К-15 најрано во јули
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Регрес за годишен одмор им следува на лицата кои работат кај ист работодавец најмалку 6 месеци
Годинава ќе има К-15, но ќе треба да се почека крајот на јуни. Поточно, работодавците од приватниот сектор ќе можат да ги исплаќаат работниците од јули или во втората половина од годинава. Како што договорија на крајот на минатата година Организацијата на работодавци и Сојузот на синдикатите на Македонија, износот треба да изнесува најмалку 8.000 денари, ако се има предвид дека просечната нето-плата за јануари изнесува 21.327 денари, а дека минимално расте на месечно ниво. Станува збор за минимален износ, а дадено е правото работодавците да го зголемат, односно да исплатат повисока сума за регрес доколку имаат пари во компанијата.
Ова право се вгради во последните измени на Општиот колективен договор за стопанството, кои стартуваа од 1 јануари годинава, а се со важност од две години. А, според нив, надомест ќе можат да земат само оние лица кои работат кај ист работодавец најмалку 6 месеци во една календарска година.
Останува неизвесно дали работодавците од приватниот сектор ќе го почитуваат договореното. Според претседателот на Организацијата на работодавци, Ангел Димитров, станува збор за законска обврска и сите работодавци треба да ја почитуваат.
„Општиот колективен договор, ОКД, за приватниот сектор од областа на стопанството е обврска за компаниите и очекувам дека тие ќе ги почитуваат измените во врска со регресот за годишен одмор. Во спротивно, секој вработен ќе може да ја тужи фирмата за непочитување на договорот“, вели Димитров.
Досега регресот за годишен одмор не беше прецизно уреден во ОКД, но сепак одделни компании им го исплатуваа на своите работници според колективните договори на ниво на дејност или на гранка, па така и неговата висина беше различна. Но, особено во приватниот сектор каде што нема синдикално организирање и колективно договарање, вработените воопшто не го остваруваа правото на К-15.
Како и да е, враќањето во игра на веќе заборавениот регрес за одмор, ги изненади и ги расположи граѓаните. „Добра е идејата на Синдикатот за повторно исплатување на регресот, особено поради фактот што најголем дел од вработените имаат 200 евра плата со кои не може да се протурка месецот. Сепак, конкретно во фирмата каде што јас работам, ако ценам според досегашната практика, не верувам дека ќе ни се исплатат пари за регрес“, вели скопјанката В.Т. , која над 10 години работи во помала приватна компанија.
За потсетување, законската обврска за регрес за одмор беше укината уште во 2005 година. Пред повеќе од 4 години Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ, и владата на СДСМ ги кршеа копјата околу измените во Законот за работни односи, ЗРО, со кои, меѓу другото, со посебен член се бараше враќање на правото за регресот. Но, не беше постигнат договор околу ова прашање. Изговорот на тогашната влада беше дека К-15, како и исплатата на хранарината и на превозот се заменети со нови категории во ЗРО, по примерот на Европа. А, тоа се 13. плата, исплата на бонуси за прекувремени часови работа, за посебни залагања и слично.
Маја Томиќ
Извор: Утрински весник