Изрекување условна осуда како алтернативна мерка | Правдико

Правдико

   

Изрекување условна осуда како алтернативна мерка

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во кривичниот законик на Република Македонија се предвидуваат алтернативни мерки кои со нивната примена за полесни дела, се избегнува примената на казна, во случаите кога таа не е нужна, а истовремено се остварува целта на казнувањето. Целта на алтернативните мерки е спрема кривично одговорниот сторител да не се примени казна за полесни дела кога тоа не е нужно заради кривично-правна заштита и кога може да се очекува дека целта на казнувањето може да се оствари со предупредување со закана на казна (условна осуда), само предупредување (судска опомена) или со мерки на помош и надзор на однесувањето на сторителот на слобода.

За разлика од казната, која е ретрибутивно-превентивна санкција,алтернативните мерки се превентивни санкции, кај кои ретрибутивниот елемент е потиснат и ставен во функција на закана со казна што го засилува нивното превентивно дејство.

На сторителите на кривичните дела може да им се изречат неколку видови на алтернативни мерки и тоа:

1) условна осуда;
2) условна осуда со заштитен надзор;
3) условно прекинување на кривичната постапка:
4) општокорисна работа;
5) судска опомена и
6) куќен затвор.

Целта на условната казна како алтернативна мерка е одлагање на изрекувањето или на извршувањето на казната, кое зависи од идното однесување на сторителот, кој доколку во одреден временски период не изврши ново кривично дело, казната нема да биде изречена или извршена.

Со условна осуда на сторителот на кривично дело судот му ја утврдува казната и истовремено определува дека таа нема да се изврши ако осудениот за времето што ќе го определил судот, а кое не може да биде пократко од една ниту подолго од пет години (време за проверување) не стори ново кривично дело.

Исто така судот може во условната осуда да определи дека казната ќе се изврши и ако осудениот во определениот рок не ја врати имотната корист прибавена со извршувањето на кривичното дело, не ја надомести штетата што ја предизвикал со кривичното дело или не ги исполни другите обврски предвидени во кривично-правните одредби. Рокот за исполнување на тие обврски го утврдува судот во рамките на определеното време за проверување.

Услови за изрекување условна осуда

Условна осуда може да се изрече кога на сторителот му е утврдена казна затвор во траење до две години или парична казна. Исто така  може да се изрече и кога е утврдена казна затвор во траење до две години или парична казна со примена на одредбите за ублажување на казната . При одлучувањето дали ќе изрече условна осуда, водејќи сметка за целта на условната осуда, судот посебно ќе ги земе предвид личноста на сторителот, неговиот поранешен живот, неговото однесување по извршеното кривично дело, степенот на кривичната одговорност и другите околности под кои е сторено делото.

Отповикување на условната осуда поради ново кривично дело

shutterstock_127229321-640x240Судот ќе ја отповика условната осуда ако осудениот во времето на проверување стори едно или повеќе кривични дела за кои е изречена казна затвор од две години или во подолго траење. Ако во времето за проверување осудениот стори едно или повеќе кривични дела за кои е изречена казна затвор помала од две години или парична казна судот, откако ќе ги оцени сите околности што се однесуваат на сторените кривични дела и на сторителот, а посебно сродноста на сторените кривични дела, нивното значење и побудите од кои се сторени, ќе одлучи дали ќе ја отповика условната осуда. Притоа судот е врзан со забраната на изрекување условна осуда, ако на сторителот за кривичните дела утврдени во условната осуда и за новите кривични дела треба да му изрече казна над две години затвор.

Ако не ја отповика условната осуда, судот може за новото сторено кривично дело да изрече условна осуда или казна. На осудениот кому што за ново кривично дело ќе му биде изречен затвор, времето поминато на издржување на оваа казна не му се смета во времето за проверување утврдено со условната осуда за поранешното дело

Отповикување на условната осуда поради порано сторено кривично дело

Судот ќе ја отповика условната осуда ако по нејзиното изрекување утврди дека осудениот извршил кривично дело пред да биде условно осуден и ако оцени дека не би имало основа за изрекување на условна осуда да се знаело за тоа дело.

Отповикување на условната осуда поради неисполнување на определени обврски

Ако со условната осуда на осудениот му е определено исполнување на некоја обврска ( не ја врати имотната корист прибавена со извршувањето на кривичното дело, не ја надомести штетата што ја предизвикал со кривичното дело или не ги исполни другите обврски предвидени во кривично-правните одредби), а тој не ја исполни таа обврска во рокот определен во пресудата, судот може, во рамките на времето за проверување, да го продолжи рокот за исполнување на обврската или може да ја отповика условната осуда и да ја изрече казната што е утврдена во условната осуда. Ако утврди дека осудениот од оправдани причини не може да ја исполни поставената обврска, судот ќе го ослободи од исполнување на таа обврска или ќе ја замени со друга соодветна обврска предвидена со закон.

Доколку судот утврди дека осудениот од оправдани причини не може да ја исполни обврската, судот може да го ослободи од нејзино ослободување, а може и да ја замени со друга соодветна обврска.

Рокови за отповикување на условната осуда

Условната осуда може да се отповика во текот на времето за проверување. Ако осудениот во тоа време стори кривично дело што повлекува отповикување на условната осуда, а тоа со пресудата е утврдено дури по истекот на времето за проверување, условната осуда може да се отповика најдоцна во рок од една година од денот кога изминало времето за проверување.  Ако осудениот во определениот рок не исполни некоја обврска, судот може, најдоцна во рок од една година од денот кога изминало времето за проверување, да определи да се изврши утврдената казна во условната осуда.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

Во кои случаи се определува мерката куќен притвор

Препорачуваме

Партнери на Правдико