Правдико

   

Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков си поднесоа оставки

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, вчера вечерта си поднела оставка на функцијата.

Оставката доаѓа по акцијата на безбедносните сили викендов во Куманово против, како што ја нарекоа од МВР, голема терористичка група, во која загинаа осуммина, а беа повредени повеќе од 30 полицајци.

mile-gordana-i-saso

Оставка од Јанкулоска се бараше на протестите пред Владата, но тоа го побараа и дипломатите во врска со материјалите од прислушуваните разговори.

Оставка поднесе и досегашниот министер за транспорт и врски – Миле Јанакиески.

Премиерот Никола Груевски вчера вечерта до Собранието доставил предлог за избор на двајца нови членови на Владата, министри во министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски.

За нов министер за внатрешни работи се предлага Митко Чавков, а за министер за транспорт и врски – Владо Мисајловски.

Чавков е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност, а Мисајловски е директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, седницата за избор на новите членови на Владата ја закажа за денес, во 13 часот.

Истовремено и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, поднесе оставка од функцијата.

За одлуката Мијалков писмено го известил премиерот Никола Груевски.

„Позицијата што ми беше доверена ја извршував патриотски и одговорно, пред сè во интерес на земјата и на граѓаните, и секогаш смело и одлучно пристапував кон секоја задача.

Граѓаните најдобро знаат дека Македонија има бројни успеси во полето на кое дејствував. Дел од тие успеси беа и вистински мит во разговорите меѓу граѓаните“, се вели во оставката на Мијалков.

Тој вели дека оставката ја поднел во интерес на Македонија, гледајќи дека доколку го направи тоа, ќе помогне во надминување на политичката криза, која, според него, ја наметнала опозицијата со своето недржавничко однесување, а свесен дека вистината и аргументите се на страната на владејачката гарнитура и дека сето тоа со тек на време ќе станува уште појасно.

Извор: Мета.мк

Партнери на Правдико