Кабинетот на Иванов: Прекршочните пријави на ДКСК се политичка одлука
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Прекршочните пријави на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) против претседателот Ѓорге Иванов се политичка одлука, реагира Кабинетот на претседателот. Од таму целосно ги отфрлаат тврдењата дека со донесувањето на указите, кои се предмет на ваквата одлука, Иванов постапил спротивно на законите и ги пречекорил овластувањата.
„Разочарува фактот што, и покрај тоа што до Државната комисија за спречување на корупцијата уредно беа доставени образложенијата и законските основи врз основа на кои претседателот на Република Македонија ги донесе указите, тие не се земени предвид од страна на Комисијата и наместо тоа, како образложение се даваат општи и непрецизни констатации без законска основа. Претседателот на Република Македонија ги донесе указите во согласност со Уставот на Република Македонија и законите“, се вели во реакцијата.
Како врховен командант, пишува во реакцијата, претседателот нема обврска да бара одобренија за надлежности што му се пропишани со законот.
„ДКСК во образложението се повикува на Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Овој закон пропишува постапка за унапредувања до чин полковник, а не генерал, која е надлежност на претседателот на Република Македонија во согласност со Законот за одбраната. Дополнително, Законот за одбраната е системски закон, а Законот за служба во АРМ е општ закон. Во согласност со начелото на уставност, предвидено со член 51 од Уставот на Република Македонија, јасно е каква е нормативната хиерархија во носењето на одлуките. Доколку воопшто има судир на норми меѓу двата закона, тогаш меродавни се одредбите од Законот за одбраната, а не од Законот за служба во Армијата. Единствена одредба во Законот за служба во АРМ, каде што се споменува унапредувањето на офицерите со формациски чин генерал, е членот 61, став 1, каде што се предвидува дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин, во конкретниот случај од генерал-мајор во генерал-потполковник ако офицерот што треба да биде унапреден поминал најмалку две години во чинот што го има. Претседателот на Република Македонија го донесе указот бр. 57 бидејќи овој критериум за генерал-мајор Васко Ѓурчиновски беше исполнет“, пишува во реакцијата од Кабинетот на Иванов.
Во однос на системот на плати и надоместоци на плати, од таму укажуваат дека во согласност со член 170 (1) од Законот за служба во АРМ, ова е надлежност на министерот за одбрана или од него овластено лице, а не на претседателот на државата.
Дополнително, велат од Кабинетот на Иванов, би сакале да ја запознаеме јавноста дека ваквата одлука на ДКСК е контрадикторна на претходната практика што самата комисија ја воспоставила.
„ДКСК во 2016 година дала одговор по слична проблематика, кој е сосема спротивен на сегашните ставови. Во точка 61 од мислењето издадено во 2016 година од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата јасно е посочено дека во период на избори не постои законска пречка да се доставуваат предлози за именувања и/или отповикувања амбасадори до претседателот на Република Македонија“, велат од Кабинетот на Иванов.
Антикорупциската комисија поведе две прекршочни постапки против претседателот Ѓорге Иванов поради поставувањето генерали во Армијата по распишување на изборите.
Извор: Макфакс