Како да постапите во случај на молчење на администрацијата | Правдико

Правдико

   

Како да постапите во случај на молчење на администрацијата

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

administracijaКога постапката се поведува по барање на странката односно по службена должност, ако е тоа во интерес на странката, а пред донесување на решението не е потребно да се спроведува посебна испитна постапка, ниту постојат други причини поради кои не може да се донесе решение без одлагање (решавање на претходно прашање и друго), надлежниот орган е должен да донесе решение и да и го достави на странката што побрзо, а најдоцна во рок од 15 дена, сметајќи од денот на предавањето на уредното барање, односно од денот на поведувањето постапка по службена должност, ако со посебен пропис не е определен пократок рок.

Во другите случаи кога постапката се поведува по повод барање на странката, односно по службена должност ако е тоа во интерес на странката, надлежниот орган е должен да донесе решение и да го достави до странката најдоцна во рок од 30 дена ако со посебен пропис не е определен пократок рок.

Доколку надлежниот орган не донесе решение во рокот пропишан со материјалниот закон, подносителот има право во рок од три работни дена од истекот на тој рок, да поднесе барање до писарницата на функционерот кој раководи со органот, односно раководното лице на органот кој постапува по поднесокот, за донесување на решение по поднесеното барање. Функционерот кој раководи со органот, односно раководното лице на органот, кој постапува по поднесокот  е должен да донесе решение најдоцна во рок од пет работни дена од приемот на барањето со кое ќе го уважи или одбие барањето.

Доколку функционерот кој раководи со органот не донесе решение , подносителот на барањето може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена, а тој  е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето да изврши надзор во надлежниот орган дали е спроведена постапката согласно со законот и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

Инспекторот од државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува функционерот кој раководи со органот во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копие од актот со кој одлучил по поднесеното барање. Доколку функционерот кој раководи со органот не одлучи во рокот , инспекторот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена, во кој функционерот кој раководи со органот ќе одлучи по поднесеното барање за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање.

administracija (1)Инспекторот во рок од три работни дена го информира подносителот на барањето за преземените мерки. Доколку се случи  функционерот кој раководи со органот не одлучи и во дополнителниот рок , инспекторот во рок од три работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и во тој рок го информира подносителот на барањето за преземените мерки. Во овој случај подносителот на барањето може да поведе управен спор пред надлежниот суд.

Во ситуации кога  инспекторот не постапи по известувањето , подносителот на барањето во рок од пет работни дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат. Директорот на Државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена да го разгледа приговорот  и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето од подносителот на барањетои/или не поднесе пријава , директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција за инспекторот и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во надлежниот орган дали е спроведена постапката согласно со законот и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок , директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки и  веднаш, а најдоцна во рок од еден работен ден, ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш.

Доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапи по приговорот од барателот, подносителот на барањето може да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од осум работни дена.

На крајот подносителот на барањето може да поведе управен спор пред надлежниот суд.

Постапката пред Управниот суд е итна.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико