Како се врши распределба на оставината по наследни редови
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Основа на групирање на наследниците во наследни редови е парентално-линеарниот систем каде се врши распределба на наследниците во законски наследни редови, каде точно е наведено кое лице во кој наследен ред припаѓа.
Наследното право во Република Македонија, во Законот за наследување предвидува три наследни редови каде се наброени лицата кои се повикуваат за наследување врз основа на закон. Врз основа на закон, умрениот го наследуваат: сите негови потомци, неговите посвоеници и нивните потомци, неговиот брачен другар, неговите посвоители, неговите родители, неговите браќа и сестри и нивните потомци и неговите дедовци и баби и нивните потомци. Наследниците од поблискиот наследен ред ги исклучуваат од наследство лицата од подалечниот наследен ред.
Прв наследен ред
Првиот наследен ред го сочинуваат потомците на оставителот (децата) и неговиот брачен другар. Иако во одредбата првоповикани се децата на наследство тие со брачниот другар се изаднечени и наследуваат на еднакви делови. При определба на бројот на децата кои треба да се повикаат за наследство не се прави разлика помеѓу тоа дали децата се родени во брак или се вон брак бидејќи нашиот правен систем им дава еднаква заштита и се изаднечени пред законот. Оттука при делба на наследството од првиот наследен ред тоа ќе се дели на толку еднакви делови колку што изнесува бројот на децата и плус брачниот другар.
Доколку во моментот на смртта на оставителот некое од децата не е живо тогаш делот од оставината што би му припаднал на порано умреното дете да го надживеало оставителот го наследуваат неговите деца, внуците на оставителот, на еднакви делови, а ако некој од внуците умрел пред оставителот, тогаш делот што би му припаднал да бил жив во моментот на смртта на оставителот го наследуваат неговите деца, правнуците на оставителот, на еднакви делови и така редум се додека има потомци од оставителот. Ова е познато како право на претставување.
Кога има деца на оставителот кои не потекнуваат од бракот со надживеаниот брачен другар, а имотот на овој брачен другар изнесува повеќе од делот што би му припаднал при делбата на оставината на еднакви делови, тогаш на секое дете на оставителот му припаѓа двапати поголем дел отколку на брачниот другар
Втор наследен ред
Вториот наследен ред го сочинуваат родителите на оставителот и неговиот брачен другар или како што стои во Законот за наследување: ,,Оставината на умрениот кој не оставил потомци ја наследуваат неговите родители и неговиот брачен другар” – член 16. Делбата на наследството се одвива така што родителите на умрениот наследуваат една половина од оставината на еднакви делови, а втората половина ја наследува брачниот другар на умрениот. Ако по умрениот не останал брачен другар, родителите на умрениот ја наследуваат целата оставина на еднакви делови. Карактеристично во вториот наследен ред е тоа што брачниот другар се јавува и во првиот и во вториот наследен ред
а)Браќата и сестрите на умрениот
Со примената на правото на претставување и во вториот наследен ред како наследници можат да се појават браќата и сестрите на оставителот како деца на родителот на оставителот. Ако едниот родител на оставителот умрел пред оставителот, делот од оставината што би му припаднал да го надживеал оставителот го наследуваат неговите деца (браќата и сестрите на оставителот), неговите внуци и правнуци и неговите натамошни потомци, според правилата што важат за случај кога умрениот го наследуваат неговите деца и другите потомци. Ако двајцата родители на оставителот умреле пред оставителот, делот од оставината што би му припаднал на секој од нив да го надживеал оставителот го наследуваат потомците.
Во сите случаи браќата и сестрите на оставителот само по таткото го наследуваат на еднакви делови татковиот дел од оставината, браќата и сестрите само по мајката го наследуваат на еднакви делови мајчиниот дел, а родените браќа и сестри го наследуваат на еднакви делови со браќата и сестрите по таткото татковиот дел, а со браќата и сестрите по мајката мајчиниот дел.
Ако обата родители на оставителот умреле пред оставителот, а не оставиле ниеден потомок, целата оставина ја наследува надживеаниот брачен другар на оставителот.
Трет наследен ред
Третиот наследен ред го сочинуваат дедовците и бабите на оставителот и тоа е во случај кога умрениот не оставил ниту потомци, ниту родители, ниту овие оставиле некој потомок, ниту брачен другар. Рапределбата се одвива така што едната половина од оставината ја наследуваат дедото и бабата по татко, а другата половина дедото и бабата по мајка. Дедото и бабата од иста лоза наследуваат на еднакви делови. Ако некој од предците од една лоза умрел пред оставителот, делот од оставината што би му припаднал да го надживеал оставителот го наследуваат неговите деца, неговите внуци и неговите натамошни потомци, според правилата што важат за случај кога умрениот го наследуваат неговите деца и другите потомци.
Во се друго за наследното право на дедото и бабата од една лоза и нивните потомци важат правилата според кои наследуваат родителите на оставителот и нивните потомци.
Ако дедото и бабата од една лоза умреле пред оставителот, а не оставиле ниеден потомок, делот од оставината што би им припаднал да го надживеале оставителот го наследуваат дедото и бабата од другата лоза, нивните деца, нивните внуци и нивните натамошни потомци, како што е предвидено во член 21 од овој закон.
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
– Како се одвива постапката за расправање на оставина
–Кога наследникот се прогласува за недостоен за наследување?