Јанкулоска на апанажа во следните 12 месеци
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Како ќе се развиваат понатаму професионалните и политички кариери на довчерашните министри од најтесното опкружување на Груевски?
Доскорешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која поднесе оставка пред дваесетина дена, ќе користи апанажа во наредните 12 месеци, доколку дотогаш не се вработи на друго место. За поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, засега нема информации дали побарал апанажа и како и каде планира да ја продолжи кариерата.
Јанкулоска, која речиси цели девет години беше на чело на полицијата, потврдува дека поднела барање за апанажа, во законски предвидениот рок од 30 дена, кое, како што наведува и’ било одобрено. Таа вели дека има време да реши како ќе ја продолжи кариерата.
Јанакиески, кој беше исто така од самиот почеток во кабинетот на Никола Груевски, не одговараше вчера на телефонските повици. Од надлежната собраниска комисија нема никаква потврда дали довчерашните министри поднеле барања за апанажа и дали се донесени одлуки за тоа.
Пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е претседател на Комисијата за избори и именувања, ни рече вчера дека не е во Скопје и дека не може да потврди дали до собраниската архива се стигнати барања за апанажа од поранешните министри. Тој рече дека за ова прашање ќе има информации утре, за кога е закажана седница на Комисијата за избори и именувања, на чиј дневен ред се други прашања. Според Илиоски, барањата за апанажа, иако одат преку Комисијата што тој ја води, не се разгледуваат на седница.
Избраните и именувани функционери имаат законска можност, по престанокот на мандатот, да примаат надомест во висина на платата што ја добивале додека биле на функцијата во времетраење од најмногу една година, доколку не засноваат работен однос во меѓувреме. Преку собраниската Комисија за избори и именувања се реализираат апанажите за функционери кои се избрани од парламентот.
Јанкулоска (40), па Јанакиески (37), министри од најтесното опкружување на Груевски, поднесоа оставки на 12 мај, во екот на политичката криза во земјава – набргу по настаните во Куманово. За разлика од Јанакиески, кој оттогаш ретко се појавува во јавноста, Јанкулоска, во периодот по оставката, во неколку наврати можеше да се види на настани во друштво на премиерот Груевски.
Во последната деценија, Јанкулоска, инаку дипломиран правник со магистратура од Велика Британија, во континуитет извршуваше високи функции и во ВМРО-ДПМНЕ, како генерален секретар на партијата, член на Извршниот комитет, носител на пратеничка листа. Од друга страна, Јанакиески, кој има диплома за менаџмент и бизнис од „Американ колеџот“ во Солун, не бил досега на високи партиски функции, ниту, пак, бил кандидиран за пратеник.
Неизвесно е засега како понатаму ќе се развиваат професионалните и политичките кариери на довчерашните најблиски соработници на Груевски во владиниот кабинет, кои се меѓу „најпогодените“ од снимките со прислушуваните разговори што ги објавува опозицијата. Груевски, во наредниот период, треба да го официјализира новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по мајскиот конгрес во Куманово, но нема потврда дали Јанкулоска и евентуално Јанакиески, ќе се најдат на листата на нови членови на најтесното партиско раководство.
Извор: Утрински Весник