќе налагаат кучињата на јавно место да бидат врзани со поводник, освен кога се на места каде што е дозволено слободно да се движат во придружба на своите сопственици, во парковите за миленици. Такви во Скопје има три – во Градскиот парк, во дел од паркот Македонија покрај улицата Теодосиј Гологанов и во Гази Баба. Ако кучето не е врзано, сопственикот ќе плати глоба од 30 евра. Битен момент, кој крева многу прав, е најавата дека ќе се прави регистер на опасни раси кучиња. Тие што ќе бидат класифицирани како такви, задолжително ќе мора да носат и маска и поводник, и плус нема да смеат да бидат водени од малолетно лице без придружба од полнолетно лице. Kазната за овој прекршок, исто така, ќе биде 30 евра.

Предвидена е и процедура ако куче нападне човек, односно животното мора да оди на процена и ресоцијализација, а сопственикот на обука. Ако истото куче вторпат нападне човек, ќе биде усмртено. Ако сопственикот не сака да оди на обука, ќе добие забрана да чува куче во рок од неколку години. Секој сопственик на легло мора да ги пријави кај овластен ветеринар младите кутренца, нема да смее да ги пушти на улица и мора да пријави каде ги удомил. Сопственикот не смее да го напушти кучето.

Оваа тема во минатата недела беше многу дискутирана во јавноста, откако Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ реагираше дека не е потребно малите и мирни кучиња задолжително да носат маска. Тие побараа толкување од МВР околу примената на членот 29 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, по што и полицијата се согласи дека не е потребно сите кучиња да носат маска, туку тоа треба да биде оставено на процената на сопственикот.

РАЗЛИЧНИ ОДРЕДБИ ВО ЗАКОНИТЕ ВО ВРСКА СО НАЧИНОТ НА ШЕТАЊЕ НА КУЧИЊАТА

Актуелните закони, кои ги уредуваат обврските на сопствениците на кучиња имаат различни одредби кога е во прашањето задолжителната употреба на заштитна маска. Според член 29 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир „кој без заштитни средства (маска и слично) без надзор и невнимание држи кучиња и други опасни животни кои можат друг да престрашат или да повредат, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра во денарска противвредност“. Ова е одредбата според која Општина Аеродром и полициската станица „Аеродром“ најавија дека ќе ги казнуваат сите граѓани кои ќе ги шетаат кучињата без маска, без разлика дали тие се мали или големи, мирни или опасни.

Постојниот Закон за заштита и благосостојба на животните, пак, воопшто не предвидува носење маски, туку во член 24 став 2 стои дека „регистрираните кучиња кога се на јавно место треба да бидат врзани, со исклучок на ловечки кучиња за време на лов и овчарски кучиња“. Во овој закон не е предвидена казна ако кучињата не се врзани.

Во член 27, во новиот закон за заштита и благосостојба на животните, кој допрва треба да биде донесен, стои дека „кучињата кога се на јавно место, треба да бидат врзани на поводник, освен кога се на јавни места на кои е дозволено кучињата слободно да се движат во придружба на нивните сопственици. Исклучок од ова се ловечки кучиња за време на лов и овчарски кучиња кои придружуваат стадо“. Kазната за неврзани кучиња ќе биде 30 евра.

Член 30 од нацрт-законот ги третира опасните кучиња. Според него, „сопственикот опасното куче треба да го чува во заграден простор или врзано и при движење, кучето да го врзе на подводник и да му стави заштитна маска“. За непочитување на оваа одредба од законот казната е 150 евра.

Автор: Анела Петрова

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико