Кираџии измамници преку ноќ му го испразниле станот на скопјанец | Правдико

Правдико

   

Кираџии измамници преку ноќ му го испразниле станот на скопјанец

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Сопственик на стан договорил едногодишна кирија, останал со финансиска штета од половина милион денари

FFAC5F78B477694683EA15CA42242617

Педесет и петгодишен скопјанец станал жртва на несекојдневна кражба во станот што планирал да го издаде. Наместо едногодишна кирија, добил „исчистена“ покуќнина, главоболки и финансиска штета од половина милион денари. Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни кога на своја рака се впуштаат во склучување договори, бидејќи многу лесно можат да станат цел на вештите измамници.

Несекојдневната кражба е евидентирана минатата недела, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи. Приказната започнала кога скопјанецот го огласил за издавање станот во населбата Мичурин. На огласот се пријавил човек, кој тврдел дека е инженер од Струга на работа во Скопје. Се претставил како Дарко. Со него била и девојка, со која, планирал заедно да живее во станот. По кратко договарање околу цената и условите, паднал договор за едногодишно рентање. Бидејќи било доцна навечер, двете страни одлучиле бизнисот официјално да го склучат и потпишат наредниот ден. Добриот газда им го оставил клучот од станот на новите кираџии за да се сместат, а тој си заминал дома задоволен од завршената работа. Откако наредниот ден, „стружанецот“ не му се јавувал на мобилниот телефон, скопјанецот отишол да види што се случува. Се фатил за глава кога видел дека од станот останале само ѕидовите и делови од кујната, кои крадците не успеале да ги размонтираат.

„Одземен е мебел и бела техника, столови, маси фрижидер, машина за перење… Направена е штета од 500.000 денари“, велат од полицијата и дополнуваат дека работат на откривање на измамниците.

Граѓаните, кои ги изнајмуваат своите имоти, како и агенциите за недвижности, кои посредуваат во склучувањето договори, предупредуваат дека наивноста во ваквите случаи може да чини многу повеќе од превидениот ќар со добиената кирија.

„Мора да се внимава на секој дел, од тоа дали е договорено на кој ден ќе се врши исплатата, кој ќе ги плаќа режиите за струја, вода, парно и телефон, па до тоа кој ќе ја плати штетата доколку некое парче од покуќнината се расипе, оштети или украде. Навистина е нејасно како е можно некому што го гледаш првпат, да му дадеш клуч и стан на располагање без да им земеш лични карти или да се осигуриш на кој било начин“, објаснуваат агентите.

Тие велат дека гаранција нема дури и кога изнајмувањето оди преку агенции, бидејќи тие единствено ги запознаваат газдата и кираџиите (добиваат провизија во висина од една кирија, која рамномерно ја исплаќаат двете страни), а потоа самите ги договараат условите.

„Главно, се договара две кирии да се исплатат однапред и тие се единствената гаранција. Најчесто се потпишуваат бланко-договори, но треба да се напомене оти тие немаат правна важност. За да имаат, потребно е документот да добие заверка кај нотар, но мал дел од граѓаните го прават тоа за да се избегне поголем трошок. Задолжително е пријавување и одјавување во УЈП, ама и тука се случува да биде пријавена помала сума од договорената (парите одат преку трансакциска сметка и се наплатува данок), а остатокот да се добие под рака“, велат агентите.

Потенцираат дека паметно би било во договорот да се направи попис на работите и предметите што се затекнуваат во станот, за подоцна, кога ќе дојде до раскинување на договорот да нема нејасностии.

„Сепак, нашето искуство говори дека тоа главно се прави во луксузно наместените домови“, велат агентите за недвижности.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико