Ќе опстои ли Ирак како држава?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Последниве неколку денови се обележани со заживувањето на “граѓанската” војна во Ирак. Се чини дека историската религиозна нетрпеливост повторно заживеа во овој дел од блискиот исток, или пак воопшто и не исчезнала – тоа е делот кој Исламска држава на Ирак и Левант – ИДИЛ, се обидува да го разгори.
Се работи за една силна идеолошка група која го искористува политичкото незадоволство од една заедница, во случајов сунитите кои се малцинство во државата, со цел да поттикнат секташка војна со останатите религиозни групи кои постојат во Ирак. Кревкиот политички систем на Ирак и неуспехот на политичката елита која за свој приоритет не го постави помирувањето на нацијата, туку личната добивка, која своевремено доведе и до колапс на самата верба во политичкиот систем, притоа оставајќи го Ирак ранлив на религиска пропаганда.
Уште од самото формирање на Ирак како нација-држава од страна на европските сили, оваа држава била сметана за вештачка држава, која брзо би ја доживеала својата пропаст. Сунитската елита била таа која била инсталирана за да владее над мнозинското шиитско население и над нервозната курдска заедница, која се борела и ја загубила битката за независност. Но, во текот на ирачката историја, важноста на идентитет и религиозната припадност, се појавувала и исчезнувала во согласност со самата промена на политичката реалност.
Ирак е формиран како држава, веднаш по колапсот на отоманската империја по првата светска војна. Човекот кој дошол на чело на оваа нова држава, Фајзал најпрво се прогласил за крал на Сирија и Ирак, но бидејќи Сирија потпаднала под француска управа по првата светска војна, британците го поставиле Фајзал за крал на Ирак, кој требало да служи за марионета на британските интереси во регионот, за да бидат работите поинтересни, Британците одземале дел од територијата на Ирак, и создале посебен, помал емират кој го добива името Кувајт.
Уште од самиот почеток, монархијата во Ирак не била воопшто популарна, па 30 години по нејзиното создавање, Последниот ирачки крал бил убиен за време на државниот удар од страна на републиканските воени офицери, еден од нив и вујкото на Садам Хусеин, преку кој истиот еден ден ќе дојде на власт. Проблемот со кој сега се соочува Ирак е нешто што секогаш постоело, религиските поделби во оваа држава отсекогаш биле дел од секојдневието.
Во суштина, ситуацијата во Ирак е следнава, југот на државата е претежно населен со шиити додека пак северот со сунити, од кои голем дел се Курди. Во суштина, религијата кај населението во оваа држава е доминантно муслиманско од кое некои 65% се муслимани шиити, додека пак некои 30 до 32% се муслимани сунити, останатиот дел го претставуваат христијаните кои на овие простори живеат уште од самите почетоци на христијанството. За да биде ситуацијата по комплицирана, за разлика од религискиот состав, етничкиот состав носи дополнителни проблеми, доминантното население се арапите, постои и помал дел на Асирци, но северниот дел од Ирак е населен со Курди, ирачкиот Курдистан е единствениот дел од Курдистан (делови од кој се наоѓаат и под Иран, Турција и Сирија) кој има своја автономна управа.
Под власта на Садам Хусеин, кој беше сунит, сунитите владееа скоро 40 години над мнозинството шиити во државата, со падот на Хусеин по американската интервенција во 2003 година, и воведувањето на “демократски избори”, на власт дојде мнозинско шиитска влада, која иако се обврза дека ќе биде толерантна кон останатите во државата, тука пред се мисли на сунитите, се чини дека шиитската влада, на чело со Нури Ал-Малики го искористи целиот период за време на, и по американската окупација, не само за полнење на своите џебови, но и за еден вид на одмазда спрема малцинството кое долги години владееше со нив. Токму затоа реториката на ИДИЛ е таква каква што е, и затоа тие наидуваат на подршка во северниот дел од државата. Во суштина конфликтот кој веќе повеќе од 3 години тлее во Сирија, се префрли на територијата на Ирак.
Причините зошто конфликтот во Сирија успеа да се префрли на територијата на Ирак, можат да се пронајдат во главно во тоа што, во моментов и во двете држави, најголемиот дел од борбите го водат муслиманите сунити, против своите сограѓани кои се од различна религиска припадност. Меѓутоа, главната разлика е во тоа што за разлика од Сирија, каде што сунитите кои се мнозинство како државата, веќе 50 години беа потиснувани, во Ирак ситуацијата е обратна, тие (сунитите) беа малцинството кое владееше над мнозинството шиити во државата.
За да биде уште по интересно, како во Сирија, така и во Ирак, ситуацијата се создава и користи од страна на двете големи сили во тој регион, Саудиска Арабија и Иран. Никој веќе неможе да го негира фактот дека голем дел од бунтовниците во северниот дел на Ирак се на директен или индиректен начин финансирани, па дури и вооружени од страна на Саудиска Арабија, која одамна се смета за заштитник на интересите на муслиманите сунити во регионот. Од друга страна пак, и улогата на Иран во целиот регионален конфликт не е воопшто мала, а со тоа ни помалку значајна. Иран е државата која го подржува режимот на Ал-Асад во Сирија, и Иран е државата која што во моментов ја подржува доминантно шиитската влада на Нури Ал-Малики во Ирак. Со други зборови, територијата на Ирак веќе одамна престана да биде поле за борба против САД и нејзините сојузници, а наместо тоа, се претвори во поле за борба на регионалните сили и нивните долгорочни интереси во тој дел од светот.
Во секој случај, борбите кои веќе се водат на територијата на оваа држава, нема да запрат во брзо време. Иако низ американската и британската јавност од време на време се збори за некаква повторна интервенција, сепак мали се шансите за такво нешто, што значи дека судбината на Ирак е оставена во рацете на граѓаните кои живеат таму. Останува само да видиме дали Ирак ќе опстои како држава на два народа и две различни религиозни определби кои ќе се толерираат меѓу себе и ќе соработуваат за својата иднина.
Но, се поголема е веројатноста, за која веќе одамна се говори, а тоа е поделба на државата на 3 дела, северниот на сунитите, јужниот на шиитите и независна курдска држава. Последново сценарио по се изгледа дека би било најдобро, со оглед на историската омраза која постои и кај едните и кај другите. Во исто време не смее да се заборави и улогата на Саудиска Арабија и Иран, кои во моментов играат доста опасна игра со државите во регионот, притоа користејќи ги и злоупотребувајќи ги религиозните чувства на милиони луѓе од регионот, кои барем во моментов, пред се, треба да се борат за подобар живот за себе и за следните генерации.
Автор: М-р Јован Ѓорговски
–ПРАВДИКО–