Карактеристики на договорот за дело | Правдико

Правдико

   

Карактеристики на договорот за дело

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

contractСо договор за дело вршителот на работата (претприемач, изведувач на работи) се обврзува да изврши определена работа, како што е изработка или поправка на некој предмет или извршување на некоја физичка или интелектуална работа и слично, а нарачувачот се обврзува за тоа да му плати надоместок. Како суштествени состојки на договорот за дело се извршувањето на работата и надоместокот. Предметот на договорот за дело според својата природа треба да е материјален, фактички карактер, а не извршување на некоја правна работа.  Договорот може да се однесува изработување или поправка на определени предмети, извршување на определени физички работи од најобични  до работи кои бараат висока стручност. Исто така договорот може да се однесува и на извршување на некои интелектуални работи во сите области.

Обврски на вршителот на работата

Вршителот на работата е должен да му го сврти вниманието на нарачувачот на недостатоците на материјалот што му го предал нарачувачот, а кои ги забележил или морал да ги забележи, инаку ќе одговара за штетата.  Ако нарачувачот барал предметот да се изработи од материјал на чии недостатоци му укажал вршителот на работата, вршителот на работата е должен да постапи според неговото барање, освен ако е очигледно дека материјалот не е подобен за нарачаното дело или ако изработката од бараниот материјал би можела да му нанесе штета на угледот на вршителот на работата, во кој случај вршителот на работата може да го раскине договорот.

Исто така вршителот на работата е должен да го предупреди нарачувачот за недостатоците во неговиот налог, како и на другите околности за кои знаел или морал да знае, а кои можат да бидат од значење за нарачаното дело или за неговото извршување на време, инаку ќе одговара за штетата.

Главна обврска на вршителот на работата е  да го изврши делото како што е договорено и според правилата на работата.  Тој е должен да го изврши за определеното време, а ако тоа не е определено, тогаш за времето кое разумно е потребно за таквите работи. Тој не одговара за задоцнувањето настанато поради тоа што нарачувачот не му го предал материјалот на време, или поради тоа што барал измени, или што не му го исплатил авансот што го должи и воопшто за задоцнувањето настанато поради однесувањето на нарачувачот. Доколку   во текот на извршувањето на делото се покаже дека вршителот на работата не се придржува кон условите на договорот и воопшто дека не работи како што треба, и дека извршеното дело ќе има недостатоци, нарачувачот може за тоа да го предупреди вршителот на работата и да му определи примерен рок својата работа да ја сообрази со своите обврски.  Ако до истекот на тој рок вршителот на работата не постапи според барањето на нарачувачот, овој може да го раскине договорот и да бара надомест на штетата.

Што се однесува за времето за извршување на работата, доколку тоа не е договорено, вршителот на работата е должен да ја изврши работата во разумно време кое е потребно за таквиот тип на работа, земајќи ги во предвид обемот на работа и техничката опременост на вршителот на работата.

После извршување на договорената работа, вршителот на работата е должен на нарачувачот да му го предаде изработениот или поправениот предмет.Оваа обврска не се однесува при извршување на некои определени интелектуални дејствија, во тие случаи вршителот на работата е должен само да го изврши интелектуалното дејствие.  Вршителот на работата се ослободува од оваа обврска, ако предметот што го изработил или поправил пропадне од причини за кои тој не одговара.

Нарачувачот има право да врши надзор над извршувањето на работата и да дава упатства кога тоа одговара на природата на работата, а вршителот на работата е должен да му го овозможи тоа.

Одговорност за недостатоци во работата

Нарачувачот е должен да го прегледа извршеното дело штом тоа според редовниот тек на работата е возможно и за најдените недостатоци да го извести вршителот на работата без одлагање.  Ако нарачувачот на повик од вршителот на работата да ја прегледа и прими извршената работа тоа не го стори без оправдана причина, ќе се смета дека работата е примена.  По прегледот и примањето на извршената работа вршителот на работата повеќе не одговара за недостатоците што можеле да се забележат со обичен преглед, освен ако знаел за нив, а не му ги покажал на нарачувачот. Ако подоцна се покаже некој недостаток кој не можел да се открие со обичен преглед, нарачувачот сепак може да се повика на него под услов за него да го извести вршителот на работата што побргу, а најдолго во рок од еден месец од неговото откривање. Со истекот на две години од приемот на извршената работа, нарачувачот повеќе не може да се повика на недостатоците.

Нарачувачот кој уредно го известил вршителот на работата дека извршената работа има некој недостаток, може од него да бара да го отстрани недостатокот и за тоа да му определи примерен рок. Тој има право и на надомест на штетата што ја трпи поради тоа. Ако отстранувањето на недостатоците бара претерани трошоци, вршителот на работата може да одбие да го изврши, но во тој случај на нарачувачот, по негов избор му припаѓа право на намалување на надоместот или на раскинување на договорот, како и право на надомест на штетата.

Обврски на нарачувачот

Нарачувачот е должен да ја прими работата извршена според одредбите на договорот и правилата на работата како и да го исплати надоместокот на вршителот на работата. Доколку нарачувачот не ја прими работата на повик на вршителот на работата во договорениот рок, тогаш тој паѓа во доверителово задоцнување.  Примањето на работата се врши на начин, место и време како што е предвидено во договорот, земајќи ја во предвид целта и природата на работата.

Определување на надоместокот

Надоместот се определува со договор, ако не е определено со задолжителна тарифа или со некој друг задолжителен акт.  Ако надоместот не е определен, ќе го утврди судот според вредноста на работата, според нормално потребното време за таква работа, како и според вообичаениот надомест за тој вид работа.  Нарачувачот не е должен да го исплати надоместот пред да ја прегледа извршената работа и да ја одобри, освен ако поинаку е договорено. Истото важи ако е договорено извршување и предавање на работата на делови. Определувањето на надоместокот кај ваквиот тип на договори е од диспозитивен карактер. Определени промени на договорениот надомест не може да се бараат освен во определени случаи доколку се исполнети услови за раскинување на договорот или измени на договорот поради променети околности. Исто така до промена на надоместокот може да дојде и при евентуално јавување на потреба од извршување на нови работи, кои не биле земени во предвид при склучувањето на договорот.

Пресметка со изречна гаранција

Ако надоместот е договорен врз основа на пресметката со изречна гаранција од вршителот на работата за нејзината точност, тој не може да бара зголемување на надомест дури и ако во работата вложил повеќе труд и ако извршувањето на работата барало повеќе трошоци отколку што било предвидено.  Со ова не се исклучува примената на правилата за раскинување и измена на договорот поради променети околности.  Ако надоместот е договорен врз основа на пресметка без изречна гаранција од вршителот на работата за нејзината точност, па во текот на работата пречекорувањето на пресметката се покаже како неизбежно, вршителот на работата мора за тоа без одлагање да го извести нарачувачот, инаку го губи секое побарување поради зголемените трошоци.

Раскинување на договорот по волја на нарачувачот

Се додека нарачаната работа не е завршена, нарачувачот може да го раскине договорот секогаш кога сака, но во тој случај е должен на вршителот на работата да му го исплати договорениот надомест, намален за износот на трошоците што овој не ги направил, а кои би бил должен да ги направи да не е раскинат договорот, како и за износот на заработката што ја остварил на друга страна или што намерно пропуштил да ја оствари.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Појаснувања за уплатата на придонеси по основ на договор за дело и авторските договори

– Упатства од ПИОМ за уплата на придонеси од договорите за дело и авторските договори

– Пријавување придонеси кај договорите за дело и авторските договори согласно новите законски измени

 

Партнери на Правдико