Како да ги заштитите вашите лични податоци | Правдико

Правдико

   

Како да ги заштитите вашите лични податоци

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Законот за заштита на личните податоци му дава право на граѓанинот да знае кои лични податоци контролорите ги собираат, обработуваат и чуваат за него и дали тие работат законито.

informacii

За да се обезбеди тајност и заштита на обработката на личните податоци на субјектот, контролорот и обработувачот мора да применат соодветни технички и организациски мерки за заштита од случајно или незаконско уништување на личните податоци, или нивно случајно губење, преправање, неовластено
откривање или пристап, особено кога обработката вклучува пренос на податоци преку мрежа и заштита од какви било незаконски облици на обработка.

“Контролор на збирка на лични податоци” е физичко или правно лице, орган на државната власт или друго тело, кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци.

“Обработувач на збирка на лични податоци” е физичко или правно лице или законски овластен орган на државната власт кое ги обработува личните податоци за сметка на контролорот.

Заштитата за личните податоци во Република Македонија се остварува на два начина:

1. Од една страна оној кој обработува лични податоци мора да се придржува кон принципите за заштита на личните податоци, со кои се гарантира дека истите се:

  • обработуваат во согласност со закон;
  • собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели;
  • обработуваат на начин што е во согласност со тие цели;
  • соодветни, релевантни и не се преобемни во однос на целите заради кои се собираат и обработуваат;
  • точни, целосни и по потреба ажурирани при што ќе се избришат или коригираат податоците што се неточни или нецелосни; и
  • чувани во форма што овозможува идентификација на субјектот на личните податоци не подолго од што е потребно да се исполнат целите поради кои податоците се собрани за натамошна обработка.

2. Од друга страна граѓанинот има право:

  •  да биде информиран за идентитетот на контролорот и неговиот претставник во Република Македонија;
  • да оствари увид во збирката на лични податоци;
  • да знае кои лични податоци се чуваат за него во електронска или во хартиена форма;
  • да ги знае целите на обработката на неговите лични податоци;
  • да ги знае корисниците или категории на корисници на податоците;
  • да не се согласи со употребата на податоците за комерцијални цели или нивни пренос на трети лица заради такви цели;
  • на пристап и исправка на податоците.

Доколку Ви е одбиено барањето да извршите увид во збирката со лични податоци односно Ви е оневозможено правото на пристап, исправка или бришење на личните податоци, имате право да поднесете барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци до Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Матичниот број на граѓанинот може да се обработува само:

– по претходна изречна согласност на субјектот на лични податоци;

– за остварување на со закон утврдени права или обврски на субјектот на лични податоци или контролорот и

– во други случаи утврдени со закон.

Контролорот е должен да води сметка матичниот број на граѓанинот да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од збирка на лични податоци.

Секој граѓанин има право да бара од контролорот кој води збирки на лични податоци да престане да ги обработува личните податоци кои се однесуваат на него. Не постои строга форма што треба да содржи и како треба да изгледа барањето, но пожелно е да ги наведе овие податоци:

  • Вашиот идентитет и личните податоци на кои Вие се повикувате;
  • Кога обработката на личните податоци сметате дека е незаконита;
  • Кога личните податоци се користат за друга цел, а не за онаа за која сте дале согласност;
  • Евентуалната штетна последица од ваквата обработка;
  • Во кој рок сакате да престане обработката на Вашите лични податоци (тоа треба да биде некој разумен рок).

informacii

Секогаш треба да чувате копија од барањата што ги поднесувате до контролорите, но и од одговорите што сте ги добиле, како и од целокупната кореспонденција. Истите можете  да ги искористите како доказ во случај на спор пред суд или доколку поднесете барање до Дирекцијата.

Имате право да поднесете тужба до надлежен суд за надомест на штета во судска постапка против контролорот на збирка на лични податоци, доколку неовластено ги користел, односно ги давал на користење личните податоци или на било каков друг начин ги злоупотребил Вашите лични податоци.

Тужба за надомест на штета заради повреда на правото на заштита на лични податоци против  контролорот може да поднесете во секое време без разлика дали претходно е утврдена повреда на правото од страна на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Понекогаш контролорите можат да обработуваат лични податоци и без согласност на граѓаните.

Овие исклучоци се однесуваат на различни ситуации:

  • извршување на договор во кој субјектот на лични податоци е договорна страна или на барање на субјектот на лични податоци, пред негово пристапување кон договорот;
  • неопходно исполнување на законска обврска на контролорот;
  • заради заштита на животот или физичкиот и морален интегритет на субјектот на лични податоци;
  • извршување на работи од јавен интерес или на службено овластување на контролорот или на трето лице на кое му се откриени податоците;
  • за заштита на безбедноста и одбраната на државата;
  • заради превенција, откривање и гонење на сторители на кривични дела;
  • заради заштита од повреда на етички правила на одредена професија;
  • заради заштита на важни економски или финансиски интереси на државата и
  • за историски и научни истражувања или статистички цели.

Обработка на личните податоци што се однесува на кривични дела, изречени казни и мерки на безбедност за извршени кривични дела може да врши само надлежниот државен орган во согласност со закон.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Ризици од употребата на лични податоци од  страна на разузнавачките служби

– Прирачник за заштита на личните податоци во секторот: Осигурување

– Прирачник за заштита на личните податоци  во секторот банкарство

– Прирачник за заштита на личните податоци при  вршење видео надзор 

– Прирачник за начинот на користење на личните  податоци за цели на вршење на  директен маркетинг

– Дали Ви е повредено правото на заштита на личните податоци

Препорачуваме

Партнери на Правдико