Правдико

   

Извештај на Советот на Европа за затворите

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Секој затворски чувар во Македонија чува пет осуденици, покажува годишниот извештај на Советот на Европа за состојбите во затворите во 47 земји-членки, објавен во вторникот. Бројот на затвореници по чувар во земјава е над европскиот просек, кој е 3,8 осуденици на секој вработен во обезбедување. Најлоша е состојбата во Словачка и во Азербејџан, каде што на секој стражар доаѓаат по 15 затвореници. Во регионот, во Србија има просечно по 4,5 затвореници на чувар, а по три во Хрватска, Бугарија и Црна Гора. Во Албанија на 100 затвореници има 58 стражари, а најдобро со персонал стојат Монако, Норвешка и Шведска, каде што има по околу 80 чувари на 100 осуденици.

idrizovo

 

Македонија е во европскиот просек според должината на досудената казна која ја издржуваат затворениците. Околу 27 отсто од осудениците издржуваат казна од 1 до 3 години, а просекот во Европа е 25 отсто. Една четвртина од затворениците се осудени на казна од 3 до 5 години, а во Европа тој процент е една петтина. Околу 21 отсто осуденици во македонските затвори издржуваат казна од 5 до 10 години, а европскиот просек е 19 отсто. Во земјава 1,3 отсто од затворениците се осудени на доживотен затвор. Европскиот просек е 2,8 отсто од затворската популација.

Во извештајот, Советот на Европа забележува дека судовите во европските земји главно досудуваат многу куси затворски казни, просечно 20 отсто од осудениците издржуваат казни затвор помалку од една година. Советот забележува дека европските земји многу ретко користат алтернативи на затвор, особено на притворот. Само 7 отсто од обвинетите што чекале судење биле под друга законска мерка за обезбедување присуство.

Затворската популација во Македонија е малку под европскиот просек. Со 2.543 затвореници, Македонија имала стапка од 123 осуденици на 100.000 жители или под европскиот просек од 150. Во земјава, на 100 места во затворите имало по 106 затвореници, што е над европскиот просек од 98. Според извештајот, пренатрупаноста е сериозен проблем во 21 земја, а водат Србија со 160 затвореници на 100 места, Италија (145), Kипар (140), Унгарија(138) и Белгија (132).

Затворската популација во Европа генерално се зголемува, заклучува Советот на Европа. Во последните десет години, стапката на затвореници во Македонија се зголемила за 56 отсто, односно од 79 на 123 на 100.000 жители. Најголем пораст за една деценија имало во Грузија, каде затворската популација пораснала за 250 отсто, за 117 на Kипар, 89 во Хрватска, а 75 отсто во Турција. За десет години, затворската популација се намалила за 37 отсто во Молдавија, за 23 во Романија, по 20 во Холандија и Украина, а за 12 отсто во Германија.

Македонија е во европскиот просек според просечната возраст на затворениците. Просечниот македонски осуденик има 35 години, а европскиот 34. Најмлада затворска популација има Романија, каде што осудениците просечно имаат 26 години, а најстарите затвореници се во Сан Марино, со 60 години.

Најчестата возраст на затворениците во земјава е од 30 до 40 години, слично како и во другите европски земји. Македонија има една од најниските стапки на малолетници во затворската популација со 0,2 отсто.

Извор: Дневник

Партнери на Правдико