Како да ја заштитите вашата трговска марка во Република Македонија
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Заштитата на трговски марки во Република Македонија формално се обезбедува од страна на разни институции и агенции, во зависност од локацијата на фалсификуваните производи во моментот кога се идентификувани и од можноста и волјата на сопственикот да одговори. Националната легислатива на Република Македонија ги овластува Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и Mинистерството за внатрешни работи да ги заштитуваат регистрираните трговски марки.
Носителите на правото можат дополнително да вложат правни лекови директно до државниот правосуден систем, иако ова ретко се случува во практика.
Координативното тело за заштита на права од интелектуална сопственост е основано во 2007 година, со цел да се зголеми меѓувладината соработка во сферата на заштита на правата од интелектуална сопственост. Ова тело се состои од претставници од сите државни институции кои работат на спроведување на заштитата на права од интелектуална сопственост и на негово чело се наоѓа претставник од Државниот Завод за индустриска сопственост.
Досега, ова тело координираше повеќе акции од висок профил, меѓувладини акции на упади / претреси на локации на производство или продажба на фалсификувани производи, сепак конкретни податоци за овие активности не се редовно и широко достапни. Со оглед дека е меѓувладино тело, деловната заедница нема формален пристап или редовен преглед на активностите на ова тело, иако Телото ја манифестираше својата подготвеност блиску да сооработува со деловните луѓе преку неформални канали.
Внатрешни контроли Конечната одговорност за заштита на трговската марка е кај нејзиниот сопственик. Центарот за глобална интелектуална сопственост во Вашингтон препорачува компаниите да ги превземат следниве мерки со цел грижливо да ја контролираат употребата на нивните трговски марки:
• Да се осигураат дека составните елементи на производите (на пр., суровини и делови) се автентични и ги исполнуваат стандардите на компанијата;
• Да се осигураат дека производите се продаваат само на легитимни клиенти, дистрибутери или продавачи;
• Да оневозможат кражби и менување на производите; и
• Да осигураат легитимност на купените производи на ниво на малопродажба.
Внатрешниот мониторинг може во голема мера да се зголеми преку воведување на формални политики на компанијата, обезбедување обука и ангажман на вработените и партнерите, како и преку воведување на нови технологии (на пр., RFID кодови, техники на watermarks, holograms).
Заштита од страна на правосудниот систем
Со оглед на релативно малиот обем на економијата и тенденцијата да се преферираат вонсудските постапки, мал број на предмети поврзани со заштита на права од интелектуална сопственост стигнуваат до суд секоја година. Меѓу деловната заедница постои генерално чувство дека судовите не ги решаваат навремено на овие предмети и често им недостасува потребна експертиза во оваа област од правото, со оглед на неговата ретка примена во судските постапки. Ова е делумно поради недостаток на информации за бројот, должината и ефикасноста на овие постапки, како и недостаток на информации кои ги поврзуваат активностите на другите владини агенции (на пр. Царина) со нивниот краен исход во правосудниот систем.
Судови со надлежност за решавање предмети од областа на заштита на права од интелектуална сопственост се Основните судови, Апелационите судови и Врховниот суд на Република Македонија. Судската заштита на правата од интелектуална сопственост се обезбедува преку заштитата предвидена во граѓанското право и кривичното право, како и административна и судската заштита. Законот за индустриска сопственост исто така обезбедува судска заштита пред Управниот суд на Република Македонија. Брза акција е исклучително важна во предметите за повреда на правата од интелектуална сопственост, со цел да се спречи понатамошна повреда на правата и да се зачуваат доказите. Во Република Македонија, носителите на правото можат да побараат судот брзо да донесе одлука дали постои повреда на права од интелектуална сопственост и да одреди повлекување од пазарот, заплена, задржување и/или уништување на производите.
Носителите на правото можат исто така да побараат времени мерки иако динамиката според која овие чекори се превземаат е причина заради која деловната заедница е загрижена.Намерното измамување на потрошувачите со злоупотреба на туѓa трговска марка е кривично дело во Република Македонија. kривичниот законик на државата предвидува казна затвор до 3 години, парична казна и конфискација на фалсификуваните производи. Сторителите се одговорни за надомест на штета согласно Законот за облигационите односи на државата. Во случај на намерни повреди или повреди поради крајно невнимание, носителите на правото можат да бараат 200% зголемување на стандардната парична казна, дури и во случаи кога таа сума ја надминува фактичката материјална штета.
Македонското право им овозможува на носителите на правото или било која заинтересирана страна да бараат од Јавното обвинителство да поднесе кривична пријава против сторителите на повреди на права од интелектуална сопственост. Во случаи кога Јавното обвинителство ќе констатира дека државата нема интерес за поведување постапка против сторителот на повредата, носителите на правото се овластени да поднесат приватна тужба против сторителот на повредата. Во кривичните предмети, носителите на правото ја превземаат улогата на приватен тужител и/или оштетена странка и кривичната пресуда може да послужи како основа за поведување на граѓанска постапка за надомест на штета.