Јовески: Обвинителството не може да покрене постапка против непознато лице | Правдико

Правдико

   

Јовески: Обвинителството не може да покрене постапка против непознато лице

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска во Парламентот, во врска со случајот со сексуалното злоставување на 13-годишното девојче од Домот „25 Мај“ изјави дека ОЈО Велес води постапка против конкретен сторител, додека во скопското обвинителство има поднесено само службени белешки. Ова обвинителство, според него, не може да постапува доколку не е познат идентитетот на сторителот.

– Обвинителството не може да покрене обвинение против Н.Н. лице и обвинителството врз основа на овие службени известувања побарало одредени податоци од МВР за утврдување на идентитетот за сторителот на кривичното дело. Кога ќе го имаме идентитетот на сторителот на кривичното дело ќе отвориме и истрага – истакна Јовески одговарајќи на прашање на пратеничката Ивана Туфегчиќ.

Потврди дека во ОЈО Скопје во септември лани била поднесена кривична пријава против Домот и тамошни вработени од страна на родителите на детето и кажа дека ОЈО Скопје донела решение што се уште не е правосилно.

Јовески вели дека нема други случаи „во фиоките“ на обвинителите, а доколку има за нив ќе има соодветни постапки.

Вицепремиерот Бујар Османи одговарајќи на прашање на пратеникот Реџаил Исмаили, рече дека на последната седница Владата одлучила да го отвори граничниот премин Белановце – Станчиќ, на македонско-косовската граница, со привремен објект и оти за тоа се задолжени МВР и Царина.

– Одлучивме што побрзо да го ставиме во функција овој граничен премин – рече Османи посочувајќи дека законот што е донесен, а што се однесува на овој граничен премин допрва треба да стапи во сила и оти и покрај тоа ќе бидат потребни неколку месеци да се издаде дозвола за градба од македонска страна за градење на заеднички објект со косовските власти.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска Тренеска информираше дека предлог текстот на новиот законот за високо образование е изготвен и оти сега е прашање согласност во рамки на коалицијата за законот да биде пуштен во владина процедура.

Зборувајќи за активностите што се преземаат за подобрување на условите во студетските домови, министерката кажа дека долгот на студетските домови изнесувал 4,5 милиони евра, по сите стапки – струја, вода, храна…

– Првата задача беше да вратиме дел од тие долгови. Во изминатата година, во последните неколку месеци, во неколку наврати Владата донесе одлуки со кои префрли средства од МОН на студентските домови. Беа префрлени 35 милиони 595 илјади денари со цел да се вратат овие долгови – рече министерката.

Почнати се процеси за подобрување на условите во студентските домови.

– Со оглед на тоа што наследивме лоша состојба, особено во Стив Наумов, во рамки на Програмата за 2018 година забележавме да се спроведе постапка за изготвување на техничка документација, основни проекти за реновирање на првата, втората и третата машка зграда на Стив Наумов. Морам да напоменам дека за втората машка зграда се води спор со вториот изведувач што укажува на одредени нерегуларности во самата постапка. Од тие причини не може да почне реконструкцијата, бидејќи дел од внатрешноста е дел од судска постапка – рече Дескоска Тренеска.

Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ започнати се градежни работи за реконструкција на блоковите „В“ и „Г“. Оваа година, исто така, ќе се изготвува техничка документација за реконструкција на мензата и партерното уредување на домот. МОН има проблем за обезбедување дозвола за градење за потребите на Државниот универзитет во Тетово и за домот „Медицинар“ поради тоа што се уште нема одобрено сообраќајно решение за пристап до локалцијата.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико