Ќе има ли крај конфликтот во Појасот Газа? | Правдико

Правдико

   

Ќе има ли крај конфликтот во Појасот Газа?

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Уште од самиот почеток, значајно е да се каже фактот дека Палестина и палестинскиот народ не се обединети, и дека територијата за која тие се борат е поделена, и во одреден дел окупирана од страна на Израел. Но, Западниот брег и Појасот Газа се нешто сосема различно, палестинците кои живеат на овие територии, не се само што се поделени од страна на Израел, туку тие се и самите поделени меѓу себе. Западниот брег е контролирани од Фатах, организацијата наследник на политиките на Јасер Арафат, од друга страна пак Појасот Газа е под директна власт на Хамас, терористичката организација која е одговорна за смртта на многу невини цивили, израелски и палестински.

10544384_10203783808051558_4401448645592540170_n

Самиот факт што Хамас константно користи невини цивили како човечки штитови, не само за заштита на ракети и ракетни складишта, но и за скоро сите свои операции во конфликтите кои ги води спрема Израел, ја прави оваа терористичка организација една од најсмртоносните и најзастрашувачките организации во тој дел од светот. Стратегијата која ја користи Хамас, колку и да е неверојатна по се изгледа дека успева да има некакво влијание во конфликтот кој во моментов тлее во Појасот Газа, со тоа што за разлика од претходните конфликти помеѓу Израел и Хамас, овој пат жртвите кај израелците се зголемуваат од ден на ден. Уште од самиот почеток значајно е да се каже дека неколку години по ред, Израел не војува со палестинците, туку војува со Хамас. Се додека Хамас го гранатира Израел и киднапира израелски војници, израелците немаат зошто да преговараат со Хамас, а со тоа конфликтот помеѓу двете страни постојано се зголемува и продлабочува.

hamas_militantsПостојат повеќе причини зошто овој конфликт нема да запре преку ноќ, но на прво место е фактот што од едната страна се наоѓа едно општество како израелското, каде безбедноста е секогаш на прво место, додека пак од спротивната страна се наоѓа терористичка организација.  Во овој поглед, конфликтот помеѓу двете страни е сам по себе, неизбежен. Колку и да се обидуваат и едните и другите да преговараат или да разрешат некои свои недоразбирања, тие секогаш ќе се навраќаат на првичната позиција, а тоа е целосен пораз на непријателот, кој и да е тој. Причината зошто е тоа така, може да се најде уште од самото создавање на Израел како држава.

Израелското општество, во случајов со причина е општество во кое што на прво место е поставена општата безбедност на своите граѓани. Корените на ваквата поставеност во Израел се наоѓаат од војната за независност од 1948 година, во која  израелците се избориле за својата држава наспроти неверојатните шанси за успех и далеку побројниот непријател. Проблемот кој од тогаш постои помеѓу палестинците и израелците е проблем кој нема да се реши така лесно, и двете страни имаат многу дадено и многу изгубено во меѓусебниот конфликт. Палестинците ја изгубиле скоро цела територија на која живееле до тогаш и доживеале егзодус кој никогаш нема да го заборават, и за кој до некаде се и самите виновни.

Велам самите виновни, бидејќи уште во 1947 година и на двете страни во конфликтот им било понудено решение од страна на Обединетите Нации, за поделба на територијата на еднакви делови и ставање на Ерусалим под меѓународна контрола, план кој што израелците го прифатиле, а палестинците го одбиле, притоа заколнувајќи се дека ќе го поцрвенат средоземното море со еврејска крв. Од друга страна пак, од 1948 година, па се до денес, Израел се наоѓа во една состојба на постојани војни и конфликти, во постојана борба за заштита на своите граѓани. Во секој случај, Израел има право да се заштити од секаков напад, а од друга страна пак тука е и правото на палестинците за сопствена држава. Какво и да било минатото, и двете страни мораат да гледаат кон иднината, за доброто на генерациите кои ќе дојдат по нив, генерации кои не заслужуваат да го живеат тоа што овие два народа си го прават едни на други веќе 60 години.
10407277_10203783808131560_2327006027478045756_nНо, првиот чекор во овој поглед мора да биде разоружувањето на терористичките организации кои го злоупотребуваат палестинскиот народ, тука пред се, се мисли на Хамас, кој се бори за се освен за слободна Палестина. Вистина е дека палестинците се дискриминирани, со тоа што и тие како и сите останати имаат право на самоопределување, и имаат право да живеат во сопствена, слободна и демократска држава. Но, патот кон независноста не смее да биде преку мртви тела, без разлика од која религиска припадност или пак од која националност се тие. Во овој поглед значајно е да се истакне дека во палестинските територии, живеат и голем број на христијани, кои уште од самиот почеток се борат против израелската окупација на западниот брег, еден од нив е и основачот на “Народниот фронт за ослободување на Палестина”, Џорџ Хабаш кој беше православен христијанин. Христијаните во тој дел од светот биле и се присутни уште од самите почетоци на христијанството, а голем дел од палестинските христијани со години ја подржуваат борбата за независна Палестина. Но, во последно време, се потешко е да си христијанин во палестинските територии, од причина што тие христијаните се честа мета на следбениците на Хамас, како и на останатите религиозни радикали, чиј број се чини се повеќе се зголемува.

Историјата ни покажува дека ниту една од двете страни во овој конфликт кој со прекини трае веќе 60 години, нема да се повлече, се до целосната победа над својот непријател. Борбата која ја водат израелците и палестинците, е длабоко навлезена во двата народа, и едните и другите имаат премногу дадено и премногу жртвувано за да се повлечат сега, за да се повлечат така лесно. Колкава и да е подршката за независна Палестина, мораме да се запрашаме, каква држава би била таа, и под чија контрола би била истата, под демократски избрани органи и институции или пак под контрола на терористички и радикални организации?

10349212_10203783838012307_7034528090160216394_nВо овој случај, фактите не говорат ништо позитивно за палестинците, барем до сега. Од друга страна пак, за сите овие години, Израел успеа да ги прекрши скоро сите меѓународни правила во својот конфликт со палестинците. Но, дури и да се воспостави независна палестинска држава, се поставува прашањето не само како би функционирала истата, но уште поважно, кои би биле нејзините граници, од проста причина што барем во западниот брег, израелските населеници се присутни веќе 60 години. Во западниот брег или како што израелците го нарекуваат, Јудеја и Самарија, живеат скоро 400.000 израелски граѓани, па според тоа, доколку некогаш дојде до некаков “разумен компромис” помеѓу двете страни, кои би биле нивните граници. Се разбира тука е и прашањето за Ерусалим, кој и за двете страни е неделив главен град на својата држава.

Постојат многу непознати и многу неодговорени прашања за постигнување на долготрајно решение помеѓу двете страни, но ниту едно од нив не е нерешливо доколку се има желба и волја за заедничко решение. Останува да видиме каква ќе биде иднината на овие два народи и дали конечно ќе успееме да видиме крај на крвопролевањата кои се веќе секојдневие во овој дел од светот. Во секој случај, мирот и иднината на генерациите кои доаѓаат се во рацете на израелците и палестинците и нивната можност за изнаоѓање на заемно прифатливо решение кое ќе води кон долготраен мир помеѓу двата народа.

Автор: М-р Јован Ѓорговски

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико