Ќе се зголемуват платите на судиите и јавните обвинители | Правдико

Правдико

   

Ќе се зголемуват платите на судиите и јавните обвинители

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

ilustracija-sudstvoВо Собранието на Република Македонија предложени се измени во Законот за платите на судиите и во Законот за платите на јавните обвинители. Со овие предлог измени се врши дополување во делот на додаоците на плата кај судиите и кај јавните обвинители со што се врши зголемување на нивната плата во зависност од ризиците во работата и прекувремената работа.

Со Предлогот на законот за платите на судиите се доуредува системот на плати, надоместоци на плата, други надоместоци и примања на судиите. Во предлогот се додаваат два нови члена: 7-а и 7-б со кои се утврдуваат основите поради кои се зголемува платата на судијата и тоа:

-работа подолга од полното работно време во висина од 35% и

-работа во деновите на празници во висина од 50%

Со одредбата 7-б се воведува правото на додаток на плата за работа на судијата во посебни услови, при висок ризик и доверливост во работењето, чија висина и начин на утврдување ќе се уреди акт кој ќе го донесе Судскиот совет на РМ. Ова се предлага имајќи ја во предвид природата на работата на судовите, која во одредени случаи бара итно постапување и превземање на дејствија од страна на судиите и надвор од редовното работно време и за време на деновите на празник. Судскиот совет како орган кој треба да ја гарантира и обезбедува судската независност, во остварување на оваа своја надлежност исто така треба да одлучува и за утврдување на висината на додатоците на плата.

Предлог измените во Законот за платите на судиите можете да ги превземете ТУКА

Предлогот на Законот за платите на јавните обвинители содржи четири члена. Се пропишува дека коефициентот на плата на јавен обвинител кој раководи со одделение во јавното обвинителство се додава 0,2. Со овие дополнувања  се изедначува коефициентот за зголемување на платата на јавниот обвинител кој раководи со одделение во јавно обвинителство со коефициентот за зголемување на платата на судијата кој е претседател на оддел или одделение во судот.

Се додаваат два нови члена 6-а и 6-б. Со оглед на природата на задачите што ги извршуваат јавните обвинители, а особено имајќи ги предвид новите законски решенија со кои истрагата целосно поминува во надлежност на јавното обвинителство, често се наложува потреба да покрај дежурниот јавен обвинител се ангажираат и други јавни обвинители и административни работници. Оваа потреба од дополнително ангажирање на јавните обвинители вон редовното работно време е условено од природата на работата на јавното обвинителство, бидејќи потребните дејствија мора итно и без одлагање да се преземат и да траат без прекин до нивното завршување.

Со прифаќањето на решението за исплаќање на додаток на плата за прекувремена работа и посебни услови за работа кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон и ноќна работа ќе се реши овој проблем. Од друга страна борбата против меѓународниот организиран криминал и тероризам и ефектите кои ги предизвикува на национално ниво, глобалните нови видови на криминал, појавувањето на нови облици на структури и организации на криминални групи сами по себе претставуваат опасност и закана по телесниот интегритет на јавните обвинители, поради што е потребно утврдување на посебен додаток на плата за висок ризик.

Исто така, за откривање на овој вид на криминал најчесто се применуваат посебни истражни мерки, со кои се прибавуваат информации чие неовластено откривање би предизвикало загрозување и нанесување непоправливи штети на трајните интереси на Република Македонија, поради што јавните обвинители дополнително треба да презимаат активности и мерки со кои се обезбедува нивна заштита, воедно и самото располагање со таквите податоци недвосмислено може да доведе до загрозување на интегритетот на јавниот обвинител, а со тоа и целосно уништување на доказите прибавени на тој начин кое би резултирало со неможност во кривичната постапка да се прибават неопходните докази.

Со оглед на ова, произлегува неопходноста од утврдување на посебен додаток за доверливост. Со членот 3 се уредува материјата за дежурствата. Обврската за организирање дежурства на јавните обвинители произлегува од член 27 став 1 од Законот за јавното обвинителство кој гласи: “Заради непрекинато извршување на функцијата во јавното обвинителство се организираат дежурства на јавните обвинители.” Со постојното законско решение надоместокот за дежурство на јавниот обвинител по завршувањето на редовното работно време до започнувањето на работното време наредниот ден е поврзано со износот на дневницата за службено патување утврдено на ниво на Република Македонија, во работни денови изнесува 60% , а во деновите во кои не се работи изнесува 80% од дневницата за службено патување, доколку пак дежурството се врши дома надоместокот изнесува 30% од утврдениот износ од дневницата за службено патување.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на буџетот на Република Македонија за 2010 година („Службен весник на РМ“ бр.95/10) членот 13 со кој беше утврден износот и начинот за пресметка и исплата на дневница за службени патувања во земјата се брише, со што се брише – укинува и основицата за пресметување на надоместокот за дежурства, заради што не постои можност да се исплати надомест за извршените дежурства на јавните обвинители и административните работници. Неможноста да се исплати надомест за извршените дежурства наспроти организирањето на дежурствата во јавните обвинителства и нивното извршување генерира проблеми кои што со предложеното изменување на член 12 од законот ќе се надминат и ќе се создадат можности за пресметување на висината на надоместокот за дежурството и негова исплата.

Предлог измените во Законот за платите на јавните обвинители можете да го превземете ТУКА

Препорачуваме

Партнери на Правдико