Како се организирани судовите во нашиот систем | Правдико

Правдико

   

Како се организирани судовите во нашиот систем

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

scaaaaaaaСпоред принципот на поделба на власта, судската власт ја извршуваат судовите. Прекршувањата на правилата и споровите меѓу луѓето секогаш постоеле и ќе постојат, а судот е органот што одлучува за правдата во таквите ситуации.

Применувањето на законите од страна на судовите во конкретен случај, значи изрекување на правото. Оваа функција на судовите се нарекува јурисдикција, нејзиното име и потекнува од латинскиот збор jus dicere, што значи “да се изрече правото”.

Во вршењето на својата функција, судовите се самостојни и независни. Притоа тие треба да се однесуваат објективно и правично. Работата на судовите, т.е. спроведувањето на судските постапки е јавно. Теоретски, тоа значи дека секој граѓанин може да присуствува на судење.

Меѓутоа, постојат ситуации кога јавноста од оправдани причини е исклучена (кога тоа е потребно за чување тајна, кога една од страните е малолетник, кога постои опасност за нарушување на јавниот ред и морал). Како е организиран судскиот систем во Република Македонија?
Во судскиот систем, судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Основните судови се првостепени и се основаат на подрачјето на една или повеќе општини. Во нашата држава има 27 основни судови. Тие во првстепен решаваат за кривични дела, стопански спорови, за спорови од лични, семејни, работни, имотни и други граѓанско-правни односи и др.
Значи, секогаш кога граѓаните сакаат да остварат некое свое право, кога сакаат некого да тужат за нешто, тоа го прават пред некој од основните судови (на пример, кога двајца брачни другари сакаат да се разведат, или кога една фирма сака да наплати заостанат долг од друга фирма).

Апелационите судови се второстепени судови во Република Македонија. Се формираат на територијата на повеќе основни судови. Четирите апелациони судови се наоѓаат во Скопје, Битола, Штип и Гостивар. Тие се надлежни да решаваат по однос на жалбите против одлуките на основните судови. Значи, откако основниот суд ќе донесе одлука, лицето што не е задоволно од одлуката може да поднесе жалба, односно да се жали до апелационен суд, само ако постојат основи за жалба и не е поминат рокот. Во таков случај, апелациониот суд треба да испита дали одлуката на основниот суд е во ред. Ако утврди дека судот погрешил што донел таква одлука, апелациониот суд може да ја укине таквата одлука, или да донесе друга. Но, доколку судот смета дека основниот суд правилно постапил, таквата одлука ќе ја потврди. На пример, основниот суд во Прилеп донел одлука со која на лицето Д.Д. му е изречена парична казна во висина од 20.000,00 денари, за надомест на сторена штета. Незадоволен од пресудата, десет дена по приемот на истата, Д.Д. поднел жалба до Апелациониот суд во Битола.

Управниот суд е нов суд во Република Македонија, што е воведен со Законот за судови во 2006 година. Управниот суд е надлежен да решава против
поединечни акти на органите на државната управа, како и да ја утврдува нивната законитост. Поедноставено, Управниот суд ќе одлучува по барања
од страна на граѓаните, секогаш кога сметаат дека државните органи им повредиле некое право, или постапиле спротивно на законите. На пример, при доделување стипендии на средношколци, Министерството за образование и наука донело одлука со која се одбива барањето да му се додели стипендија на средношколецот В.В. Незадоволен од одлуката, средношколецот поднел жалба до второстепениот орган (комисија при Владата на Република Македонија), што повторно го одбил барањето за доделување стипендија. Убеден во неправилноста на донесената одлука, В.В. решил да поднесе тужба до Управниот суд.

Врховниот суд е највисок суд во Република Македонија. Својата власт ја врши на територијата на целата држава, а неговото седиште е во Скопје. Тој одлучува во трет и последен степен по жалбите против одлуките на апела ционите судови. Постоењето трет степен на заштита на правата, не значи дека во секој случај може да се води постапка пред Врховниот суд. За тоа да се случи е потребно да бидат исполнети строги законски услови. Врховниот суд е второстепен суд за одлуките донесени од страна на Управниот суд. На пример, Апелациониот суд во Скопје донел одлука со којашто ја потврдува одлуката на основниот суд Скопје 1, со којашто на обвинетиот А.А. му се изрекува казна доживотен затвор, за извршено свирепо убиство на пет лица. Против ваквата одлука на Апелациониот суд, обвинетиот А.А. поднел жалба до Врховниот суд. Судовите ги штитат слободите и правата на човекот и на граѓанинот, доколку тоа според Уставот не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Извор: Фондација Институт отворено општество – Македонија, Учиме право

Препорачуваме

Партнери на Правдико