Кои се вашите права за престојните избори? | Правдико

Правдико

   

Кои се вашите права за престојните избори?

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Согласно Уставот на РМ секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.

izbori

Никој не смее да го повика избирачот на одговорност заради гласањето, ниту пак од него да бара да каже за кого гласал или зошто не гласал.

Постапката за заштита на избирачкото право

Секој избирач на кого му е повредено избирачкото право во постапката на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа од сторување на повредата. Исто така на избирач на кого му е повредено избирачкото право   во постапката за спроведување на гласањето во странство може да поднесе приговор до Државната изборна комисија   во рок од 24 часа по брза пошта, а времето на поднесување на приговорот се смета од времето на предавањето на пратката. После примениот приговор Државната изборна комисија е должна во рок од 4 часа по приемот на приговорот да донесе одлука . 

prigovor

Приговорите се поднесуваат во писмена форма и содржат:

–  место,  време,  опис  на  направената  повреда,  сторителот  и  доказите  на  коиподносителот се повикува;

– име, презиме и потпис на подносителот на приговорот, односно на овластениот претставник и

– електронско сандаче за прием на писмена.

Приговорите можат да се поднесуваат и на посебни обрасци, пропишани од страна на Државната изборна комисија, објавени во “Службен весник на Република Македонија” и на интернет страницата на Државната изборна комисија. Обрасците за предвремените парламентарни избори и претседателските избори можете да ги превземете во делот ОБРАСЦИ  (Државна изборна комисија)

Доколку приговорот се усвои врз основа на доказите наведени во приговорот, а утврдени од Државната изборна комисија ќе се донесе решение со кое се утврдува дека на избирачот му е повредено избирачкото право на начин што истото му е оневозможено да го оствари. Ако се утврди дека на избирачот му е повредено избирачкото право во врска или со одредено дејствие на избирачкиот одбор Државната изборна комисија со решение со кое одлучува по приговорот ќе го задолжи избирачкиот одбор да му овозможи на избирачот да го оствари своето избирачко право доколку процесот на гласање е во тек.

Доколку избирачот не е задоволен од решението на Државната изборна комисија може против одлуката на првостепениот орган, односно Државната изборна комисија да  поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа по приемот на решението.Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на тужбата со што може да ја потврди или преиначи одлуката

Исто така граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилности во канцеларијата на Народниот правобранител за каква било повреда на избирачкото право на бесплатна телефонска линија. Граѓаните можат да ги пријават неправилностите во изборниот период и на денот на гласањето на бројот 0800 54321. Телефонската линија ќе функционира секој работен ден од 8 до 16 часот и  по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, по примениот повик, или снимената порака.

zatvorКривична одговорност

– Повреда на избирачкото право

Член на избирен орган или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, со намера да му оневозможи на друг вршење на избирачко право, противзаконито не ќе го запише во избирачки список или во листа на кандидати или ќе го избрише од избирачки список или од листа на кандидати или на друг начин ќе го лиши избирачот од правото да избира, да биде избран или да гласа, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.

– Повреда на слободата на определување на избирачите

Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.

– Злоупотреба на избирачкото право

Тој што на избори или гласање ќе гласа наместо друг или ќе гласа повеќе од еднаш, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.

– Поткуп при избори и гласање

Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку пет години.

– Повреда на тајноста на гласањето

Тој што при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста, ќе се казни со затвор најмалку три години. Ако делото го стори член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор најмалку пет години.

-Изборна измама

Член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето што при изборите или гласањето, ќе го измени бројот на дадените гласови со додавање или одземање на едно или повсќе гласачки ливчиња или ќе го измени бројот на гласовите при пребројувањето или при објавувањето на резултатиге од изборите или гласањето со додавање или одземање на еден или повеќе гласови, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

– Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања

Организатор на изборната кампања кој со непријавување на изворот на финансии на изборната кампања, со спречување на надзорот над трошењето на планираните средства, со неподнесување на финансиски извештај за потрошените средства, со пречекорување на законските ограничување на средствата дозволени за изборната кампања, со користење на недозволени средства за изборната кампања, со исплати спротивни на кампањата за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето со закон определено овластување како организатор на кампањата, ќе се казни со затвор од најмалку пет години. Со иста казна ќе се казни иодговорно лице во правно лице кое со непријавување на донации и други средства за финансирање на изборна кампања, со спречување на надзорот над финансирањето или помагањето на друг начин на изборна кампања, со неподнесување на финансиски извештај или со давање на лажни или непотполни податоци за дадени донации и други средства, со пречекорување на законските ограничувања на средства дозволени за изборна кампања, со обезбедување на недозволени средства за изборна кампања, со исплати спротивни на намената за финансирање на кампањата или на друг начин го злоупотреби своето овластување определено со закон.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико