Каракамишева го изгуби спорот пред Управен суд против премиерот Заев | Правдико

Правдико

   

Каракамишева го изгуби спорот пред Управен суд против премиерот Заев

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ , Тања Каракамишева Јовановска, го изгуби спорот пред Управниот суд што го поведе против премиерот Зоран Заев, дознава НОВА ТВ од извори во судот.

Каракамишева поднесе тужба против одлука на премиерот Заев донесена на седница на Влада на 11 јули со која професорката се разрешува од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование.

Професорката пред Управниот суд ја оспорила законитоста на Решението на премиерот Заев, а поднела и посебен предлог за времена мерка со која барала да остане член на Одборот се до правосилноста на пресудата, поради постоење на јавен интерес и барала да се забрани Владата да врши назначување на нови членови.

Управниот суд минатата недела донел одлука да ја отфрли тужбата.

„Во конкретниот случај со тужбата не се оспорува конечен управен акт, туку тужбата е насочена против Решение од Претседателот на Владата на РМ, што не претставува конститутивен управен акт донесен во управна постапка, туку е акт донесен за работи кои спаѓаат во делокругот на работата на Владата“, пишува во образложението на пресудата.

Разрешената професорка има право на жалба на оваа одлука на Управниот суд во рок од 15 дена до Вишиот управен суд.

Освен Каракамишева, тужба поради разрешувањето поднел и нејзиниот колега од Правниот факултет, Гоце Наумовски, кој исто така беше во Одборот за акредитација и евалуација на високото образование.

Каракамишева и Наумовски беа разрешени на владина седница заедно со  членовите на сите управните и надзорни одбори на јавните претпријатија, јавните здравствени установи, јавните установи за социјална работа, агенции и други правни лица, членови на комисии и членовите на секој надзорен одбор и одбори на директори од акционерските друштва во државна сопственост.

Професорката Каракамишева беше избрана за член на Одборот во декември 2015 година, заедно со Трајко Славески, Гоце Наумовски, Христијан Мицкоски, Горазд Росоклија, Фестим Халили, Беким Фетаји, Александар Митов и Александар Спасеновски. Мандатот на членовите е четири години, но Владата предводена од Заев одлучи да ги разреши старите работни тела и на нивно место да именува нови членови.

Од Владата засега нема информации кои се новите кадровски решенија за Одборот за акредитација и евалуација на високото образивание. Одбор е тело кое врши надворешна оцена на квалитетот на високообразoвната установа и остварувањето на нејзината дејност.

Извор: НоваТВ

Партнери на Правдико