Карактеристики и упис на Јавно трговско друштво
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Јавно трговско друштво дефинирано во Законот за трговски друштва е трговско друштво во кое се здружуваат две или повеќе физички и правни лица, кои на доверителите за обврските на друштвото им одговараат неограничено и солидарно со сиот свој имот. Се работи за договорно здружување на две или повеќе правни лица каде за обврските на друштвото одговараат лично и неограничено со својот имот кој го поседувале за време на стекнувањето на содружничкиот однос но и со имотот кој ќе го стекнат во текот на траење на содружничкиот однос.
Фирмата на јавното друштво ги содржи и зборовите ,,јавно трговско друштво” или ознаката ,,ЈТД”.
Бидеќи се работи за договорно здружување Законот предвидува елемент кои мора да ги содржи договорт за друштвото и тоа:
1) името и презимето, ЕМБГ, занимањето, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта (ако содружник е странско физичко лице) или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, ЕМБС, ако содружникот е правно лице;
2) фирмата и седиштето на јавното друштво;
3) предметот на работењето на јавното друштво;
4) видот и износот на влогот на секој содружник;
5) начинот на личното учество на секој содружник во работата на јавното друштво;
6) начинот на водење на работењето и на застапувањето на јавното друштво и начинот на донесување на одлуките;
7) начинот на распределба на добивката и начинот на покривање на загубата и
други прашања определени со овој закон со коишто се уредуваат односите меѓу содружниците
Потписите на содружниците на договорот за друштвото се заверуваат кај нотар. По исклучок, потписите на содружниците на друштвото не се заверуваат кај нотар, ако договорот за друштвото е во електронска форма потпишан со електронски потпис од содружниците на договорот за друштвото согласно со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис.
Карактеристично е тоа што за Јавното трговско друштво постојат посебни услови за вршење на дејноста. Па оттука Јавно друштво може да врши дејност поврзана со занимање за кое е потребна соодветна квалификација ако некој од содружниците или вработените има соодветна квалификација, освен ако со закон не е определено сите содружници или поголем број содружници на јавното друштво да ја имаат пропишаната квалификација за дејноста којашто е поврзана со определено занимање.
Уписот и основањето на Јавното трговско друштво се врши во трговскиот регистар. Пријавата за упис на основањето на јавното друштво ја поднесуваат сите содружници на јавното друштво овластени за застапување.
Во трговскиот регистар се запишуваат:
1) фирмата и седиштето на јавното друштво;
2) името и презимето, ЕМБГ, занимањето, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта (ако содружникот е странско физичко лице) или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, ЕМБС, ако содружникот е правно лице;
3) предметот на работењето на јавното друштво;
4) видот и износот на влогот на секој содружник и
5) начинот на застапувањето на јавното друштво.
Кон пријавата се приложуваат:
1) договорот за друштвото;
2) копија од пасош или од лична карта за странски физички лица или од друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во нивната земја, односно доказ за регистрација ако основач е правно лице;
3) дозвола или друг акт на државен орган или на друг надлежен орган ако таа обврска е определена со закон за упис на јавното друштво во трговскиот регистар;
4) доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во јавна книга за евиденција на недвижни ствари, а ако се внесува подвижна ствар за којашто со закон е определена обврска за евиденција (регистар)-доказ за сопственост над подвижната ствар;
5) изјава од застапникот по закон на правно лице, односно изјава од физичко лице, дека не постои пречка да биде основач на јавното друштво во согласност со членот 29 од овој закон и
6) изјава во којашто ги наведуваат дејствијата извршени со цел правилно да се основа трговско друштво и со којашто тврдат дека друштвото го основале во согласност со закон и дека податоците содржани во прилозите (исправите и доказите) коишто ги поднесуваат кон пријавата за упис на основањето во трговскиот регистар се вистинити и се во согласност со закон.
Првните односи меѓу содружниците во овај тип на трговско друштво се уредуваат во договорот за основање на друштвото. За се друго што не е уредено во договорот за основање се применуваат одредбите од Законот за трговски друштва. како и одредбите од Законот за облигационите односи со коишто се уредува договорот за ортаклак (договор за заедница).
Како главна обврска на содружниците е внесувањето на влоговите кои се утврдени во договорот за основање. Содружникот може во јавното друштво да вложи пари, ствари, права, труд и услуги. Од моментот на вложување на влогот тој станува сопственост на друштвото. Кога содружникот кој паричниот влог не го уплатил навреме или кој парите -примени за јавното друштво не ги уплатил навреме на благајната на јавното друштво или за себе неоправдано зел пари од јавното друштво или задоцнил да ги внесе другите паричните влогови е должен на јавното друштво да му плати законска затезна камата од денот кога имал обврска да го уплати паричниот влог, или кога морал да ги предаде парите или кога парите неоправдано ги зел. Јавното друштво може да бара и надомест за штета.
Содружникот во друштвото може да го зголемува својот влог над износот утврден со договорт за друштвото , на два начина.
1.Факултативно –доколку самиот изрази таква желба
2.Задолжително – доколку е покажана загуба на друштвото , а влогот е смален по вина на содружникот.
Забрана на конкуренција
Со оглед на тоа што меѓу содружниците на друштвото треба да постои доверба, Законот за трговските друштва предвидува одредби за забрана на конкуренција меѓу содружниците. Оттука содружник на јавно друштво не смее, без изречна согласност на другите содружници, да врши работи што се во рамките на предметот на работење на јавното друштво, ниту да биде содружник кој лично одговара, да биде член на орган или вработен во друштво коешто на јавното друштво му е конкурент или би можело да му биде конкурент. Забраната не се однесува на содружник, кој при пристапувањето во јавното друштво, за тоа ги известил содружниците, освен ако во договорот за друштвото не е определено содружникот да го напушти работењето или да се откаже од него. Ако содружникот ја прекрши забраната јавното друштво може од него да бара надомест на штетата. Друштвото може наместо надомест на штетата да бара содружникот работите направени за своја сметка да ги признае како работи склучени за јавното друштво, односно на друштвото да му го предаде сето она што го примил од работите извршени за туѓа сметка или да му го отстапи своето право на она што треба да го прими од таквата работа.
Права на содружниците
Секој содружник е овластен да управува со јавното друштво, а ако содружниците се договорат управувањето со јавното друштво да му го доверат на еден или на повеќе содружници, другите содружници се исклучени од управувањето со јавното друштво. Одлуките во друштвото се донесуваат во согласност со сите содружници на кои им е доверено управувањето. Ако со договор на друштвото е определено одлуките да седонесуваат со мнозинство гласови, во случај на сомневање, мнозинството се пресметува според бројот на содружници. Секој од управителите може неодложните работи да ги изврши самостојно, ако со тоа се спречува настанување штета за јавното друштво. За преземените работи управителот треба без одлагање да ги извести другите управители на јавното друштво.
Исто така содружниците имаат право на известување. Па така содружниците кои не се управители имаат право да добијат извештај за состојбата на книгите и другите документи на јавното друштво и да постават писмени прашања за управувањето со јавното друштво, на кои мора да им се одговори по писмен пат.
Содружникот може да има право на награда за своето лично учество во работите на јавното друштво определено со договорот за друштвото.
Како едно од основните права на содружниците е и правото на учество во добивка и загуба. Добивката и загубата се делат меѓу содружниците на јавното друштво сразмерно на уделот на секој содружник во друштвото ако со договорот за друштвото поинаку не е определено. При пресметувањето на учеството во добивката, коешто му припаѓа на содружникот влоговите што содружникот ги внел во друштвото во текот на деловната година се пресметуваат сразмерно на времето коешто изминало од уплатата. Ако содружникот во деловната година го намалил своето учество во имотот, така намаленото учество се пресметува сразмерно на времето што изминало од извршеното намалување.
Основи за престанок на Јавното трговско друштво
Јавното друштво престанува со:
1) истекот на времето за коешто е основано;
2) одлука-донесена од сите содружници;
3) стечај на јавното друштво:
4) смрт на кој било од содружниците, односно престанување на содружник-правно лице, освен ако со договорот за друштвото поинаку не е определено;
5) стечај над кој било од содружниците;
6) отказ на некој од содружниците на јавното друштво на договорот за друштвото, освен ако со договорот за друштвото поинаку не е определено;
7) правосилна одлука на судот;
8) губење на деловната спосособност на еден од содружниците, освен ако со договорот за друштвото поинаку не е определено и
9) одземање на дозволата за вршење на дејноста, а јавното друштво не ја промени дејноста.
Освен овие основи во договорот за друштвото можат да бидат предвидени и други основи за престанување на јавното друштво.
–ПРАВДИКО–