Како може да добие државјанство странец кој живее во РМ најмалку 8 години
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Треба да ги исполните сите овие услови :
1. Да имате наполнето 18 години ;
2. Да живеете во РМ законски и постојано најмалку 8 години ;
3. Да имате обезбедено стан ;
4. Да имате обезбедено постојан извор на средства за егзистенција во висина која овозможува материјална и социјална сигурност под услови утврдени со закон ;
5. Во РМ и во државата чие државјанство го имате да не сте казнувани со казна затвор во траење од најмалку една година, за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во РМ ;
6. Во РМ и во државата чие државјанство го имате, против вас да не се води кривична постапка ;
7. Да го владеете македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разберете со околината ;
8. Да не ви е изречена мерка забрана за престој во РМ ;
9. Вашиот прием во државјанство на РМ да не ја загрозува безбедноста и одбраната на РМ ;
Ако ги исполните сите услови од број еден до број 9 ќе треба исто така да имате отпуст од досегашното државјанство или да докажете дека ќе го добиете ако бидете примени во државјанството на РМ.
ВАЖНО: Пред да побарате отпуст од досегашното државјанство или пред да докажете дека ќе добиете отпуст од другото државјанство ако бидете примени во државјанството на РМ, Министерството за внатрешни работи ќе Ви издаде гаранција дека ќе бидете примени во државјанството на РМ.
И накрај, ако ги исполните сите горенаведени услови, и бидете примени во државјанство на РМ, ќе треба да потпишете заклетва дека ќе бидете лојален граѓанин на РМ.
КОИ ДОКУМЕНТИ МИ СЕ ПОТРЕБНИ?
* Кратка биографија.
* ДОКУМЕНТ ЗА ИДЕНТИФИКАЦИЈА (како на пример: лична карта за странец или патна исправа издадена од државата чиј државјанин сте. ). Овој документ ќе треба само да го покажете кога ќе поднесувате барање.
* ИЗВОД ОД МАТИЧНАТА КНИГА НА РОДЕНИТЕ (ако е странски, да биде издаден на интернационален образец или преведен од овластен судски преведувач). Овој документ треба задолжително да го поднесете.
* ИЗВОД ОД МАТИЧНАТА КНИГА НА ВЕНЧАНИТЕ (ако е странски да биде издаден на интернационален образец или преведен од овластен судски преведувач). Овој документ треба да го поднесете само ако го имате.
* ДОКАЗ ДЕКА ВАШЕТО СЕМЕЈСТВО ИМА ОБЕЗБЕДЕН СТАН :
– договор за купопродажба; или
– договор за закуп; или
– поседовен (имотен) лист; или
– решение за даночен обврзник (нелегални градби) и др.
* ДОКАЗ ДЕКА ВАШЕТО СЕМЕЈСТВО ИМА ПОСТОЈАН ИЗВОР НА СРЕДСТВА:
– потврда за работен однос ; или
– потврда за друг извор на приходи.
ЗАПОМНЕТЕ : во потврдата треба да пишува колку пари заработува вашето семејство.
* УВЕРЕНИЕ ДЕКА НЕ СЕ ВОДИ КРИВИЧНА ПОСТАПКА ПРОТИВ ВАС ВО РМ (издадено од Основниот суд во вашето место на живеење).
* УВЕРЕНИЕ ДЕКА НЕ СЕ ВОДИ КРИВИЧНА ПОСТАПКА ПРОТИВ ВАС ВО ЗЕМЈАТА ЧИЕ ДРЖАВЈАНСТВО ГО ИМАТЕ
* УВЕРЕНИЕ ОД КАЗНЕНА ЕВИДЕНЦИЈА ОД ДРЖАВАТА ЧИЕ ДРЖАВЈАНСТВО ГО ИМАТЕ
* ПРАШАЛНИК ЗА ПРОВЕРКА НА УСЛОВОТ ЗА ПОЗНАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК. Ако сте завршиле каков било облик на образование на македонски јазик, или пак во текот на образованието сте имале предмет македонски јазик за кој сте имале преодна оценка, заедно со прашалникот приложете го свидетелството/уверението со кое тоа се потврдува.
ШТО АКО СУМ ВО БРАК СО ДРЖАВЈАНИН НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ?
1. Ако сте венчани пред матичар со државјанин на РМ најмалку три години а во РМ престојувате законски и непрекинато најмалку една година до поднесување на барањето може да добиете државјанство на РМ ако:
· ги исполните сите услови погоре кои треба да ги исполни секој странец, освен условите 2, 7 и 10, односно не треба да сте живееле постојано во РМ најмалку 8 години, не мора да го зборувате македонскиот јазик и не мора да имате отпуст од странското државјанство или да докажувате дека ќе го добиете.
· поднесете уверение за државјанството на РМ на сопругот/сопругата и сите останати погоре наведени документи, освен прашалникот за познавање македонски јазик.
2. Ако сте венчани пред матичар со државјанин на РМ најмалку осум години а законски и постојано живеете во странство може да добиете државјанство на РМ ако:
· ги исполните сите услови погоре кои треба да ги исполни секој странец, освен условите 2, 7 и 10, односно не треба воопшто да сте живееле во РМ, не мора да го зборувате македонскиот јазик и не мора да имате отпуст од странското државјанство или да докажувате дека ќе го добиете.
· поднесете копија од документот со кој се потврдува дека имате пријавен законски престој во друга држава, уверение за државјанството на сопругот /сопругата како и сите останати погоре наведени документи освен прашалникот за познавање македонски јазик.
ШТО АКО НЕ ЖИВЕАМ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, НО СУМ ИСЕЛЕНИК ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ИЛИ ДЕТЕ НА ИСЕЛЕНИК?
Можете да поднесете барање за државјанство со потребните документи наведени погоре до најблиската амбасада (конзулат) на РМ. Не мора да добиете отпуст од државјанството што го имате ниту да живеете во РМ, но мора да ги исполните сите останати услови како и секој странец наведени погоре, вклучувајќи го и познавањето на македонскиот јазик.