Какви облици на саморегулација на медиумите може да функционираат во Македонија?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.1. Сите социјални партнери во медиумскиот систем треба да се стремат кон стимулирање на употребата на сите форми и облици на саморегулација, за кои ќе биде оценето дека можат да функционираат и да придонесат во унапредувањето на професионалните и етичките стандарди и угледот на новинарството и на медиумите во Македонија.
2. Редакцискиот омбудсман/уредник на читателите, е наједноставната форма на саморегулација, која не чини многу, а може значително да придонесе во подигнување на стандардите и угледот на медиумите што ќе одлучат да ја применат. Воведувањето редакциски омбудсман треба да биде охрабрено во сите редакции, а особено во јавниот сервис – МРТ. Формирањето Совет за етика и омбудсман за читатели во изданијата на Медија принт Македонија – МПМ (Дневник, Вест и Утрински весник), досега е единствен позитивен пример, иако телото сé уште не започнало активно да работи.
3. Советот на честа во рамки на ЗНМ, како колегијален орган составен од новинари – членови на ЗНМ, треба да продолжи уште поактивно да ја извршува својата задача, согласно Статутот на ЗНМ и Деловникот за работа на Советот.
4. Идејата за медиумски омбудсман како јавна функција (како народен правобранител), или во рамките на канцеларијата на Омбудсманот, е позитивна, под услов да се воведат механизми таа да се остварува независно и ефикасно, за да се избегне перцепцијата на овие институции како „провладини“, или „опозициски“.
5. За да успее, саморегулацијата мора да биде инклузивна, консултативна и транспарентна, и да вклучи што поголем број медиуми и претставници на другите два социјални партнера – сопствениците на медиумите и претставниците на јавноста.
6. Имајќи го предвид долготрајниот тренд на директно влијание на сопствениците врз уредувачката политика на медиумите, потребно е да се обезбеди директно ангажирање на претставници на сопствениците во заедничко саморегулаторно тело што ќе се стреми да ги обедини сите редакции, и ќе ги вклучи и радиодифузните, печатените и онлајн медиуми.
7. Потребно е отворање јавна дискусија околу потребата од формирање на независно саморегулаторно тело, на пример „совет за новинарска етика“, во кој ќе членуваат претставници на новинарските здруженија и професионалните медиумски организации, претставници на сопствениците на медиумите (делегирани преку Стопанската комора, или друго еснафско здружение), и претставници на јавноста, т.е. граѓаните (пензиониран судија, претставник од Здружението на потрошувачите, академски професори од областа на новинарството, и др.).
8. Постапката на формирање на ова тело треба да биде транспарентна и отворена за сите кои сакаат конструктивно да придонесат кон овој процес.
9. Најдобро е финансирањето да го обезбедуваат медиумите што ќе членуваат во телото, без никакво мешање на државата.
10. Да се формира иницијативен одбор што ќе го започне процесот на формирање на телото, ќе подготви план за работа и ќе има мандат до формалното конституирање на советот.
11. Паралелно со овој процес, неопходно е да се покренат „креативни“ иницијативи, од типот на новинарски награди, или слично, што ќе ги стимулираат новинарите да не прифаќаат задачи кои се спротивни на професионалните и етичките стандарди.
12. Неопходно е да се зајакнат критериумите за новинарска едукација на сите кои (сакаат да) работат како новинари.
13. Советот за радиодифузија треба да ја зајакне примената на санкциите за неспроведувањето на програмските стандарди, согласно Законот за радиодифузна дејност.