Каква е иднината на ЕУЛЕКС на Косово? | Правдико

Правдико

   

Каква е иднината на ЕУЛЕКС на Косово?

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

euleks-zgrada-u-pristini-foto-betafМисијата на ЕУ за владеење на правото – ЕУЛЕКС, во моментов е поактивна на Косово од кога било претходно. Во последниве месеци повеќе воени злосторници се притворени и ставени зад решетки. Но, има и критики за ЕУЛЕКС.

Мисијата на ЕУ за владеење на правната држава – ЕУЛЕКС, ги има сите овластувања во Косово за истражување, гонење и апсење на сите оние кои се осомничени за воени злосторства, корупција и организиран криминал. Таа надгледува, поддржува и советува институции на Косово за владеење на правото. Меѓу нив се судските, полициските и царинските органи. Најскапата мисија на ЕУ, со годишен буџет од 111 милиони евра, целосна оперативна функционалност постигна во април 2009 година.

Сепак, долго време се случуваа малку работи. Многумина сметаат – премалку. Затоа мисијата ЕУЛЕКС е жестоко критикувана поради недостаток на ефективност и расфрлање со пари.

pppОд февруари 2013 година мисијата, со повеќе од 2.000 странски и косовски работници, е раководена од Германецот Бернд Борхарт. Уште на почетокот на неговиот мандат внимателно, но одлучно, тој најави во интервју за Дојче веле дека сака да направи „први чекори во борбата против корупцијата и воените злосторници“. Само неколку месеци подоцна, во мај 2013 година, уапсени се пет високорангирани команданти на УЧК и блиски соработници на премиерот Хашим Тачи. Тие се виновни за сторени воени злосторства против Срби и Албанци во 1998 и 1999 година.

„Нас политиката не нѐ интересира“

Имаше уште неколку други притворања и судски процеси. Посебно големи бранувања предизвикаа два случаи. На почетокот на годината беше притворен синот на поранешниот косовски претседател Ибрахим Ругова, Уке Ругова, поради сомневања за корупција и измама, меѓу другото и на штета на италијанската амбасада. Малку подоцна, на 27 јануари, зад решетки беше донесен и истакнат водач на косовските Срби – Оливер Ивановиќ. Тој се наоѓа под обвинение дека извршил убиства и воени злосторства врз Албанци за време и по косовската војна во 1999 година. Неговиот притвор се случи кратко пред изборите во претежно со Срби населениот град Северна Митровица, каде тој имаше добри шанси да биде избран за градоначалник.

images„Нас политиката не нѐ интересира“, вели Борхарт во интервју за Дојче веле. „Тоа беше случајност што во последните недели изнесовме повеќе големи случаи, што државните обвинители имаа доволно материјал на располагање за да можат да издадат барање за притвор“, додава тој. Исто така имаше и други „големи случаи“ на двете страни, како Албанци, така и Срби, како што беше поранешниот министер Фатмир Лимај или српскиот полициски шеф во северно Косово Драгољуб Делибашиќ.

ЕУЛЕКС спроведе бројни истраги и апсења

Критичарите го обвинуваат ЕУЛЕКС за водење кампања, бидејќи владата во Приштина сака оваа мисија да ја заврши или промени на 14 јуни.

„Јас сум овде постојано многу активен и тоа со сигурност нема никаква поврзаност со прашањето на мандатот. За работата на другите не сакам да шпекулирам“, изјави Борхарт.

„На Косово му е потребен ЕУЛЕКС“

Од почетокот на мисијата на ЕУ поднесени се повеќе од 500 обвиненија пред меѓународни судии. Во различни случаи беа донесени повеќе од 350 осудителни пресуди за воени злосторства, корупција и организиран криминал. Многу судски процеси сепак уште не се ни почнати, а некои значајни истраги сѐ уште се водат, како онаа за обвинувањата за можна трговија со органи за време на војната во Косово.

„Имам голем репект за работата на ЕУЛЕКС и на шефот Борхарт“, вели Јохана Дајмел од Друштвото за Југоисточна Европа во интервју за Дојче веле. „Во ниту еден случај нема да дојде до тоа ЕУЛЕКС целосно да биде повлечен од Косово. Веројатно мисијата ќе биде променета во големината и во одредени оддели, ама таа е неопходна, бидејќи се работи за процеси против воени злосторства, организиран криминал, корупција и програми за заштита на сведоци. Затоа, ЕУЛЕКС мора да остане во Косово и во следниве години“, нагласува Дајмел.

Билборд во Приштина, на кој е напишано дека ЕУЛЕКС не прави ништо за борбата со воените злосторства на Косово

Косовската влада е убедена дека 15 години по крајот на војната, и по повеќе од шест години по прогласената независност, може да ја преземе одговорноста и во правниот и полициски дел. Франц-Лотар Алтман, професор во Катедра за меѓународни и интеркултурни врски на УНЕСКО на Универзитетот Букурешт, го поставува прашањето – дали владата во Приштина би била во состојба да ги преземе задачите на ЕУЛЕКС?

„Не знам дали владата ќе можеше да ги притвори водачот на косовските Срби Ивановиќ. Верувам дека не, бидејќи веднаш ќе дојдеше до екстремни немири и конфликти со српското население и до уште поостри протести на владата во Белград“, вели професорот Алтман.

Трибунал во Косово

Во Косово во моментов се одвива истрагата заснована на извештајот на европратеникот Дик Марти за можна трговија со органи за време на војната во Косово. Поради проблемите со заштита на сведоците, сѐ почесто се шпекулира за основање на трибунал за воени злосторства во Косово. Косовската влада сака овој трибунал да биде поставен во Косово. Сѐ уште е под знак прашалник дали такво нешто би било прифатливо, бидејќи постојат сомневања дека во овие кривични дела се вклучени и високорангирани владини политичари. Тој трибунал би требал да биде основан до крајот на сегашниот мандат на ЕУЛЕКС. Мисијата на ЕУЛЕКС може да биде прекината само со договор меѓу Брисел и Приштина. Во моментов во Брисел се одвиваат консултации за оваа мисија. Многу експерти се убедени дека нема да дојде до прекин на мисијата.

Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година. Досега тоа е признаено од 106 земји, но не и од Србија, Русија, Кина, како и петте земји-членки на ЕУ Шпанија, Романија, Кипар, Словачка и Грција.

Извор: DW

Препорачуваме

Партнери на Правдико