Јанакиески: Не треба да бидам казнет за постапките на Груевски
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Во скопска Апелација се одржа јавна седница по жалбата за притворот на ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, на која Јанакиески рече дека со решението за притвор се прекршени членови на Законот за судови, Законот за кривична постапка и Законот за класифицирани информации и членови на Европската конвенција за човекови права и е во спротивност со праксата на Европскиот суд за човекови права.
Тој посочи дека една година и 4 месеци редовно се јавувал во судот и воопшто нема констатација дека ги прекршил овие законски мерки, а ја оспори и службената белешка од УБК врз основа на која се базира решението за притвор, нарекувајќи ја фиктивна.
-Не е наведено во кои денови, каде и во колку часот биле остварени средбите помеѓу мене и посредникот. Нема податок за датумот, времето и местото кога е остварена средбата помеѓу посредникот и претседателот, во решението не е презентирано дали СЈО или Кривичниот совет направиле проверка со Кабинетот на претседателот Иванов дали таква средба воопшто била одржана, која била темата, но и нивото на доверливост на изворот, кога веќе белешката не е доставена во прилог на решението, па ниту јас, ниту мојата одбрана ја имаме на увид, рече Јанакиески.
За средбата кај претседателот Иванов рече дека била на 13 ноември во 16 часот, на која присустувале уште две лица, од кои едниот бил претставник од Кабинет, преку кого била организирана средбата. Јанакиески рече дека не се разговарало за амнестијата, туку, како што рече го информирал Иванов за иницијатива поврзана со актуелната политичка состојба во Македонија.
Јанакиески исто така негираше дека поседува банкарски сметки во странство. Тој рече дека испратил допис до СЈО и Кривичниот совет каде ги информирал дека доколку достават докази дека поседува макар една сметка во странство и овој наод биде потврден од релевантни институции, спремен е итно да се спогоди за сите судски предмети кои ги води СЈО, па макар тоа би било и доживотна казна затвор.
Јанакиески на денешната јавна седница откри дека веднаш откако екс премиерот во бегство Никола Груевски објавил дека е во Будимпешта и откако владини функционери и претставници на СЈО во јавни и телевизиски настапи говореле за можноста и потребата повеќе поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ да добијат притвор, контактирал со високи владини претставници, прво преку пораки, а потоа и телефонски.
-Во телефонските разговори укажав дека Миле Јанакиески и Никола Груевски не се иста личност и дека не треба да бидам казнет и жртвуван поради неговите постапки. Разговорите беа добронамерни, со размена на факти и аргументи, но исто така јасно и недвосмислено истакнав дека ниту сум планирал, ниту ќе се дадам во бегство. Истиот ден, за на 14.11.2018 година закажав гостување на една телевизија, рече поранешниот министер за транспорт и врски.
Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, го бранеше решението за притворот со објаснување дека не можеле на поинаков начин да спречат бегство на Јанакиески, притоа повикувајќи се на службената белешка од УБК дека тој планирал бегство.
На тоа реагираше Јанакиески кој рече дека ниту планирал да бега и дека ниту ќе бега.
-Не е точно дека не сум кажал што било тема на разговорот. Кажав што разговаравме со претседателот а тоа беше кажано и со неговиот допис каде точно е опишана темата на разговор. Повторувам не треба дејствата на едно лице сообвинител да бидат поврзани со мене, рече тој алудирајќи на бегството на Никола Груевски.
Апелацискиот суд има два дена рок да одлучи по жалбите.