Извештаите на ЕК одложени поради Турција
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Овој преседан праќа порака дека евроинтеграцијата на земјите од регионот станува колатерална штета не само на економската и политичка состојба во ЕУ, туку и на бегалската криза
Извештаите за прогресот на земјите-кандидати за членство во ЕУ, кои беа најавени за неделава, потоа за идната недела, а сега за неодреден рок, се одложени поради Турција. Како што се дознава од извори во Брисел, причината не е презафатеноста со мигрантската криза, туку пазарењето на Брисел со Таип Реџеп Ердоган, чиј исход се чека за да се знае што да се напише во извештајот за Турција.
Турција е клучната алка за ЕУ во обидите да го реши проблемот со бегалскиот наплив, нешто за што и’ вети веќе на Анкара половина милијарда евра, а најверојатно ќе има и други отстапки. Ваквото одлагање сепак е преседан за Европската комисија, која досега ги објавуваше извештаите за прогрес во октомври или во ноември, но секогаш беа најавувани со точен датум однапред.
Овој преседан праќа порака дека евроинтеграцијата на земјите од регионот станува колатерална штета не само на економската и политичка состојба во ЕУ, туку и на бегалската, без оглед што можеби ќе повлече некои концесии во прилог на земјите-кандидати, од Турција, Србија до Македонија. Извештаите за првпат ќе ги презентира новиот еврокомесар Јоханес Хан, по најавата од претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, дека наредните пет години нема да има проширување на ЕУ и по укинувањето на делот од името на директоратот кој асоцираше проширување на Унијата.
Новата ЕК досега покажа дека не робува на формата туку на суштината, што се виде и од извештајот на Рајнхард Прибе, кој излезе од јазичните и дипломатските ракавици што ги демонстрираше досега Брисел. Се очекува овие извештаи да содржат повеќе задачи отколку оценки, односно да се покаже попрагматичен пристап, при што процесот нема да се врзува толку стриктно со нив, туку со резултатите од реформите во земјите кандидати. (С.Ј.)
Извор: Утрински Весник