Како се прогласува исчезнато лице за умрено | Правдико

Правдико

   

Како се прогласува исчезнато лице за умрено

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

cekan-652Во постапката за прогласување на исчезнато лице за умрено и за докажување на смрт, судот го прогласува исчезнатото лице за умрено, односно утврдува смрт на лице за кое нема докази дека е умрено според условите предвидени со закон.

Кој може да поднесе предлог?

Предлог за прогласување на исчезнато лице за умрено може да поднесе секое лице кое има правен интерес за тоа и јавниот обвинител. Предлог  може да поднесе и јавниот правобранител, кога е во прашање имотен интерес на Републиката.

Како се одвива постапката?

Судот, по приемот на предлогот, оценува дали има потреба од сослушување на сведоци и прибавување на податоци и известувања.

Ако судот утврди дека се исполнети условите за поведување на постапка според овој закон, ќе даде оглас во кој ќе се наведат суштествените околности на случајот и ќе се повика исчезнатото лице, како и секој друг што знае за неговиот живот, да се јави во судот во рок од три месеца од објавувањето на огласот во “Службен весник на Република Македонија”, со укажување дека по истекот на тој рок исчезнатото лице ќе се прогласи за умрено.

Огласот се објавува во “Службен весник на Република Македонија” и на огласната табла во судот, а ќе се објави и во местото во кое исчезнатото лице имало свое последно живеалиште, односно престојувалиште. Судот може да определи огласот да се објави и преку други средства за јавно информирање, како и во странство.По истекот на рокот , ако исчезнатото лице не се јави, ќе се извести центарот за социјална работа за да определи старател на исчезнатото лице, како и јавниот обвинител.

Кои се условите?

Ќе го прогласи за умрено лицето:

1)   за чиј живот во последните пет години немало никакви вести, а од чие раѓање поминале најмалку шеесет години;

2)   за чиј живот во последните пет години немало никакви вести, а за кое може да се верува дека повеќе не е живо;

3)   што исчезнало во бродолом, сообраќајна несреќа, пожар, поплава,земјотрес или во друга непосредна смртна опасност, а за чиј живот немало никакви вести најмалку шест месеца од денот кога престанала опасноста и

4)   што исчезнало за време на воена состојба, а за чиј живот немало никакви вести една година од денот кога престанале непријателствата.

Роковите  се сметаат од денот кога според последните вести исчезнатото лице несомнено било живо, а ако не може да се утврди точно тој ден, тие рокови почнуваат да течат со завршувањето на месецот, односно годината во која според последните вести исчезнатото лице било живо.

Што ако лицето се јави во судот?

Ако исчезнатото лице прогласено за умрено лично се јави на судот, судот откако ќе го утврди неговиот идентитет, без натамошна постапка ќе го укине своето решение за прогласување на тоа лице за умрено.

Што после прогласувањето?

Правосилното решение за прогласување на исчезнато лице за умрено, односно правосилното решение за преиначување или укинување на решението за прогласување на исчезнатото лице за умрено, судот ќе го достави до надлежниот матичар за запишување во матичната книга на умрените и на судот надлежен за расправање на оставината на исчезнатото лице, а решението за укинување и на центарот за социјална работа.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико