„ЈУПИТЕР“ да ги обештето патниците или ќе ја загуби лиценцата
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Пазарната инспекција деновиве ќе ја чешла документацијата за патешествието на 400 македонски туристи во Истанбул.
Македонските туристи кои беа задржани во Истанбул, затоа што туристичката агенција „Јупитер“ не го плати нивното хотелско сместување, вчера пристигнаа дома. По 12-часовното малтретирање во Турција, кога беа држени пред хотелот како заложници, без да им бидат дадени пасошите, тие најавуваат колективна тужба против агенцијата.
„Стигнавме здробени, а не изморени“, раскажуваат патниците чие првомајско патување во Истанбул, од пријатен туристички престој во градот на Босфор, се претвори во вистинско патешествие. По неколкучасовна драма, на патниците им беа вратени пасошите од хотелот каде што престојуваа, а организаторот на патувањето, директорот на агенцијата „Јупитер“, бил задржан во Истанбул додека не ги расчисти сметките со своите турски партнери, односно додека не го платил долгот кон хотелот. Од Истанбул, наместо во 13,30, како што било предвидено, кон Скопје тргнале во седум навечер.
Седиштето на „Јупитер“ во Скопје вчера беше затворено. На вратата стоеше соопштение дека сопственикот е во Истанбул. На заклучени врати наишле и пазарните инспектори кои вчера утрото сакале да извршат контрола.
„На влезот од канцелариите е поставена информација дека агенцијата нема да работи до среда и дека сите граѓани кои патувале во нивна организација во Истанбул ќе бидат обесштетени“, велат од Министерството за економија и посочуваат дека Пазарната инспекција деновиве ќе ја направи контролата на документацијата за патувањето, врз основа на која Министерството ќе преземе чекори.
„Доколку се потврдат неправилности во работењето, ќе се започне постапка за одземање на лиценцата за работа“, велат во Министерството, потенцирајќи дека оштетените граѓани ќе добијат обесштетување од страна на туристичката агенција. Во случај агенцијата да сака да ја избегне оваа законска обврска, Министерството ќе покрене кривична пријава против неа.
Во Стопанската комора за туризам велат дека „Јупитер“ не е нивна членка, што значи дека на овие туристи не можат да им понудат конкретна заштита. Сепак, од таму апелираат секогаш кога се патува, со агенциите да се склучуваат договори.
„Законот за туристичка дејност предвидува склучување договор за секое патување и на тој начин се пропишуваат обврските на агенцијата, а патникот добива заштита. Што се однесува до членките на нашата Комора, во вакви случаи би се презеле низа активности, а одлучува Судот на честа. Решенијата можат да бидат различни, меѓу кои и обесштетување“, вели Пенчо Кимов од Стопанската комора за туризам.
Нашите туристи раскажуваат дека нивната голгота почнала уште првиот ден кога пристигнале во Истанбул кога биле сместени во хотел во близина на аеродромот, а не како што било во договорот во центарот на градот. Петнаесетина патници не прифатиле да бидат сместени на 30-ина километри од центарот на Истанбул и за нив агенцијата нашла решение онака како што било договорено. Тие патници не биле оштетени, бидејќи посетите на знаменитостите ги правеле во сопствена режија, а немале проблеми ни да ги добијат назад пасошите, бидејќи очигледно сместувањето во хотелот било платено.
Во меѓувреме, во хотелот каде што биле сместени големата група патници, се случувала вистинска драма. Според едната варијанта, долгот изнесувал 8.000 евра, а според друга, агенцијата требало да плати 14.000 евра. Од хотелот по никоја цена не сакале да им ги вратат пасошите на патниците, дошло до нервозни реакции, па целата ситуација се вжештила. Интервенирала и полицијата, а пристигнал и претставник од македонскиот конзулат во Истанбул, како и претставници на хотелот, заедно со претставници на групата и организаторот на патувањето, кој според патниците, наводно е Бојан Јовановски, директор на агенцијата „Јупитер“. Таму, велат патниците, Јовановски ја признал вината и бил задржан од полицијата. Освен плаќањето, проблем било и тоа што патниците не биле пријавени како група туку како физички лица. Потоа со полициски записник дошле во хотелот, но пред да ги добијат пасошите, биле условени да потпишат изјави дека престојувале во објектот.
Сопственици на туристички агенции и организатори на патувања од Македонија коментираат дека цената по која „Јупитер“ ги нудел патувањата е нереална. Со парите, велат тие, веројатно бил платен превозот, а не и сместувањето. Ако „Јупитер“ должел 14.000 евра за 400 туристи, значи дека сместувањето за две ноќи со појадок чинело 35 евра. Од друга страна, коментираат туристички работници, автобуски превоз до Истанбул чини 2.000 евра, што значи дека за 8 автобуси треба да се платат 16.000 евра.
Прочитајте повеќе за вашите права додека патувате
Извор: Утрински Весник