Адвокатски великани: Адвокат Јанко Цаца | Правдико

Правдико

   

Адвокат Јанко Цаца (1881-1968)

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

janko caca 1На претходно споменатите адвокатски великани му се придружува и биографијата на адвокатот Јанко Цаца, кој во својата фамилија ја отпочна правната професија, а таа ја продолжија неговите потомци, запишувајќи го семејството Цаца, во историјата на македонското правосудство. Јанко Цаца е роден во 1881 година во Битола, каде завршил и Гимназија. Дипломирал на Правниот факултет во Атина околу 1903 година.

По дипломирањето опочнал со адвокатска дејност во Битола. Според некои документи од неговата лична архива, која со негова донација, педантно се чува во Државниот архив на Република Македонија, може да се забележи дека со адвокатура почнал да се занимава уште од 1911 година, отварајќи своја канцеларија во Битола. Според еден друг документ, пронајден во личната архива на адвокатот Јанко Цаца, од 1915 година Министерот за правда на Кралството Србија, дава одобрение за работа како адвокати во правосудството на територијата на битолскиот окружен суд без полагање на правосудниот испит на адвокатите Јанко Цаца, Никола Марковиќ (Добрушевски), Владо Берекчан и Глигор Атанасије. Адвокатите се задолжени во рок од три години да го положат испитот, како би можеле да продолжат со работа како адвокати.

Како адвокат, Цаца одржувал контакти и застапувал многу клиенти од Солун, Софија и Атина, користејќи го одличното познавање на грчкиот јазик. Во Битола работел до 1939 година кога се преселил во Прилеп каде ја наследил адвокатската канцеларија на неговиот роднина адвокатот Атанас Таче Тасиќ. Во периодот од 1941 до 1944 година, Цаца работел како адвокат во Прилеп и таквата позиција ја искористил да се ангажира во револуционерните организации во Прилеп и Крушево, како  еден од организаторите на културните активности и подготвувањето на дописи за анимирање на населението во борбата за ослободување.

Во 1945 година, Јанко Цаца е еден од првите повоени македонски адвокати кој се запишал во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Македонија со седиште на адвокатската канцеларија во Прилеп, каде работел до 1950г. Починал во Скопје во 1968г. Неговата правничка кариера ја продолжил прво неговиот син професор и судија д-р Ѓорѓи Цаца (1920-2006) кој е еден од основачите на Народниот театар во Битола, Републички секретар за законодавство и организација, Републички секретар за правосудство и управа.

Во времето кога Цаца ја извршувал функцијата секретар за правосудство, биле изградени многу згради за судовите и се вовела едукација за судиите. Од 1982 година, Цаца беше судија на Уставниот суд, од каде што замина во пензија. Беше професор по уставно право, долгогодишен претседател на Комисијата за верски прашања и претседател на манифестацијата “Десет дена Крушевска Република“.

Негова керќа пак, внука на адвокатот Јанко Цаца, е судијата на Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, сега судија на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и Директор на Институтот за човекови права, која претходно беше и судија на Врховниот суд на Република Македонија. Таа успешно ја продолжи семејната правничка традиција, а по патот на своите претходници продолжува и нејзината керќа – најмладиот правник во семејството Јана Николовска.

 Извор: „Адвокатурата и адвокатите во Битола“, Сотир Главинче, Никола Главинче, Битола, 2011г.

Правдико ги повикува и останатите заинтересирани истражувачи кои имаат податоци за значајни адвокати од нашето минато да испратат нивни биографии, фотографии и податоци, како би можеле да се објават во оваа рубрика, со што ќе помогнат во откривањето на адвокатите и адвокатската професија, во која во минатото се ангажирале храбри и стручни профили – борци за правда и право.

Партнери на Правдико