Јавна расправа за Националната стратегија за сајбер-безбедност | Правдико

Правдико

   

Јавна расправа за Националната стратегија за сајбер-безбедност

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска ја презентираа работна верзија на Националната стратегија за сајбер-безбедност на Република Македонија. На документот се работеше изминатите неколку месеци во рамките на работната група за изработка на стратешки документи од областа на сајбер-безбедноста, а стратегијата во моментот е објавена и достапна за коментари и предлози од сите засегнати страни.

Како што истакна министерот Манчевски, сајбер-безбедноста не смееме да ја гледаме само како нужно зло – таа во исто време е и поволна шанса за развој и напредување. Интернетот и понатаму останува богато поле за иновации, а глобалниот пазар за сајбер-безбедност расте – и тоа со огромна брзина. Ова се индустриите на иднината, кои на Македонија ќе ѝ помогнат да држи чекор со глобалните трендови и да постигне стабилен пораст на економијата. Генерално, сакаме да ја развиеме Македонија како следна хит ИКТ-дестинација. На таков начин ќе се отворат нови компании, со нови работни места, кои ќе нудат достоинствена плата.

Министерката Шекеринска се осврна на Стратегијата од аспект на одбраната и колку е неопходно да се има мултидисциплинарен пристап кој е во корелација со прописите на Европската Унија и НАТО. Таа истакна дека овој документ, Национална стратегија за сајбер-безбедност, е од исклучителна важност за граѓаните и институциите на оваа држава, што треба да ја гарантира нивната безбедност.

„Република Македонија е решена да стане членка на НАТО што побргу. Убедени сме дека на самитот овој јули Македонија ќе ја добие долгоочекуваната, долгозаслужената покана за членство во НАТО. Тоа значи дека нашите обврски од јули ќе станат само поголеми и ќе станат навистина обврзувачки. Токму овој период, периодот од покана до членство, е можеби најризичниот во поглед на сајбер-заканите. И во овој период Македонија ќе треба да ги покаже силата и компетенцијата на своите институции. Во тој контекст во рамките на стратегијата за која денеска дискутираме предвидено е да се обезбеди развој на сајбер-одбраната како неделив дел од сајбер-безбедноста. Предвиден е развој на единици со сајбер-капацитети во разни делови во Владата и Армијата и основна рамка за координација и комуникација при одговор на сајбер-напади на воените системи, но исто така и на критичната инфраструктура“, рече Шекеринска.

МВР во рамките на своите надлежности активно презема мерки за превенција, заштита и сузбивање на компјутерскиот криминал и злоупотребите во информатичката сферата, иако не секогаш и доволно бидејќи за ефикасна првенција и заштита во сајбер-просторот ни е потребен холистички и мултидисциплинарен пристап.

„Работна верзија на Стратегијата за сајбер-безбедност претставува чекор понатаму во реално воспоставување еден таков посакуван холистички и мултидисциплинарен пристап. Практично, овој документ по својата содржина, насоки и цели е од суштинско значење за Република Македонија во делот на сето она што значи сајбер-безбедност. Читајќи ја визијата на Стратегијата за сајбер-безбедност, точно ќе го видиме концептот на сајбер-безбедност што го поддржуваме и посакуваме. Визијата е Република Македонија да има сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, поддржано од квалитетно изградени капацитети, висококвалификувани експерти, изградено ниво на доверба и интензивна национална и меѓународна соработка во областа на сајбер-безбедноста“, истакна Спасовски.

На јавната расправа беа презентирани главните цели на Стратегијата по што се отвори дискусија со присутната експертска јавност. Присутните изразија поддршка за оваа иницијатива земајќи активно учество во јавната расправа.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико