Како се врши преиначување на тужба
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Преиначување на тужба е промена на идентичноста на барањето, зголемување на постојното или истакнување на друго барање покрај постојното. Тоа може да се изврши до првото рочиште за главна расправа.
Како промена на идентичноста на барањето претставува промена на фактите од кои се изведува правната природа на фактичката состојба, па оттука промена на идентичноста постои тогаш кога новото тужбено барање се разликува од првобитното било по својата содржина, било по својот основ.
Зголемување на тужбеното барање е исто така преиначување на тужбата. Зголемувањето постои кога тужителот го зголеми износот на паричното побарување или на предавање на определени заменливи предмети. Доста важно е зголемувањето на тужбеното барање да се заснова на истиот правен основ на тужбеното барање и на истиот правен основ.
Истакнување на друго барање покрај постојаното, всушност се врши преиначување на тужбата со извршување кумулација на тужбените барања.
По доставувањето на тужбата до тужениот, за преиначување на тужбата е потребна согласност од тужениот, но и кога тужениот се противи судот може да дозволи преиначување ако смета дека тоа би било целесообразно за конечно решавање на односите меѓу странките. Ќе се смета дека постои согласност на тужениот за преиначување на тужбата ако тој се впушти во расправање за главната работа по преиначената тужба, а пред тоа не му се противел на преиначувањето.
Ако тужителот ја преиначува тужбата така што, поради околностите што настанале по поднесувањето на тужбата, бара од истиот фактички однос друг предмет или паричен износ, тужениот не може да се противи на таквото преиначување.
Тужбата не се смета за преиначена:
– ако тужителот го променил правниот основ на тужбеното барање
– ако тужителот го намалил тужбеното барање или
– ако тужителот променил, дополнил или исправил одделни наводи, така што поради тоа тужбеното барање не е променето.
За преиначување исто така не се смета и кога тужителот истакнал ново тужбено барање како меѓупредлог за утврдување за постоење односно за непостоење на некој правен однос ако одлуката по спорот зависи од тоа.
Исто така преиначувањето на рокот од кој се бара да тече затезна камата, не претставува преиначување на тужбата ако тој е подоцнежен од онај истакнат во тужбата.
Намалувањето на тужбеното барање, без преиначување на основот на тужбеното барање, иако по својата суштина претставува одрекување од тужбеното барање, не се смета за такво, туку се смета како повлекување на тужбата, со што не може да се бара согласност од другата страна, и оттука судот не може да донесе решение дека не го прифаќа смалувањето на тужбеното барање.
Субјективно преиначување на тужба
Тужителот може се до заклучувањето на главната расправа да ја преиначи својата тужба и така што наместо првобитно тужениот ќе тужи друго лице(субјективно преиначување на тужба).
За субјективното преиначување на е потребна согласност од лицето кое треба да стапи во парницата наместо тужениот, а ако тужениот веќе се впуштил во расправање за главната работа, потребна е и согласност од тужениот со што лицето кое стапува во парницата наместо тужениот мора да ја прими парницата во онаа состојба во која се наоѓа таа во моментот кога стапува во неа.
Ако првобитно тужениот не се согласи со преиначувањето на тужбата така што наместо него да биде тужено друго лице, тужителот може да се откаже од тужбеното барање против него, во кој случај ке се донесе пресуда поради откажување, против првобитниот тужен, а за новиот тужен кој дал согласност настапуваат истите последици како да првобитно тужениот се сложил со субјективното преиначување на тужбата.
Недоаѓањето на рочиштето на лицето кое треба да стапи во процесот наместо првобитниот тужен, се смета како недавање на согласност на преиначената тужба.
–ПРАВДИКО–